Нешто како да не е во ред со организаторските афинитети на човекот во процесот на изградбата на општествено-економската структура, која на еден мошне разумен начин би ги одбегнала огновите на крвопролевањата што ја следат со векови. Војната е најцрниот облик на деструкција од наличјето на една цивилизација, која носи и остава катастрофални последици. Статистички, многу куси периоди останале надвор од досегот на огнот, смртта, пандемиите и другите човечки трагедии. Јавачите на апокалипсата биле постојано присутни во историјата на цивилизираниот свет со својата исклучително моќна доминација, која им пркосела и засилено го нагризувала нивото на разумот и вистинските вредности, кои отсекогаш биле императив на човештвото.
Нема да се враќаме многу назад низ историјата иако таа не е предмет на масовна заинтересираност на денешниве млади, кои акцентот на врвната поставеност на вредностите го ставаат врз „слаткиот живот“, односно брзите пари и хедонизмот, како и на својот космополитски статус. Сепак, речиси два века наназад за времето како апсолутна вредност на нашето постоење и не е многу далеку. Се разбира, малку иронија што ги стеснува патеките на оддалеченост. Значи, ќе ја спомнеме Монроовата доктрина од 1823 година. Американскиот претседател Џејмс Монро јавно се буни против присуството на Светата алијанса на европските сили во нивните некогашни колонии на двата американски континента. Со еден збор, неговата доктрина ги содржела следните дури и ултимативни начела:
– забрана за понатамошна колонизација на двете Америки од страна на европските сили;
– забрана за внатрешно мешање во истите држави и изјава на САД дека нема воопшто да се мешаат во европските конфликтни ситуации, ниту во нивните односи.
Толку од почитуваниот Џејмс Монро и неговата доктрина. Се разбира, светот и односите се жива материја, па многу последователни настани ја демантираа оваа доктрина, иако таа треба да биде поздравена.
Одбивно е да се води статистика колку конфликти и воени судири се случија во временската дистанца од 1823 година, бидејќи сите тие се трагедијата на човештвото. Војната всушност е плод и продолжение на политичко-дипломатскиот ќор-сокак, во кој славните политички имиња, кои се доминантни над сите други професии, наметнуваат состојба на Гордиев јазол, кој може да се расчисти единствено со хируршки зафат. Се разбира, за цената не се прашува оти и така нѐ има многу на оваа планета, нели?
Состојбите пред воените судири наликуваат на гнојарник или чир што во својата утроба постојано трпа кутри бели зрнца, кои се жртвуваат за да го одбранат организмот од болеста што го атакувала. На што се должи сето тоа и како може да се спречи ерупцијата од која може да зарази голем дел од ткивото? Бидејќи војните се и наше секојдневие, значи дека одговор нема и покрај толку многу мудри глави или интелект. Но постои навестување дека на војната ѝ претходат проблемите натрупани во нереалниот пристап кон економските законитости.
Од досегашните искуства, секоја голема економска криза посегнува по милитантни решенија со многу човечки страдања и уништување на материјалните добра. Не е посакувано да веруваме во теоријата на милитаризмот дека по секое разурнување доаѓа до економски просперитет и привиден мир во наредните десетлетија, но логиката го наметнува тоа.
Големата депресија во САД од 1929/39 била огромен економски пад што се пренел низ светот. Најголемата економија, голема поврзаност со сите земји, економска пандемија. Драстичниот пад на цената на акциите во САД како најсилната економска сила во тоа време довела до декада на економска депресија. Падот на вредноста на цените на акциите на њујоршкиот Волстрит во октомври (нам ни е следен месец, повторно иронија) и таканаречениот „црн вторник“, како последица ги забележаа рекордната невработеност и неуспешните инвестициски обиди. Се сеќавам на филмот на Олдрич, „Воз за две битанги“, во кој на сликовит начин е даден опис токму на оваа голема депресија. Суровиот надзорник на железничката композиција (Ернес Борџин), која од југот на САД носи стока на север, крваво се пресметува со гладните илегалци што мигрираат кон индустриски развиениот север предводени од Ли Марвин.
Како резултат на големата депресија, која пандемиски се шири низ целиот свет, Адолф Хитлер е поставен за канцелар на Германија. Се случува нацистите веднаш да прогласат национален бојкот на претпријатија што биле сопственост на богати Евреи и веднаш го отвораат нивниот прв концентрационен логор во Дахау. Милитаризирајќи го општеството, фирерот од „една вреќа германски марки за еден леб“, ја внесува Германија во воена економија со галопирачки успеси. За тоа време, новоизбраниот американски претседател Френклин Делано Рузвелт, кој за конец го одбегна атентатот што му го подготвиле, го инаугурирал програмата „Њу дил“, ја окончал прохибицијата (забрането производство, точење и консумирање алкохол) со која се занимавало американското подземје на Ал Капоне, Џон Дилинџер и другите мафијашки босови и започнал радиоразговори во кои директно ги слушал радиомислењата на обичниот Американец и одговарал на неговите прашања и потреби.
Што е во оваа поставка индикативно? Ова беше еден историски приказ за она што постојано му се повторува на човекот и човештвото и што може да биде реална закана и за денешните состојби. Нешто слично се случувало и пред Првата светска војна, но ова е пример што може да нѐ засегне денес. Начинот на кој се спроведувала економијата со сите нејзини законитости, кои се такви сѐ до моментот кога елитите со своите бескомпромисни постапки и алчноста во борбата за профит газат врз правилата што сами ги изгласале и ги негираат дотогашните вредности на пазарот, имаат насушна потреба од катализатор. Станува збор за симптом на растечка нервоза кај инвеститорите, паѓање на цените, паѓање на продажбата на стоката за широка потрошувачка поради хиперпродукцијата, паѓање на извозот и нееднаквост на приходите. Се разбира дека денешната економска слика е многу поразлична од горенаведената, но во многу нешта со себе ја носи хипотеката од минатото. Згора на сѐ, наивно е да се верува дека не постојат затскриени проблеми што ја отежнуваат сликата за можна депресија од посилен обем.
Индикативно е што гнојарникот повторно се полни. Руски напад на Западот на Украина. Претпоставено уништено депо за „Ф-16“ со четири авиони. Погодена клучна база во Израел за „Ф-16“, бомбардирања врз Либан и Сирија, цивилни жртви. Грузија пред нов „Мајдан“? Крвави судири во Курската област, промена во стратегијата за употреба на нуклеарно оружје во Русија, осум милијарди долари помош од САД за Украина, латентни ама и активни судири во Судан, Етиопија, Мали, инфлаторни процеси со игра на нереални цифри, масовни миграциски процеси, голем пад на цената на литиумот во земјата на „Рио Тинто“, Австралија, балканска перманентна рапсодија со транзициски процес за влез во Европската Унија, процес што се претвора во водвиљ… впрочем како и целиот циркус во светската политика. Ако постои организацијата на Обединетите нации тогаш нема потреба од Меѓународна заедница како паралелна самопрофилирана форма на либелата на слепата правда…
Друштвото на народите не ја исполни својата основна цел. Бидејќи италијанските инвазиони трупи на Бенито Мусолини стрелале во шатори со персонал на Црвениот крст, реагирале членки на оваа некогашна организација. Одговорот на италијанскиот диктатор дека „друштвото е многу добро кога врапците викаат, но не е воопшто добро кога орлите паѓаат“, јасно зборувал за тоа дека попусто е постоењето на една таква организација. Што со ОН и нејзиниот генерален секретар, кој пред некој ден очајнички замоли војните да запрат, без можност да учествува во одлуките. Монроовата доктрина е навистина разумно решение за некои од проблемите што ја измачуваат светската јавност, но недоволна за целосно освежување на односите во светот, кои се на точка на ерупција на гнојарникот. За еден нов почеток, можеби доволно…
Љубомир Јованоски