Глобално затоплување – средба со Армагедон

Некои експерти велат дека за 40-50 години „Македонија ќе биде пустина“. Таа веќе сега гори – се пржи! Светот ќе биде пустина. Температурата и ефектот се зголемуваат нелинеарно. Што да се стори? Парискиот договор е политичко-технички консензус за смалување на факторите што влијаат, а последица може да бидат тоталитарни режими и пад на индустријата

 

Сега имаш два избора – да направиш нешто или да се иселиш. А каде ќе се селиш, алооо? Во Сибир, Канада, Алјаска, Северен Пол…? Не те сакаат, бе батка! А утре уште помалку ќе те сакаат. Љубовта е сега код, дигитален бог. Сепак, бори се. Борбата е илузија за живот. Прво, направи притисок врз системот – пропаганда, медиуми, пријатели, Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Тикток, отвори свој портал, притискај, досаѓај – прави сѐ! Дома произведувај компири и земјоделство. Ископај бунар. Стави еколошка струја

Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио

Ние веќе не се затоплуваме – ние се пржиме, гориме. Среќни сме што не сме свесни за тоа. Еуфорично ги гледаме случувањата и фактите, расположени, како да сме на филмска претстава. Фактите не се тие што пржат, пржи огнот. Демек некој друг му ја мисли, а ние – ај да си одиме на летување да си ги потрошиме последните ни парички (милијардичка во Грција), оние од под перницата крваво заработени, на „плажичка миличка“. А би можеле да помислиме на некаква колективна инвестиција, ете на пример превенција од затоплување. Ќе дојде и тој момент, во зорт, верувајте! Ме потсеќа на моите дедо, баба, роднини во Битола, кои ги собраа во вагони за во Треблинка. Си велеа „ние се враќаме, други ќе умрат“. Тие не изгореа од сонце, од друго изгореа, од луѓе изгореа. А ние, распослани во цел свет гориме од сопствената глупавост. Ова може да биде помор потежок од ковидот, посмртоносен и од холокаустот, верувајте.

Мојот другар Јован Манев, одговорен за информации во ИБМ, беше полимат и гениј. Имаше гигаинформации во главата за сѐ, а и безброј идеи. На пример, тој одреди датум кога се појавила „Бетлехемската ѕвезда“ и кога ќе се појави повторно. Исто така прочачка и некои кодови од Библијата, на пример написот „ИНРИ“, па ковчегот на заветот и Кумранските записи. За квантум-компјутери од него научив пред 40 години, кога овде уште никој не чул за нив. Од Библијата разви некој математички модел, кој одредува интеракции на честички, квантум-информации, потоа загревање на тело според Болцман и Планк. Земјата сега се загрева по тие закони, со кумулација на енергија од сонце и вештачки енергии (горива, нуклеарни, електрични), која (вели тој) до 2060 година ќе го загрози и можеби ќе го прекине животот на планетата.

Инаку, од внатрешноста на земјата „истекува“ енергија од близу 50 теравати, а индустријата произведува вкупно 20 теравати годишно (нафта, гас, ќумур, нуклеарна, ветер, водна енергија итн.) со постојано зголемување. Од сонцето со зрачење или преку „соларен ветер“ доаѓа енергија од 173 теравати, континуирано. Околу 80 отсто ирадира („се враќа“) во космосот, а 20 отсто се апсорбира во океаните, вечниот снег, земјата и воздухот – што значи се задржуваат меѓу 40 и 50 теравати (дупло од онаа што се користи). Уште пострашна е Малтузијанската катастрофа, што значи во еден систем ако инпутот расте линеарно, а аутпутот расте нелинеарно. Томас Малтус велел дека ако храната се зголемува линеарно, популацијата се зголемува нелинеарно и таа формула се користи по аналогија за многу појави. Во нашиот случај, ако температурата се зголеми еден-два Целзиусови степена, последиците (на пр. смртноста) се зголемуваат пет отсто.

Но, затоплувањето на Земјата не е само директен физички процес туку и хемиски, поточно физичко-хемиски. Природно, постои заштита од сончевото озрачување кое се вика „стаклена градина“ (СГ) – нешто како „природен инкубатор“ што ја одржува потребната температура. Тој не дава претерано озрачување на површината, но не дава и претерано ладење (нешто како облека кај човекот). Без таа СГ не би постоел живот на Земјата и затоа нашата планета ја викаат „златокоса“. Такви супстанции се јаглерод диоксид, метан, озон, азотен оксид, хлорофлуорокарбони, радиоактивни пареи, аеросоли и водена пареа. Овие се создаваат природно и вештачки. Ако ги има премногу – Земјата се прегрева (нешто како „преоблекување“). Тие што ја нарушуваат рамнотежата се вештачките извори. Влијателни фактори може да бидат ветрови, циклони, влажност, морско-океански струи, сончеви дамки (в. подоцна), тектонски случувања (цунами, земјотреси, вулкани, подигање на Арктикот, континентални движења), промена на оската на ротирање (Миланковиќ циклуси, но влијаат топење на мразот и тектонски случки), истек на нафта, промена на струи (на пр. Голфска). Главна „откриена“ супстанција засега е јаглерод диоксидот, кој постои и нормално (дишење на организмите, горење), но и вештачки се зголемува со индустријата – од горива (ќумур, нафта, гас) и палење шуми. Полувреме на исчезнување му е над сто години. Метанот се создава и природно (бактерии) во шуми, тревни ливади, езера и други места, но и индустриски. Полуживотот му е десет години и поради тоа сега се инсистира на негово полесно елиминирање. Сончевите дамки се важни, бидејќи тоа е апсорпција на енергијата во сонцето и ако ги нема, зрачењето се зголемува. На пример во 17 век тоа коинцидира со поплави, мраз, глад, болести (чума) револуции во Англија (Кромвел), Русија, Кина, Јапонија, убивање кралеви. Во 1666 година Њутн ја напишал книгата „Принципиа математика“. Имало и голема вулканска ерупција на Хуаинапутина (Анди) со климатски промени. Циклуси имало секогаш – во Стариот завет Јосиф предвидел седум плодни и седум сушни години и така превенирал од глад. Значи, предвидувањето може да значи спас на животи. Денес предвидувања се прават со суперкомпјутери и математички модели.

Инаку, пресметаното зголемување на температурата е 0,18 Целзиусови степени за деценија. Ова е од линеарна равенка, а зголемувањето е нелинеарно – логаритамско. Математичко моделирање на климатските промени почнал познатиот математичар-филозоф Фурие. Од него потекнуваат името „стаклена градина“ и формулата ∆T = Q(Т) – q (десно – првиот дел е сончева ирадијација, а вториот одбивање од земјата). Потоа Навиер-Стокс, Арнолд и Будико со диференцијални равенки (1969 г.) ја симулираат динамиката на временските промени. Интересно, циклусите на временски пристапи се слични како во економијата (Кондратиев, Кузнец) и успешно се симулираат со низата на Фибоначи. Денес се користи артефициелна интелигенција (machine learning, deep learning, neural GCM) за прецизно предвидување. Парадоксално – дијагностиката напредува, а времето се влошува. Најмногу за влошувањето се одговорни најразвиените земји, кои тешко решаваат да преземат мерки. И системот е секако голем фактор (профит, пазар, ексцес на производство, супресија на државна контрола, депонии, војни, воена индустрија, финансиски притисок, транспорт, потреба за енергија што ќе биде двојна за 2025, неадекватна контрола на нафта, гас, атомска енергија, хемиска енергија, сечење шуми, пожари, загадување на океаните, фрлање јодирано сребро, уреди за контрола на климата – ХААРП, геоинженеринг итн.). Зголемените пожари во Македонија и во светот придонесуваат за глобалното затоплување. Пожарите ќе се зголемуваат следните години нелинеарно ако не се преземат превентивни мерки („Малтус ефект“). Затоа повторуваме – превенција-превенција-превенција!

ЦДЦ (Center of Disease Control) објави дека меѓу 1999 и 2023 година имало 21.518 смртни случаи во САД, директно или индиректно од температурите. Во светот смртноста е проценета на седум милиони годишно, а загубите се над пет трилиони долари. Прав холокауст. Овде не се сметани жртвите од урагани, пожари, земјотреси итн. Ризични групи се стари луѓе, хронично болни, војници, морнари и физички работници. Ние последните десетина години немаме морталитетни студии за ништо – освен за ковид-19, кои се со сомнение за необјективност. Пентагон тврди дека за десет години армијата на САД ќе биде неефективна поради климатските промени (US Army War College 2018). Здравствени последици од климатските промени се: топлотен удар (температура, грчеви, губење на свеста, кома), кардиоваскуларни болести, нервни болести, инфективни болести и смрт. Социјални последици се: намалена работоспособност, сиромаштија, миграции, немири, конфликти, фанатизми, намалена безбедност и војни. Биолошки последици се: смрт на некои видови, особено во океаните и шумите, со што се намалуваат храната и производство на кислород во атмосферата. Економски последици се: сиромаштија, еколошки катастрофи, недостиг од храна, вода, инфлации и миграциски притисок.

Некои експерти велат дека за 40-50 години „Македонија ќе биде пустина“. Таа веќе сега гори – се пржи! Светот ќе биде пустина. Температурата и ефектот се зголемуваат нелинеарно. Што да се стори? Парискиот договор е политичко-технички консензус за смалување на факторите што влијаат, а последица може да бидат тоталитарни режими и пад на индустријата. Глазговската конференција за ковид-19 и затоплување (6-7 ноември 2021) беше за правни аспекти и зајакнување на Парискиот договор.

Зеленилото е многу важно: хипермасивно садење, воспитување (култ кон зеленило), биотехнологии (пустински растенија, микроорганизми, планктон), енергетска трансформација (климатска контрола – домашна, згради, на отворено, океанолошки – биоиженеринг, фитопланктон, „artificial upwelling“). Во градежништвото: деурбанизација, зеленило повеќе, а бетон помалку. Ајде да сториме нешто лично. Што можеме? Прво, да не дремеме и да бидеме пасивни со филозофијата „лако ќемо“, „има кој да мисли“, „политичарите и партиите нека мислат“… Јок, бе батка – ако ти не мислиш, тие уште помалку. Никој нема да мисли за тебе. Виде дека не те сакаат ниту во комунизмот, ниту во капитализмот, ниту во либерализмот, ниту во фашизмот, ниту во олигархијата, ниту во џихадизмот, ниту во радикализмот, ниту пријателите. Може да те сакаат само за Калашников-измеќар. Утре и тоа не ќе можеш, бидејќи сѐ ќе биде пепел. Ајде, сега имаш два избора – да направиш нешто или да се иселиш. А каде ќе се селиш, алооо? Во Сибир, Канада, Алјаска, Северен Пол…? Не те сакаат, бе батка! А утре уште помалку ќе те сакаат. Љубовта е сега код, дигитален бог. Сепак, бори се.

Борбата е илузија за живот. Прво, направи притисок врз системот – пропаганда, медиуми, пријатели, Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Тикток, отвори свој портал, притискај, досаѓај – прави сѐ! Дома произведувај компири и земјоделство. Ископај бунар. Стави еколошка струја. Од системот барај казни и казни – за палење депонии, гуми, шуми итн., закони, строги закони – за пожари, невнимание, загадување, филтри, ред, контрола… Алооо, што зборам… слуша ли некој?