Во зовриена изборна атмосфера, порано и сега, се истакнуваат два индикатора што јавно го одразуваат поширокото јавно мислење, односно народното расположение кон политиката и политичките партии. Тие не се некој платен профил, не се анкетни агенции, ниту пак експертски самобендисани мислења. Тие се изворен, оригинален, најдемократски одглас при типувањето на можните победници и губитници, иако нивниот глас е сосема небитен во милионскиот број гласачки ливчиња.
Ќе се запрашате кои се тие чудотворци што по правило погодуваат што ќе се случува, што без пардон спомнуваат имиња на актуелни бивши лидери користејќи шеговити коментари, упатувајќи понекогаш запиперени пцости на адреси на имиња познати во целата држава. Тие два индикатора се таксистите и продавачите на зелените пазари. Речиси секому му е познато дека низ нивните кратки политички рецензии прогнозираат кој победува и кој ќе ја води државата. И ретко кога грешат, ако грешат.
Една од убавините што ги носи есента се градските зелени пазари. Периодот на правење зимница е работен, ангажиран празник за многу луѓе. Стари баби и дедовци што влечат колички или носат тешки ќеси, млади брачни парови што немаат пазарџиско искуство и тешко разликуваат зелка од карфиол, бадијалџии што не пропуштаат ден да не прошетаат низ тезгите. И продавачи. Колку што има сорти производи толку има сорти на продавачи, мажи, жени, брачни двојки, мајки и ќерки.
Одењето на пазариште е традиција што се негува со децении, ако не и со векови, тоа е место кај што се среќаваат домаќини и еснафи, галантни и циции, господа и селани, богати и сиромашни, учени и нешколувани, весели и загрижени, домашни и странци. Пазариштето е посебна градска енклава каде што во соживот живее збир на националности, етникуми, вери и невери, политички убедувања, партиски припадности, владини навивачи и опозициски симпатизери, антивладини протестирачи, неопределени гласачи, спортски навивачи и други што не ги интересира ништо освен како поевтино да се помине скапиот ден.
Сите тие различности се спојуваат во еден заеднички дух што ја слика Македонија таква каква што е, без лакировки, без шминка и без многу милост. Со самото тоа пазариштето се претвора во една од најдемократските институции во соодветниот град и во државата, игра улога на отворен парламент, на дисидентски центар, хидробиолошки завод што освен со прогнозите за времето на небото се занимава и со прогнозите за земјата.
Таму, освен за домашните теми може да чуете и софистицирани дискусии што се случува во светот, дека не се знае дали е посилен Путин или Трамп, ама Кина ќе го освои светот, се разбира ако во меѓувреме не пропадне планетата од климатските промени или од третата светска војна што е на повидок. Продавачите, луѓето од пазарите се природна интелегенција на државата, тие се запознаени, но не се загрижени пред налетот на вештачката. Какви што ги има, брзо ќе ја средат и неа.
И плус пазариштата се најголемиот, најмногубројниот клуб на пратеници, ако се знае пејоративното значење на зборот пратеник. Не треба да се објаснува дека пратеничката титула ја добиваат оние страдалници што не се пратеници во Собранието туку оние што се влечат со полни торби и заврзани раце по улиците. Меѓу нив оро водат пензионерите на кои пазариштата им остануваат последните места пред да му речат збогум на животот, места за среќавање, за забава, за лаф-муабет и за искажување на маките од малите пензии.
Пазарот е утешителна замена на она што во младоста им беше корзо, возбудливо место за среќавање. Нешто поскапо, нешто поевтино, не случајно се рекло дека домашниот есап на пазар не излегува. Нема веќе ценкање, тој занает изумре уште при почетокот на отворање на големите маркети.
Зеленчуци, овошја, здрава храна, разни мирудии, витамини, минерали измешани со пестициди, прскано, непрскано, важно е да се купи. Албански краставици, кинески производи, турски пиперки, аргентински кикиритки, грав од Киргистан, компир од Египет, ослич од Исланд, индиски ореви од Виетнам, јаболка од Преспа (сѐ уште), се на едно место. Ете уште еден доказ дека Македонија е земја што контактира со сите страни на светот. Дека не е меѓународно изолирана држава како што се обидуваат да ја прикажат оние што не ја сакаат власта кога е на власт.
Градското пазариште е култно место речиси во секој град, голем или мал. Може да се каже дека освен другите важни градски зданија и местa, како што се плоштад, црква, суд, училиште, стадион, музеј, општинска зграда, пазариштето во системот на градските вредности зазема високо место. Сигурно не прво и најголемо, но секако едно од најстарите, зашто пазарот е прататко на формирање на градот. Тој е зачеток на секој град, како и крстосницата, како сретселото. Секој зелен пазар, чист или валкан, со стари тезги или модерно нов, му дарува неповторлив идентитет на својот град.
Но, како и сѐ друго, градските зелени пазаришта ги засенува новото време, масовното отворање маркети, трговски центри, дивите корисници на сивата економија. И пазарите не се исти, зашто и во нив завладеала зелената мафија, тезгите сѐ повеќе ги зафаќаат прекупувачи и препродавачи, отколку изворни селани, самостојни производители. Таа долговековна изворна, социјална, културна и етичка врска меѓу граѓанинот и селанинот пополека се кине и исчезнува, особено што пазарот станува прескап на граѓанинот, а неисплатив за селанецот. Некои социолози духовито забележуваат дека пазариштата го чуваат селото да не умре, а градот да не стане премногу господски.
На пазариштата се разменуваат мисли, ставови, погледи, аспекти, се формира јавното мислење. Така пазариштето станува регулатор на општествените настани и влијателен фактор на јавниот живот. Кој не ги слуша тие гласови, ги чувствува последиците при првото гласање, што се покажало при неколку изборни циклуси.