Сакав колумната да ја напишам од позиција на професор што со години предавал меѓународно воено право и меѓународна безбедност, кој се занимавал со конфликти и градење мир. Сакав со студен ум да набројам колку злосторства против човечноста (во кои влегува и геноцидот што се одвива додека пишувам) се извршени во последните неколку дена. (До моментот кога колумната ќе се објави, в понеделник, бројките ќе бидат уште пострашни.) Барам наоколу глас на разум и емпатија, глас на познати меѓународни правници, но и на (странски) колеги што изградија кариери на израелско-палестинскиот конфликт. Некои од нив се притаиле и владее болен молк во тој мировнички блок, додека од другата страна се создава хор во кој, како по директива, се колнат дека го осудуваат Хамас (со право) и стојат зад Израел (кој имал право на самоодбрана). Има и такви што се обидуваат да воспостават баланс на болката меѓу нееднакви. Нормите на меѓународното право се јасни: дури и во случај на легална и легитимна самоодбрана, државата којашто се брани не смее да го крши хуманитарното право, особено Женевските конвенции. Тоа е толку елементарно што е тешко и да се објаснува: не смеете, дури и ако сте во право и сте жртва на напад, да употребите непропорционална сила, не смеете да удрите по цивили, не смеете да користите бел фосфор, не смеете да воспоставите ембарго на дотур на вода, струја и храна, не смеете да раселувате еден милион луѓе од нивните домови за 24 часа за да им ги срамните со земја и по патот да ги гранатирате… Не смеете!!! Тоа е очајниот крик на еден правник. Човекот во мене (или мајката, ако сакате така) липа во очај додека ги гледа сцените од Газа. Сега кога е јасно дека за два-три дена во Газа загинаа повеќе деца отколку во целата војна во Украина, пропагандната машинерија почна да користи дури и наводни фотографии од обезглавени бебиња – за кои дури и Бајден мораше да признае дека се лажни. Чуму? Зарем злосторствата на Хамас треба да се зголемат или измислат за да се создаде легитимитет на еден геноцид?
Патем, каков „напредок“! Првата заливска војна почна со лажна приказна за наводно убивање бебиња во инкубатори од страна на ирачките војници; потоа го видовме она кутро сириско детенце во амбулантно возило за отпосле да дознаеме дека тоа било режирана сцена; сега технологијата, односно вештачката интелигенција може да креира и фотографии и снимки за целите на пропагандата! Сега ќе ве убедат дека она што (сè уште) го гледате од Газа е или неважно или „тоа си го заслужија“, но многу скоро ќе завладее тотален мрак. Се очекува интернетот да згасне секој миг, па тогаш израелските одбранбени сили (каква иронија!!) ќе можат непречено да ја „очистат“ Газа од „нелуѓе“ и „животни“ (како што Палестинците ги нарекува израелската власт). Блинкен се појави во Тел Авив како Евреин и само што не се расплака од сочувство пред најкорумпираниот премиер на една земја (Нетанјаху е среде судски процес). Но збор не рече за запирање на масовната кампања врз недолжен народ за која Нетанјаху отворено кажа дека ќе биде толку жестока што Палестинците нема да ја заборават 50 години. Израел дури и не крие дека се подготвува да врши етничко чистење и на онаа малку територија што им остана на Палестинците.
Во вакви мигови, моралните замки што ви ги поставуваат се секогаш исти: ако си против бомбардирање цивилни цели во Србија, тогаш си Милошевиќ; ако си против колежот и буквалното топење човечки тела во Фалуџа со бел фосфор, тогаш си за Садам, ако си против употреба на НАТО во растурање една средена држава како Либија, тогаш си за диктаторот Гадафи (ене ја Либија „цвета“ во демократија, па и браните и дождовите ја уништија – ама пак тоа сега не е вест на денот). Сега велат дека ако имаш емпатија за палестинските деца, ти си за Хамас. Не, не можеме да прифатиме вакво селективно „јавно осудување“ само на едната страна, ниту пак е многу морално да напишеш сладуњав текст во кој ќе ги осудиш двете страни и ќе ставиш визија на блиски народи, кои сакаш да живеат прегрнати, едни до други. Она што тие го сметаат дури и за непристојно е: КОНТЕКСТОТ! САД им забранија на новинарите да употребуваат зборови како деескалација, прекин на огнот, крвопролевање. Секоја појава/настан/актер имаат свои заднина, корени, постојат причинско-последични врски. Што ако вербално го осудиме Хамас? Ќе ги вратиме ли израелските невини жртви? Патем, Хамас и беше делумно творба на Мосад кога Арафат им беше неприфатлив. Гајле ли им е на оние што тргнале по патот на насилство и по цена на сопствен живот дали ние ќе ги осудиме или не? Не, драги мои! Нашата јавна осуда (само на едната страна) се бара како заклетва на лојалност пред оние што се вистински виновници за оваа нова Накба (Катастрофа, на арапски, назив за сите премрежиња низ кои со децении минува напатениот палестински народ). Знаете кое е најголемото и најодвратно лицемерство? Вербата дека пред 7 октомври, пред нападот на припадниците на Хамас, владеел мир и сè било во ред! Не, драги мои! Ние (како човештво) сме прифатиле статус кво во кој Палестинците можат да бидат третирани како затвореници во конц-логор, ама додека се мирни и си трпат, владее мир на Блискиот Исток. Впрочем, само две недели пред последниот крвав чин на Хамас, советникот за национална безбедност на Бајден, Саливан, кажа дека ваков мир во регионот не постоел подолго време.
Колумната ми е прекус простор за да се впуштам во анализа на тоа „кој прв почна“ (историски или сега во 2023), дали е Хамас чедо и на САД (како и муџахедините во Авганистан) или е помогнат од Иран или е логичен производ на генерации што живеат во најбрутален апартхејд, зошто ООН толерира трајна окупација кога таа е недозволена според меѓународното право (проверете колку резолуции за осуда на Израел се блокирани во Советот за безбедност поради ветото на САД; Израел не е осуден НИТУ ЕДНАШ за сите злосторства врз цивили во текот на 75 години!). Можеби и јас намерно го оставам по страна контекстот, но од една многу човечка причина: во моментов, додека се пребројуваме кој на која страна е, умираат ДЕЦА! Од двомилионската популација што живее на она мало парче земја Газа, половината се деца!!! Додека ги гледате колоните бегалци (кои божем ги евакуираат, а патем ги бомбардираат) сетете се дека речиси целата популација на Палестинците доаѓа од бегалски кампови.
Додека беа живи, секојдневно ги читав анализите на големиот израелски мировник и активист Ури Авнери и на известувачот на „Индипендент“, Роберт Фиск. Недостига и Едвард Саид! Толку недостига нивниот глас! Но, од друга страна, што постигнаа иако целиот живот го посветија на правата на послабите и згазените? Пријател ми е и професорот Ричард Фалк, човек со еврејско потекло, кој беше специјален известувач на ООН за состојбата во Газа и за што настрада од организирана кампања на ционистичките НВО. Целиот живот го посвети на меѓународното право и особено на Палестина. На свои 94 години уште пишува, зборува, убедува. Утрово го следев брифингот на Грејзоне, кој го водат двајца брилијантни новинари со еврејско потекло (Макс Блументал и Аарон Мате, последниот е син на професорот Габор Мате, преживеан од Аушвиц). Во друга ситуација не би ми било важно нивното потекло, но овде го издвојувам затоа што големината е во тоа што покажуваат таков интегритет, преземаат ризици врз себе, но иако им се мили Евреите, помила им е вистината.
А вистината е дека Израел во моментов, под закрила на САД, ЕУ и западните влади, врши геноцид. Не војува против опасен непријател, туку колективно казнува цела популација. Урсула беше вознемирена кога Русите почнаа со напади на енергетската структура во Украина, но сега дава целосна поддршка врз многу пострашните постапки на израелската војска. Патем, ниту Израел не е член на Меѓународниот кривичен суд. Нетанјаху, велат некои извори, си го собрал гневот не само поради корупцискиот скандал туку поради потфрлањето на безбедносните служби и бавниот одговор на терористичкиот напад. Исто како кога во Србија го симнаа Милошевиќ затоа што крадеше и затоа што не ги доби војните (а не поради пацифистички мотиви).
Чудно е како овој свет (и луѓе) што се сметаат за праведни и праведнички живеат со главата во песок додека оние што се под апартхејд се кротки, таму во конц-логорот. Апартхејдот на Израел е примарната причина од која во Палестина (без оглед кој ќе ја управува од нивните политички фракции, ако останат Палестинци по овој погром) ниту може да се очекуваат демократија, толеранција, прогрес… За жал, истото е и со Израел. Нетанјаху и да „падне“, ќе биде заменет со уште полош и подесничарски настроен лидер, кој ќе живее на „воена слава“. Од омраза и крвопролевање не никнуваат услови за мир и развој. Во меѓувреме, онака како што коронавирусот исчезна кога пукна во Украина, така сега и Украина исчезнува од радарот. Во меѓувреме, глобалната милитаризација станува чудовиште што се храни од нашата пот, туку е гладен аждер што бара мелница на човечки тела и мирис на смрт. Човековиот дигнитет, совест и отпор се кршат систематски. Не е ова битка за тоа кое знаме ќе го прикаже нашата влада или над чии гробови ќе плачеме повеќе, бидејќи камбаните бијат… за сите нас. Денес во Газа умира човештината.