Многумина стари скопјани се жалат дека Скопје ја изгуби душата. Јас велам, не. Скопје стана душегупка. Град што ги убива жителите. Забрзано и сигурно. Министерството за животна средина и Министерството за транспорт и врски се институции, кои не само што не прават ништо да го спречат овој помор туку го легализираат. Веројатно не прошетале до клиниките за онкологија и за пулмологија, да ги видат застрашувачките димензии на ова злосторство. И секогаш истото мизерно оправдување. Сме биле загадени од греењето на печки на дрва. А во лето? Вината е кај нас, а никако во државниот апарат, кој одработува со и за мафијата.
Дали еднаш некој ќе се освести и ќе признае и ќе преземе мерки против енормниот број возила што возат по тесни улички (вистински булевари нема), стојат и чадат со часови. Побргу ќе стигнете од Врање до Скопје одошто од влезот на градот до Дебар Маало. Редици возила што возат во режимот тргни – застани. Возила се паркирани на тротоарите, луѓето под ризик се движат по коловозите. Цели ленти за возење се блокирани од диво паркирани возила, кои „уредно“ трепкаат со вклучени четири светла. Уште во автосалоните би им ги извадила овие трепкачи. Јавен сообраќај речиси нема. Не само што не е бесплатен туку бројот на автобуси не може да задоволи ниту 5 отсто од потребите. Но проблемот е друг. Од каде толку возила?
Директен одговор. Од непотребни градби на огромни згради со станови, во кои се доселуваат илјадници нови жители. Од цела Македонија, но и од соседството. Градот се задушува, веќе неколку години по ред е еден од најзагадените во Европа и во светот. И е бесконечно грд. Секоја градба во различен стил, покриви на згради што се всушност украдени станови, и тие сите различни. За катноста да не зборувам. Една конзистентна линија од 150 метри по должина не можете да видите. Така, во хрватскиот „Јутарњи лист“ ќе најдете интересен наслов: „Загреб некогаш беше мала Виена, а сега стана едно големо Скопје“.
Деновиве, жители на општината Карпош протестираат против градба на 19-катница веднаш до Воената болница. Во неа ќе се вселат, ни повеќе ни помалку, околу 20.000 нови станари во 5.000 стана, со најмалку од 5.000 до 10.000 возила. Истото е со три 30-катници кај Алумина. Истото тоа се случува со повеќекатниците кај „Холидеј ин“ (ѝ изразувам едно големо „благодарам“ на нашата бизнис-црква, која нема абер од милосрдие). Истото тоа се случува на местото на „Треска“. Истото тоа се случува со куп зградишта зад „Рамстор“ во самиот центар на градот. Браво, цела Македонија ќе ја доселат во Скопје. А колку пари добија од ЕУ за регионален развој? Што се разви? Источна Македонија нема ниту регионална болница. Туѓи пари фрлени во ветар. И сѐ било по закон. Да го видите само Законот за градење, најголемиот и најчесто менуваниот криминоген закон, ќе се вџашите. Тој не е направен да ги уреди и нормира нештата, туку да ги преслика и озакони хаосот и криминалот што се случуваат. Втор битен момент е што се остави општините да се издржуваат од комуналии, односно од градби. Тоа е јавниот интерес на жителите или да живеат во уредена, здрава и комфорна средина? Се вртиме во маѓепсан круг, каде што нема виновници, само жртви и ајдуци. Се држат до ДУП, ГУП, ШУП, МУП и што не, како да се Библија. Но и тие документи се направени од криминогени структури. Да се држеа толку до словото на законот немаше да го третираат Уставот како селски буквар. Но ДУП? Ау, тоа мора да се почитува, па макар сите изумреле.
Овој криминоген феномен, оваа метастаза е раширена на целиот Западен Балкан, но изгледа нашиве испаднаа најалчни. Во Глобалната иницијатива против меѓународниот организиран криминал (ГИ-ТОЦ), во статија од 15 мај 2021 година, се вели: „Секторите на трговија со недвижности и градежништвото служат за перење илегални пари од трговија со дрога и со мигранти на целиот Западен Балкан“. Тоа е најчесто така бидејќи истите тие се многу малку законски регулирани, се додава. Голем процент од купувачите на луксузни станови користат нелегални пари и плаќаат во готово. Најчесто плаќаат на рати, кои не мораат да поминат низ банкарскиот систем. Дури и кога не плаќаат целосно во готово, кај нас не постои Закон за потекло на имотот преку кој ќе се верифицира од каде се огромните пари. Анализирајќи како ги перат парите инвеститорите се констатира дека законите не ги обврзуваат да покажат доказ од каде им е капиталот.
Доволно е да ги платат таксите, комуналиите и пљачката започнува. Повеќето се покриваат со тврдењето дека идните станари однапред ги купуваат становите, дека зеле кредити од други фирми (наместо од банки и финансиски институции). Така се заокружува целиот циклус на перење пари, со огромни добивки. Односно, со огромно лично богатење. Перална на парите на богатите купувачи, перална на парите на инвеститорите. Затоа цените на становите се качени до небо. Во најголем број се работи за криминалци, кои не купуваат од потреба, туку да ги легализираат нечистите пари. А тоа чини. Инвеститорите и оние што даваат дозволи дебело го наплаќаат тоа. Понатаму, пишува дека најголеми перални на пари, покрај градежништвото, се бензински пумпи, коцкарници, барови и ресторани, како и такси-компании. И тоа ни станува јасно само со една прошетка низ градов.
Затоа да не ве чуди оваа инвазија на градење, која не сопира и се случува во услови на огромен број непродадени станови. Во 2021 имало 70.000 непродадени станови во Скопје, па сепак бројот на новоизградени е зголемен за 30 отсто. За целото ова време има пораст на населението од само 3 отсто. Ама, кешот е закон!
Но она што најмногу ги интересира скопјани е да живеат нормално. За жал, не постои сила да му се стави крај на ова злосторство. Општините организираат некакви формални јавни дебати за урбанистичките планови, каде што жителите се надвикуваат и караат, а резултатот однапред се знае. Нема организирање референдум за промена на плановите во рамките на општините. Со едноставно „да“ или „не“ тие што живеат таму да кажат што е за нив неприфатливо. Сигурно не е прифатливо да немаат места за колите, места за децата во градинките и училиштата, да немаат зелени површини за рекреација. Сигурно нема да им веруваат на „зелените тераси“ со џбунови и цветчиња, кои треба да ги заменат нормалните урбани паркови. Но дури и референдуми не би биле потребни доколку би имале нормална држава (а не криминогена), која јасно ќе ги исцрта правилата и плановите за да се задоволи јавниот, а не личниот интерес.
Во Холандија, членка на ЕУ кон која божем нѐ водат, не смеете покрив да смените, никакви доградби и надградби на вашите сопствени куќи не се дозволени. Ако ви треба поголем простор за живеење, ќе си купите нова куќа. Дури хортикултурното уредување пред куќите е пропишано. Пред која редица куќи треба да има цвеќиња, пред која зимзелени дрвја, а пред која листопадни. Шупа имате, ако сте купиле куќа со шупа за алати. Толку.
ГУП и ДУП не се менуваат тукутака. Но кај нас ваквите криминогени документи, каде што во деталниот урбанистички план инвеститорот одбира што ќе гради (на пример, крематориум во Карпош 1), заедно со Законот за градење и Законот за урбанистички планови, треба да се запалат пред да изумреме сите. Да не зборувам за Законот за легализација на дивоградби (таков збор не постои во ниту еден јазик), кој од државата направи една голема, неподнослива и грда дивоградба.
Во Скопје ситуацијата е таква што треба да се руши, а не да се гради уште и уште. Канцерогените честички ни се насекаде, дури и во домовите. Стоп на градењето и крадењето, сега и веднаш. Стоп на геноцидот на жителите!