Фантастиката стана реализам, затоа што на светската политичка сцена
дојде лудилото и го замени научниот начин на мислење наследен од просветителството. Дојдоа неолибералните капиталистички варвари
Зборот „пес“ не лае (Жерар Женет)
Во науката за означувањето и знаците, семиотиката, постои еден метод што се вика прагматска семиотика. Неа ја интересира под какви услови некое материјално нешто станува знак за некого. Занимавајќи се со тоа, често си го поставував прашањето: под кои услови некој текст (знак) го доживуваме како реалистичен, а под кои како фантастичен? Зошто монасите од Света Гора ја читаат Библијата онака како што обичните луѓе (мирјаните) ја читаат Ана Карењина – како реализам? Зошто во времето на појавувањето романите на Жил Верн или Џорџ Орвел биле доживувани како фантастика, а еве – станаа реализам? Само по себе се подразбира дека притоа нужно ме заинтересирало и прашањето за пророштвата и дека, секако, тука е неизбежно Откровението на Јован Богослов. Oткровението за апокалипсата сѐ уште не е остварено: не поминало од фантастика во реализам, иако херменевтичарите на Библијата секојдневно наоѓаат предзнаци во стварноста, кои ним им велат дека почнало нејзиното остварување.
Кога бев во гимназија, да ми кажеше некој дека четири години откако ќе се вратам од ЈНА (тогаш одевме во војска по матурата), еден војник по име Азиз Кељменди, на 3 септември 1987 година ќе влезе во војничката спална во Параќин и рафално ќе застрела десетина свои совојници, немаше да му верувам. Ќе речев дека е луд: лично бев во ЈНА и знам дека тоа беше безбедна и силна армија, меѓу првите три во Европа. Да ми речеше некој тогаш дека Југославија ќе се растури како кула од карти, ќе му речев дека тоа е (не)научна фантастика. Да ми речеше некој дека ќе се лее братска крв повторно на овие простори по Втората светска војна, дека Сараево ќе експлодира, ќе му речев дека е луд: кованицата братство-единство, работните акции, мешаните бракови – сето тоа беше реалност (која, се разбира, беше производ на една невидлива идеологија) и изгледаше неуништлива. Дури и баба Ванга да ми речеше тогаш дека Македонија набргу ќе се вика Северна Македонија, или Западна Бугарија (тоа е сеедно веќе), не ќе ѝ верував. Ни дека песните на Блаже Конески и Гане за Делчев ќе станат „проблематични“, како што стануваат, зашто политиката веќе направи во парни денови Гоце да биде Македонец, а во непарни Бугарин. Но сѐ што тогаш изгледаше како фантастика искажана од устите на сомнабули, се оствари. Денес тие знаци ги перципирам како реализам. Што се смени, кои услови се сменија за еден ист знак да помине од ФАНТАСТИКА (дури и бладање) во РЕАЛИЗАМ?
Па, мислам дека го имам одговорот. Фантастиката стана реализам, затоа што на светската политичка сцена дојде лудилото и го замени научниот начин на мислење наследен од просветителството. Дојдоа неолибералните капиталистички варвари. Нивното лудило (острастеност), од реализмот направи фантастика дури и кај нас: сиромашна земја, во која воз од Скопје до Битола патува девет часа, самата себеси се смета за европска земја. Науката и разумот, пак, отсекогаш, од фантастиката правеле реализам. Само науката може да ги оствари фикциите и фантазијата. Но не може да го оствари лудилото што конфабулира и блада – на пример, дека живееме подобро од кога и да е, ама не знаеме. Но ако науката не може да оствари нечие лудило, тогаш може политиката, која и ја презеде палката на класичното просветителство, па стана псевдопросветителство: нови науки за „демократијата“.
Затоа, оставам една колумна (знак) што сега изгледа како научна фантастика. Да бидеме живи и здрави, па по 10 години да ја прочитаме, и да видиме дали оваа фантастика станала реализам, односно дали лудилото и натаму еволуирало. Колумната е замислена како анкетен лист.
Дали сметате дека на македонското малцинство во Македонија треба да му се одобри образование на македонски, а не само на странски јазици?
Дали сметате дека македонската дијаспора, која сочинува 80 отсто од сите Македонци, треба да гласа на парламентарните избори?
Дали сметате дека на хетеросексуалците треба да им се дозволи да ги воспитуваат своите деца, или за тоа треба да се грижат ЛГБТ-заедницата и школите за сексуално-родови политики?
Дали сметате дека во научните истражувања треба да се врати човечкиот фактор, или сѐ да остане во рацете на вештачката интелигенција?
Дали сметате дека на верниците треба да им се дозволи молитва во верските објекти, или треба да се упатат на вечерни курсеви за народна просвета?
Дали сметате дека студентите треба да одат на испит кај професорите на факултет, или професорите, по претходна најава, да доаѓаат дома кај студентите, кога овие имаат слободен термин, па да ги примат?
Дали сметате дека месечната плата на политичарите треба да се намали од 9.700 на 9.400 евра, за да се покачи минималецот на универзитетските професори од 700 на 1000 евра?
Дали сметате дека треба да се имаат две или три деца, кога и едно дете е премногу за денешниве стресни услови за живот, а родителите немаат време за сауна, теретана и козметички третмани?
Дали сметате дека треба да се задржи системот „едно дете – два родитела“, или е можен и системот „едно дете – четири родители, кога едно исто дете во парни денови би ГО КОРИСТЕЛО едно семејство, а во непарни – друго? (Со оглед дека бројот на домашни миленичиња е ограничен на пет, а потребите од КАРИТАС се исти?)
Дали сте за укинување на затворската казна за секој кај кого ќе се најдат документи за минатото, а не за иднината?
Дали сте за враќање на историскиот роман како дозволен жанр?
Дали сте за тоа да се врати сексот со допирање, наместо виртуелниот, со оглед на тоа што ОПЛОДУВАЊЕТО се прави машински и планирано?
Дали сте за тоа да се забрани изнајмувањето матка за генерирање пород кај нехетеросексуалните?
Дали сте за тоа децата до 18 години да живеат со родителите, или да се отвори праксата да се вработат на 16 години (полнолетство) и да започнат свој живот, како во Скандинавија?
КЛУЧ: Ако имате повеќе од седум одговори „да“, вие сте ретрограден елемент и попусто живеете. Ако имате повеќе од седум одговори „да“, вие сте иднината на светот.
Ова го оставам, да го препрочитам по 10 години. Како тргнале работиве, ќе стане реализам. Доколку дотогаш не се оствари Второто пришествие Христово, па да им ги наруши плановите на лудаците што од каучот на Фројд залегнаа во фотелјите на политиката. Само тоа може да ги спречи. Толку.