Како што рековме во минатиот број, НАТО во Мадрид го донесе новиот стратегиски документ. Документот е четиво што, всушност, е политичка рамка-визија за тоа каде треба да се движи Алијансата во иднина. Интересот за документот покрај новитетите и остриот јазик, е и од аспект на идејата што старите (или како се нарекуваат од некои традиционалните) лидери на ЕУ ја загатнаа за развивање европска одбрана. Во тој контекст се можни три сценарија за растечката фрикција во ЕУ, која сѐ повеќе станува видлива и на друг план (за ова зборувавме во неколку наврати – не само во контекст на Украина туку и во однос на други клучни прашања за Унијата, како на пример мигрантската политика).
Првото сценарио е дека новиот документ ќе даде одговор на растечката фрикција во ЕУ и ќе успее да ја обедини Европа од „јасното и присутно зло“ Русија. Второ, документот има поинаква точка на гравитација и со тоа фокус и може да постои паралелно со Европскиот стратегиски компас. И, конечно трето, документот е само потврда за кризата во ЕУ, која се операционализира. ПОради просторот што го имаме за дебата на овој форум, без да навлегуваме во детали, накратко би заклучиле/сумирале дека возобновената и би рекле забрзана идеја за европската безбедност паралелно на НАТО е на Франција. Додека Франција е водач во оваа група, Германија генерално ја поддржува, но не е толкав ентузијаст како нејзиниот сосед. Потребата за нагласување на оваа идеја паралелно на НАТО дојде по неколку клучни моменти што го потресоа Французите и Германците. Иако многумина ја нагласуваат радикално поинаквата политика на поранешниот претседател Доналд Трамп за заспаноста на Европејците во доменот на одбраната и безбедноста, проблемот за Франција е многу подлабок, би рекле апстрактен. Тој, покрај геостратегиска аспирација за проектирање моќ, има емотивна компонента, но и реална бизнис-амбиција за освојување на пазарот. За да го сторите тоа е потребно да имате моќ да вршите влијание и да го оформувате просторот во сите сектори, па дури и културолошки, на начин што ќе им служи на вашите интереси.
На тој начин, би рекле дека проблемот и амбицијата да ја засили и започне кампања за европска одбрана наспроти НАТО извира од сфаќањето за тоа дека Франција е втора виолина во голем дел од меѓународните односи. За да нема дилема кога се прават овие споредби, многу е битно да нагласиме со кого ја споредуваме. Не ја споредуваме со нас малите и фрагментирани играчи на Балканот. Таа споредба е релевантна за суперлигата каде што се мерат најсилните. Но во исто време тоа не значи дека ако за нешто не се согласувате треба да се помирите со тоа или да кажете тоа е тоа (за ова малку подолу). Типичен пример се источноевропските земји, кои сѐ повеќе се позиционираат со оние од север и, секако, англосаксонското водство, со обновената амбиција на Велика Британија надвор од Унијата. Она што е интересно и вреди да се спомене во доменот на носење одлуки е сѐ понагласената способност на источноевропските земји (а од неодамна и балтичките) да го експлоатираат овој јаз и да се спротивстават на влијанието на Франција, во голема мера и на Германија внатре во Унијата. Тоа, мора да се признае, го прават на еден иновативен, но и храбар начин, зад кој, да не се лажеме, стојат сериозни лидери што не се „фејк“, туку имаат точна слика за тоа што е што и кој е кој.
Следен проблем во контекст на дебатата за „фрикцијата“, а во кој Франција пак е инволвирана е потенцијалниот судир со Турција, кој засега вешто се премолчува, барем на ниво каде што работите се „полираат“, и тоа во голема мера. Во голем број медиуми што се сериозни на полето на геостратегиската проекција на моќ во Франција, кон крајот на минатата година излегоа сериозни натписи, според кои, за Франција е најдобро да продолжи да се здружува со непријателите на Турција. Амбицијата за ова извира поради три причини. Прво, Франција ја загуби трката со Кина и со Русија во Африка, каде што само како за информација води операции во над 10 држави (да, ако сакате баш во неоколонијален концепт).
Во Централноафриканската Република, руската група Вагнер склучи договор со властите, кои ја направија Франција ирелевантна. Слично е и со властите во Мали. Дополнително под влијание на Русија, Алжир забрани прелет на француски авиони, како и коментарите на Макрон за независноста и антиколонијалната револуција во Алжир. Второ, визијата на Франција и на Германија, уште пред инвазијата врз Украина, за иднината на европската безбедност е во конфликт со егзистенцијалните перцепции на источно и централноевропските земји, вклучувајќи и со балтичките, а сега кога војната дивее и со северноевропските земји, каде што Русија е директна закана, а не Африка или нешто друго. Во таа насока, партнерството со САД е приоритет. Последното е резултат на проблемот со мигрантската криза од Белорусија, во која Велика Британија беше таа што им подаде рака на Полска и на балтичките земји – генерално перципирани како инфериорни пред Франција и Германија. За разлика од Британците кога на овие сојузници им беше потребна европската солидарност од страна на Германија и на Франција добија ладен туш (или преведено во пракса, одговор, според кој, „на Франција и Германија им е потребно повеќе време за да го разберат проблемот со кој се соочуваат нивните сојузници“).
Трето, на Макрон му е сосема јасно дека Турција е натпреварувач со кој мора да расчисти околу сферата на влијание ако сака Франција да остане релевантна во услови кога земјата ја тресат серија социоекономски земјотреси. Проблемот е што овие земјотреси немаат само економски туку се со демографски префикс, кој го подрива францускиот идентитет, на што се заснова јадрото на републиката. Во тој дух, анализата во склад со рамката на овие ставови за шаховската игра што Макрон треба да ја одигра е релевантна vis-à-vis фрикцијата, која расте во рамките на ЕУ, каде што доминацијата и интересот на Франција слабеат или, пак, како што најголемите злобници ќе речат „е прочитана“. Шаховското здружување со сите оние што се против Ердоган или имаат каква било причина да го блокираат или, пак, географски да придонесат за негово слабеење, според многумина, во Франција е нешто што Макрон неизбежно мора да го стори.
Анализата на овие тези укажува дека истите тие имаат логика, а еве и зошто. Судирот во Либија (која е суштински важна за Франција), за кој кај нас речиси и да не се знае, е сериозен предизвик што ја турка Франција да бара форми преку кои ќе ја ослаби Турција. Додека Франција ја поддржува опцијата на Националната либиска армија, Турција го поддржува концептот за национален Акорд во Либија со кој се намалува моќта на влијание (и тоа значително на Франција) во Либија. Слично, латентно, Франција побрза да ја поддржи Ерменија, што ја разгневи Турција за прашањето за геноцидот, но и директно во последниот конфликт околу Нагорно Карабах. Острите зборови помеѓу Макрон и Ердоган беа искри што вознемирија многумина. Франција се приклучи на алијансата на Грција, Египет и Кипар против проекцијата на моќ и, според ставот на овие земји, „неоотоманските амбиции на Турција“. Паралелно на ова, Франција загуби значително влијание во Азија и во Пацификот. Отфрлањето на Франција од договорот со Австралија за подморниците како мало дете – удар што „наруши“ доста, ако не и сѐ за Макрон, дојде како шок за Франција. Тоа, всушност, беше најголемата претпоставка за успех на Франција, која преку наменската одбранбена индустрија сакаше да го компензира вложеното во одбраната како алтернатива на германското НЕ (дадено под водство на Меркел, а се однесуваше на предлогот Франција да биде столбот на одбраната, а Германија да биде локомотивата на економијата во Унијата).
Уште еден сегмент што многу малку се експлоатира во регионот се комплексните изјави на Столтенберг кон француските амбиции за европска армија, алудирајќи дека ја поддржува идејата, но дека на форумите каде што тој присуствува (состанок на министрите за одбрана на ЕУ) немало разговори за европска одбрана, како и дека не чул за конкретни чекори што се прифатливи и би дале решение за дуплирање на напорите. За да останеме коректни докрај, идејата за европска одбрана има и добри страни, кои даваат предност пред НАТО, особено во однос на она што во оперативните кругови се нарекува операции под прагот на членот 5. Сепак, егзистенцијалните прашања и перцепцијата на закана што е драстично различна кај членките, посебно со индивидуалните амбиции и интереси за домашна публика, се нешто што ја храни европската безбедносна фрикција. Токму тоа, ако не се изменаџира соодветно, има можност да ја расклати Унијата и да го продлабочи јазот помеѓу Франција и Германија од една страна и централно и источноевропските, северно европските и балтичките членки на друга страна.
Методи Хаџи-Јанев
(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.)