Физичката активност во позрели години го намалува ризикот од прерана смрт

Вежбањето во текот на зрелоста го намалува ризикот од прерана смрт за 30-40 проценти, а секоја физичка активност е подобра од никаква, покажа студија.
Иако долгорочните добри навики носат најголеми придобивки, усвојувањето поактивен начин на живот во која било фаза од зрелоста го продолжува животот, што укажува дека никогаш не е предоцна да се биде здрав, велат истражувачите.
Општо земено, физички активните луѓе имаат помала веројатност да умрат од низа состојби, вклучувајќи срцеви заболувања, мозочен удар и рак.
За нивната студија, објавена онлајн во Британскиот журнал за спортска медицина, истражувачите разгледаа 85 постојни студии во кои учествуваа милиони луѓе.
Тие открија дека луѓето што постојано биле физички активни имале околу 30-40 проценти помал ризик од смрт од која било причина, додека оние што го зголемиле нивото на вежбање, но под препорачаните количества, имале 20-25 проценти помал ризик.
Имено, луѓето што преминале од физичка неактивност на активност имале 22 проценти помала веројатност да умрат од која било причина од оние што останале неактивни.
Тимот, вклучувајќи експерти од Универзитетот во Квинсленд во Австралија, напиша: „Неколку механизми можат да го објаснат намалениот ризик од смртност поврзан со високи нивоа на физичка активност, како што се подобрена физичка функција и антиинфламаторни ефекти“.
Тие рекоа дека нивните резултати „ја истакнуваат важноста на физичката активност во зрелоста, сугерирајќи дека започнувањето со физичка активност во која било фаза од зрелоста може да обезбеди придобивки за преживување“.
Моментално, Светската здравствена организација (СЗО) препорачува возрасните да се вклучуваат во 150-300 минути физичка активност со умерен интензитет неделно, или 75-150 минути активност со силен интензитет неделно, или комбинација од двете.
Примери за умерена активност вклучуваат брзо одење, енергично чистење како што се миење прозорци или бришење подови, возење велосипед со брзина од 16 до 20 км/час или бадминтон.
Енергичната активност вклучува пешачење, трчање со брзина од 10 км/час или побрзо, брзо возење велосипед, играње фудбал, кошарка или тенис.

Извор: Британски журнал за спортска медицина