На одмор сум. Сакав да постирам на Фејсбук фотка од себе на плажа, ама си реков, подобро не. Не само што ќе ги исфрустрирам сите оние силни мажи што од јануари наваму не излегле од теретана за да извадат неколку факинг фотки од себе на плажа туку гарант ќе ја вознемирам женската популација, која пак потрошила едночудо пари по истите тие теретани, но и нутриционисти, салони за убавина, специјални диети, дури и пластични хирурзи, со една единствена цел, дузина селфија на кои секако мораат да накачат и пар филтри за фотката да биде крајно сексиљава. Си реков, ај што ќе ги вознемирам жениве, туку ќе направам проблеми и во нечија врска, не дај боже, брак ќе растурам. Затоа и не направив фотосесија како сите вас. Додуша, воопшто и не сум бил на плажа. Го ползувам мирот каде што се наоѓам и пишувам, што значи работам. Хм, изгледа не сум на одмор.
Не, стварно сум на одмор. И навистина имав желба да ви го докажам тоа, мислам, ај не себе, ама барем да акнам една слика од водата пред мене и да ставам мудар статус од типот: „Ах, плажичка, моренце…“ Се откажав. Па, не сум на моренце, на езерце сум. Во станче кај пријателче. А ме тера нешто, ме турка кон таа плажа, си велам, барем да си ја сликнеш испружената гола нога со отворена книга на колено и водата во втор план. Секако, со мудра мисла што самиот сум ја смислил инспириран од книжевноста што ми дреме на колено. Не, батали. Што ако има и други сељачишта како мене кои на дузина онакви фотографии со гола женска нога и отворена книга на неа, ги интересира само ногата и нежната кожа што блеска на сонцето поради свежо намачканиот фактор? Да, да, таков сум, манијакално сељачиште, бидејќи таа потрошила цел еден час да се дотера во бикини, еден час на шминка и уште еден час да смисли нешто мудро, како да е од оние лајфкоуч фраери, за да го постира над сликата, а јас само зјапам во нејзиното прекрасно тело без да се потрудам нешто да научам од она што го напишала.
А обично сакам да одам на одмор овој период, затоа што повеќето завршиле со одморите. Тоа е цела една смислена стратегија. А ха, бидејќи не учам за животот од лајфкоуч генијалци и врвни инфлуенсери, ми треба сериозен мисловен напор да дојдам до некои заклучоци, ама ова што го смислив, подолг период го практикувам. Еве и зошто. Кога ќе отворам Фејсбук пред мене се распостелува сета стекната мудрост на оние што добронамерно ја споделуваат со мене. Си велам, не се ова фејсбук-профили, туку мудреци од древни приказни, академска фела и експерти со врвни знаења, кои ги арчат за нас простите стекнатите мудрости и знаења. И тоа не какви било мудрости и знаења, ами познавања на сите сфери одеднаш. И се чувствувам како учениче опкружено од неверојатни познавачи на сите области, духовни длабочини и научни височини, како и интелектуални широчини среде кои, од енормната елоквентност и сезнаење, мене ми станува тесно.
Е, во лето е подруго. Мудроста оди на одмор. Секако не нè остава сами во мракот на незнаењето, оти и од плажа ни сервира нешто паметно, ама овојпат во скратена форма со фотка во костим за капење одоздола на која се распослала физичката убавина, оти како што рекол Достоевски, филтрираната убавина ќе го спаси светот. А на нетот, во лето, постојано присутни остануваат само сиромашните (сиромаштијата огрдува, па не постира фотки од себе), но тие се глупи и здодевни. Значи, налето, како добар ученик, кој преку годината ја ползува мудроста на сите за сè, одам на летен распуст, градот е празен, мојата глава е празна и јас уживам во плиткоста, мојата природна средина, и тивок сум, оти мудроста се одмара. И чекам тоа сеприсутно знаење да ги ослободи плажите од својата убавина за и јас да го заземам нивното место. Ама па не одам на плажа. Хм, колумнава станува сомнителна.
Сепак има нешто што ги обединува и мудрите и плитките. А ха, сите чекаат некој да умре. Некој познат секако. По можност пејач или актер, оти писателите се малку познати, освен ако не се оние за на плажа врз колено. И кога ќе умре некој, сите имаат нешто да кажат за него. Нешто убаво. Нешто оргазмично потресително, оти на оној што се простува од покојникот, животот му бил исполнет со неговата кариера. А кога ќе напишеш РИП, на латиница секако, некако и ти се чувствуваш битен околу приказнава на умрениов, оти, што знам, ти еве уште можеш да пишуваш простувајќи се од него, а тој веќе не.
Тука вообичаено упаѓаат и оние што се убедени дека другите не треба да се простуваат со умрениот славен лик, оти тој, ете, баш и не заслужил убав збор да се каже за него. Зошто? Па, различни се причините. Негирачите на оплакување славни личности по социјални мрежи баш знаат да изненадат. Што знам, мртвиот имал рамни табани. Или, покојната не заслужува оплакување, оти тројца мажи смени, еј, а се шушка дека имала љубовна афера со балдаската. Или, што го плачеш кога не припаѓа на нашата нација, вера, политичка опција, месна заедница, куќен совет или потесна фамилија? Или, само вие оплакувајте го, ама тој во трето одделените ја фати Луси за цицка и таа оттогаш има силни трауми, самата кажа дека таму никогаш нема да се тетовира. Но, од која страна да се фати нечија завршена животна приказна, сите ревносно имаат потреба да кажат нешто за неа. Ве молам, кога ќе умрам, што е некако крајно логична работа, не пишувајте ништо за моето заминување, ни РИП за мојот трип, ни добро, ни лошо, оти што и да пишете, не можете да го напишете подобро од мене.
Упс! Што беше ова? Его? Суета? Ароганција? Цинизам? Од сè по малку? А кога е од сè по малку, тогаш е многу, нели? Којзнае, не сум толку мудар за сè да разберам. Односно, толку сум плиток што ни себе не се разбирам, а ова некако ми дојде и јас го тупосав. И си сакам, бе, да се блесавам, плус сум на одмор, треба да испорачам колумна, малку сум растргнат помеѓу сценариото, романот и монодрамата што ја пишувам, па автоматски излегува дека и не сум баш на одмор.
Што политика? Да, знам, збор не кажав за политика, а вие сите возбудени околу неа, оти е стварно нелогично што власта за седумдесет дена не може да го оправи она што седум години е упропастувано. Ма, идиоти! Не за седумдесет, вие за седум дена можете со обични фејсбук-статуси да ја оправите цела планета и поблиска вселена, а не пак да сте власт. Патем, рано ми е да се возбудувам со политика. Изборите се дури во ноември, само што им почнаа кампањите на претседателските кандидати, па малку ќе почекам, да ги чујам што имаат да понудат за да знам кого да поддржам за иден владетел на Нордистан, нашата планета и поблиската вселена.