Филозофија на гадот (со З наместо Д)

Чекај, јас ќе ти отворам врата. Повели, влези во колумната! Ајде, седни. Стави појас! Сега може да тргнеме. Ама, те молам, полека! Без брзање. Возиме бавно низ приказната. Збор по збор, реченица по реченица, ќе стигнеме до целта. И внимавај на интерпункциски знаци, не се залудно тука. Брза кучка слепи кучиња раѓа. Ако брзаш низ колумнава, ќе залуташ во слепа улица. Затоа, не брзај, ќе ја претекнеш поентата. Не сме на трки, те возам низ приказна, ниту во сексот не е препорачливо брзање, до оргазмот мора да стигнеме заедно.
И во животот е така. Ако постојано брзаш, ќе ги пропуштиш битните детали што ја прават вистинската слика, совршената целина. Колку само пати досега, брзајќи, од дрвото не ја забележа шумата? А можеше да имаш прекрасна прошетка низ неа. Јади внимателно, џвакај полека, немој само, лапни, голтни, почувствувај ги вкусовите. Тоа е суштината. Да ги склопиш деталите, полека, внимателно, така ќе имаш на увид сè што те опкружува, животот е прошетка низ шума од предизвици, пречки и соништа, ти сервира различни вкусови, некогаш горчливи, некогаш слатки, ама ако не ги вкусиш обете, нема да знаеш да направиш разлика, а токму тоа е поентата, да застанеш, да вкусиш, да сфатиш, па исполнет со вистина, да избереш што е добро, а што зло. Инаку, бадијала ти го дале животот ако шибаш споулавено низ него и додека голташ без да вкусиш сè што ти сервираат, на крајот ќе се забиеш со глава во дрвото од кое не се гледа шумата. Ама зошто сега, како за инает, газиш на гас, па не сме на трки, да му се неви…
Русјаков, не сери! Новото име ми ги плаќа казните. Тешки думи ги мачат нордистанците. Во сериозни дилеми заглави нордистанската нација. Зошто не смее да фрла ѓубре по 22 часот навечер? И како тоа да биде казнет ако возел 52 километри на час кога дозволена брзина е 50? Вчера присуствував на една крајно комплексна филозофско граѓанска дебата околу овие прашања. Мојот измрцварен ум веднаш смисли платоновско име на овој длабок дијалог меѓу двајца мудреци. „За законите или филозофија на газот“. А еве го и транскриптот на овој блес(к)ав муабет:
Првиот: Зошто бе да не смеам да фрлам ѓубре после десет навечер?
Вториот: Се согласувам. Зошто па да не смеам да рокам „Напалм дед“ по полноќ, кога таа музика е за гласно слушање баш навечер?
Првиот: Затоа што сум утре на работа и треба да спијам, глуп еден! Оди во Данска да те видам, така ноќе рокај музика!
Вториот: Па и во Данска не можеш кога сакаш ѓубре да фрлаш.
Првиот: Нека ми направи прво државата дански стандард, а потоа ќе почитувам закони. А не да ме казнуваат ако сум возел 52 на саат. Што ако е 50 максимална брзина? Мора да има некаква толеранција. Она политичарине се убија од крадење, на мене ли ќе тренираат строгост?
Вториот: Се согласувам. Знам дека за тешки дроги има нулта толеранција, ама па за 0,2 грама кокаин глупо е да ме апсат. Не дека баш сум ја пречекорил нулата, исто како ти со брзината. Пола држава е нашмркана, мене ли за толкуцка ќе ме малтретираат?
Првиот: Оди вака однесувај се во цивилизирана Европа.
Вториот: Се согласувам. Лани во Шведска, за 0,1 алкохол, при 51 измерена брзина, душата од сметка ми ја извадија. Ама па како да го слушам Аца Лукас, ако не малку нашмркан, на булевар кај што е глупо да возиш под 80. Во Германија, на автопат, нема ограничувања.
Првиот: Се согласувам. Во право е Аца за вмроовскиов режим.
Келнерката: (ни дели нова тура амброзија) И јас се согласувам. Не смее да има ограничување на брзината. Мене тоа ме возбудува.
Јас: Да ти го местам другар ми, Гонзалес го викаат, толку е брз.
Келнерката: На булевар?
Јас: Во кревет.
Првиот: Доста ѝ се пушташ на келнерката. Вклучи се во дебатата.
Им влепувам по една шлаканица и на првиот и на вториот.
Првиот: Зошто нè удираш бе, копиле?
Јас: Него затоа што ми го подметна Аца Лукас во „Напалм дед“, а ти не цмиздри! Тоа е само една шлаканица. Што да кажат 500.000 мртви ирачки цивили што ги уби Америка?
Првиот: Што ја мешаш Америка бе? А Путин што ја уби пола Украина? Вториот: Ќути и за геноцидот во Газа, затоа што се пали на Еврејкана Геил Гадот, гад низаеден!
Чудесен е магичниот круг на филозофијата на газот. Во него сме заглавени јас, ти, ние, келнерката, првиот и вториот мудрец во дебатата, дури и пијаницата што на заминување ни дофрли: „Доста јадете гомна, сите на крајот ќе завршиме во ров, на фронт, среде Трета светска војна која доаѓа“. Во тој магичен круг на филозофијата на газот, која се занимава со начините за сместување на себе во меката фотелја на удобноста, ние постојано ловиме оправдувања со кои си ја браниме комфорноста. Тие оправдувања се доказ за нашата креативност, која умее да ги најде сите можни изговори за деструкцијата што ја спроведуваме за да ни биде удобно, барајќи системот што не чини да нè заобиколи нас и да се концентрира на нив, кои ја нарушуваат нашата удобност со нивната деструкција, оти само така системот конечно ќе проработи. Оттука, нашите дамнешни предци вовеле морално образовна институција наречена „на детето не треба да му се оди по газот“, која поради веќе споменатата филозофија се трансформираше во „никому, освен на мене, не треба да му се оди по газот“.
Таа: За нешто да се промени, секој мора да почне од себе.
Јас: Па почни од себе. За почеток, престани да поминуваш на пешачки кога е црвено.
Таа: Зошто бе да дремам на семафор, ако нема коли?
Јас: Таков е законот. Патем, може има некој што вози 120, бидејќи во Москва на булеварите големи како автопатишта, било дозволено 70.
Таа: А Мицковски да не чека на црвено. Башка он има хидроцентрали, а јас не. Значи корумпиран е. Да не беше судот во негови раце, друга песна ќе се пееше.
Јас: Се согласувам. Да имаше правда, досега ќе имавме обвинение за злосторничко здружување против сите чинители што спроведоа идентитетски геноцид преку промена на името.
Таа: За среќа, судството е независно и никогаш нема да има такво обвинение како во твоите небањати соништа.