Со симулација на резултатите од локалните избори, ЛДП/ДОМ би добиле од еден до два пратеника, а во овој состав имаа четворица пратеници. Според симулација од nизборите во 2020 година, единствен видлив добитник би била Левица, а губитник албанските политички партии, кои би имале до два пратеника помалку
Темата за реформи на изборниот систем се актуализира пред последните неколку избори, во 2019 година пред парламентарните избори и 2021 година пред локалните избори, како и оваа година. Честото отворање на темата без нејзин исход, укажува на недоволна политичка поддршка на изборната реформа и ја претвора темата „една изборна единица“ во фарса. Темата за реформи на изборниот систем се отвори по парламентарните избори во 2016 година, како потреба за демократизација. Во тој период, промовираниот изборен модел на една изборна единица со отворени партиски листи, по сѐ изгледа повеќе беше желба на граѓанското општество отколку на политичките партии, кои ги отфрлија „отворените партиски листи“ и продолжија со расправата за „една изборна единица“. Но и таквата редуцирана реформа се чини ја нема поддршката на повеќе политички партии, како ДУИ, АА и СДСМ, па во прашање е и поддршката од самите предлагачи ЛДП, ДОМ и ДС.
Промената на изборниот модел треба да се заснова на одредени критериуми, како легитимност, репрезентативност и стабилност, а различните изборни модели имаат предности или слабости во однос на различните критериуми. Во основа изборните модели може да бидат мнозински, пропорционални и мешани.
Мнозинскиот систем, обично базиран на еден мандат – една изборна единица, може да биде со апсолутно или релативно мнозинство. Овој модел е прифатен во десетици земји, начелно од англосаксонскиот свет со типични примери Велика Британија и САД. На добрата страна овој изборен модел нуди географска репрезентативност, избраници со силен легитимитет и стабилност. На помалку добрата страна овој модел фаворизира бипартизам и има слабости во репрезентативноста по политичка, родова, малцинска и друга основа. Македонија за парламентарните избори во 1990 и 1994 г., како претседателските избори и локалните избори за градоначалници имаше мнозински изборен модел, со апсолутно мнозинство во прв круг и релативно во втор круг.
За парламентарните избори во 1998 година се примени мешан изборен модел, за во 2002 г. целосно да се напушти и да се прејде на пропорционален модел со затворени партиски листи. Иако во македонскиот парламент во 1990 година имаше пратеници од 11 политички партии, поради што не продуцираше политичка стабилност, а беше критикуван за својата репрезентативност по етничка основа, ПДП и НДП имаа 14 пратеници. Од друга страна, мнозинскиот систем за претседател на Републиката и градоначалник се чини дека има позитивни ефекти поради поттикнување предизборни коалиции, кои ги надминуваат етничките јазови во земјава.
Пропорционалниот модел, базиран на повеќе мандати – една изборна единица, може да биде со една или повеќе изборни единици, и со затворени или отворени партиски листи. Овој модел во сите негови варијанти е прифатен во над 80 земји, од кои моделот со затворени партиски листи е застапен во над 50 земји. На добрата страна пропорционалниот изборен модел нуди поголема политичка репрезентативност, на помалку добрата поради политичката фрагментација се смета дека води во помала политичка стабилност поради честите промени на коалициите, каде што вообичаено се наведува Италија како пример. Сепак главните критики се нерепрезентативноста по географија, родови и други основи, како и дека затвореноста на листите ја намалува легитимноста на пратениците поради нарушен однос пратеник – изборна единица. Поради сите слабости се воведуваат повеќе корекции, како повеќе изборни единици, отворени партиски листи и сл. Идејата на отворени партиски листи е покрај партијата да се гласаат личности, со што се зголемува нивниот легитимитет и се засилува позицијата пратеник во парламентот. Во Македонија од 2002 година се практикува пропорционален модел со шест изборни единици поради подобра географска репрезентативност, со затворени партиски листи со родова квота за подобрување на родовата репрезентативност.
Мешаните изборни модели се обидуваат да ги комбинираат мнозинскиот и пропорционалниот модел за да се постигнат предностите на двата модела. Овој модел е применет во помалку земји, а виден пример е Германија. Во Македонија овој изборен модел се практикуваше во 1998 година, кога 85 пратеници беа избирани во мнозински модел и 35 пратеници во пропорционален модел.
Во студија на изборни модели од 2006 година, изборни експерти за најдобри изборни модели ги дефинирале: мешаниот модел, пропорционален со отворени листи, пропорционален со затворени листи, мнозински итн.
Македонија поминала и има искуство на повеќе изборни модели. Се чини дека во моментот е постигната добра комбинација на изборни модели на различни нивоа: мнозински изборен модел за претседател на Републиката, пропорционален изборен модел за Собранието со шест изборни единици, затворени партиски листи и родова квота, мнозински изборен модел за градоначалник и пропорционален изборен модел за совети на општините со затворени партиски листи и родова квота.
Овој модел носи микс на легитимност, репрезентативност и стабилност. За негова промена треба да биде јасна потребата или проблемот што се решава. Барањето за „една изборна единица“ најчесто e формулирано како барање на помалобројните политички партии, дека со тоа ќе се зголеми политичката застапеност на повеќе политички партии. Тоа се потврдува со студија изготвена за Собранието од 2017 година, во која со анализа на изборните резултати се утврдило дека од иста застапеност во 2008 година до дополнителни пет партии/коалиции во 2011 година би добиле најмалку еден пратеник. Проблемот е дека решавањето историски проблем неминовно не доведува до решение во иднината. Една од причините за воведување пропорционален модел беше да се избегне промената на партиска припадност во мнозинскиот систем, но иако се смени законот, проблемот остана. Со симулација на резултатите од локалните избори, ЛДП/ДОМ би добиле од еден до два пратеника, а во овој состав имаа четворица пратеници. Според симулација од изборите во 2020 година, единствен видлив добитник би била Левица, а губитник албанските политички партии, кои би имале до два пратеника помалку.
Дополнително една изборна единица може да ја наруши географската репрезентативност, бидејќи на врвовите на листите би биле кандидати од Скопје и поголемите градови. Можеби затоа нема некоја посебна загреаност за една изборна единица. Граѓанското општество се залага за можеби поважната промена од затворени, на отворени партиски листи, но и со ова решение би барале како да се заштити на пример родовата репрезентативност.
Затоа треба темелна јавна расправа, па кое решение и да се усвои да биде долгорочно и да се примени од следните парламентарни избори.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek