Според староримските поети, фама била страшна птица – змеј, со широки крилја, со големи и густи пердуви, со долги и брзи нозе. Имала толку многу јазици, очи и уши колку што имала пердуви, а не постоело живо суштество што можело толку да се надуе. Фамата ширела паника и им втерувала страв во коски на луѓето, и ноќе и дење, а особено во поголемите градови. Според поетите, живеела на висок рид, во тврдина без врати и прозорци. Била отворена на сите страни, за да можат да влегуваат во неа непречено сите нејзини помошници, оличени во измислени вести, судбоносни заблуди, радости без причина, како и лековерноста, стравот и човечките грозотии.
Според грчката митологија, Фама била божица на гласините. Нејзиниот дворец бил изграден од бронза. Како таков имал својства да ги одбива зборовите што допираат до неа, враќајќи ги назад многу позасилени. Фама живеела опкружена со нејзините придружнички-посестрими: Лековерност, Грешка, Лажна радост, Ужас, Бунт, Лажни вести. Со нивна помош го надгледувала сиот свет. Во истата митологија е и легендата за Ехо, преубава и возгордеана нимфа, која имала навика премногу да зборува за сѐ и сешто. За да ја казнат ѝ забраниле да зборува, освен кога некој ќе ѝ се обрати, но притоа да не може да каже што сака, туку да го повторува само тоа што го чула од другиот, а тоа да одекнува надалеку.
Во македонскиот литературен јазик најблизок збор до фама е зборот „гласина“. Означува именка од женски род, што значи непроверен глас, озборување, кога некој зборува за некого, т.е. шири гласини. Според речникот на Блаже Конески, слични на гласини се слухови, а слухови се вест за нешто, информација, податок чија веродостојност не е докажана. Гласина е нешто што се шири во јавноста, а не се знае дали е навистина така, сѐ додека не се докаже, а ретко или никогаш не се докажува. Гласина е кога те бие глас, кој може да биде и добар, но во практиката секогаш ја губи битката пред лошиот. Добриот збор далеку се слуша, лошиот уште подалеку.
Во Толковниот речник за зборот „гласина“ постои и друго толкување.
Тоа е кога некој прави, усукува нишки од волна или памук, што има врска со глаголот „преде“. Предење не е само звукот што го испушта мачката при спиење или галење, туку правење, усукување нишки од волна или памук. Во нашиот говор неретко може да се сретне пример во кој се вели дека некој преде пред некого за да му заврши некоја работа, или кога со разни лаги или ласкања му се усукува (зависи каде) за да му направи некаква услуга. Тука е и поговорката „како преде мајката, така ткае ќерката“, што во преносна смисла значи дека некои се дополнуваат, се надоврзуваат во нешто за што имаат исти ставови. Од предењето е можеби потеклото дека некој некого „го врти околу малиот прст“, како и народната „од влакно направи ортома“.
Од митологијата и традицијата да се префрлиме во современоста. Во последно време во политиката и медиумите често се употребуваат зборот „спин“ и именката „спинување“. Зборот, бидејќи е понов, го нема во македонските речници, но масовно го има во практиката. Лингвистите и преведувачите не се баш најсогласни за точниот превод на овој англизам, но велат дека основното значење на зборот спин е – врти, заврти, завртува. Во модерна смисла да се спинува значи да се заврти некоја информација, односно да се пласира на таков начин што ќе ѝ одговара на одредена држава, влада, партија, групација, организација или на поединец.
Во разните политички кампањи спинувањето се користи како метод ако треба да се сврти против некоја идеја или личност или, обратно, да се убеди дека таа идеја, тој проект, таа личност е нешто што е најдобро, највредно што треба да се прифати и поддржи. Преку спинот некому ќе му се „извадат“ сите пороци, а ако потребите се поинакви, за истиот тој ќе се премолчат пороците, а ќе се истакнат доблестите. Со спинувањето се влијае на широките маси за да се создаде слика што ќе прави илузија на привидно задоволство во општеството или ќе ги оправдува постапките. Поточно и поконкретно: ќе ја замени целата вистинска перцепција на настаните со невистинита, која во целост одговара на потребите на неговиот нарачател.
Според некои построги толкувачи на преводот, кога овој збор би се превел на прост, едноставен и разбирлив јазик, би се добил друг многу попознат збор. Тоа би се нарекло – превртување на вистината, а накратко – лажење. Значи, лагата, извртувањето, искривоколчувањето и скратувањето на вистината се дел од арсеналот со кој располага спинот. При спиновите, лажно се претставуваат противниците, лажно се известува за светските (европските) настани, се лаже за традицијата, се негираат претходните успеси и достигнувања, се негираат универзалните уверувања и вредности. Спинерите се опасни, зашто тие знаат кој со што се занимава, кому и каде му се слабите точки, знаат што имате дома, ако треба ќе ви извадат што јадете и што пиете, ќе ви гледаат низ клучалката на тоалетот, знаат сѐ за вашето семејство, роднини и блиски пријатели, каде (и со кого) спиете, за кого гласате, од кого се плашите, колку и кому му должите, кој број чевли носите.
Покрај „негативните“, омилени се „позитивните“ спинови што ги содржат приказните за подобро утре. Преку нив, на болниот му се нудат спасоносни формули за здравје со плацебо-лек, на невработениот брзо вработување и добра плата, на сиромавиот повеќе пари, на гладниот секој ручек месо, на жедниот „кока-кола“ дневно, за секого по нешто, но не сега, туку утре или некој друг ден. Народот го слуша тоа што сака да го чуе, на тацна ја има надежта за лекување на сите лични и народни маки. Спинувањето денес е еден политички матрикс во кој се наоѓаат граѓаните убедувани во поубав и посреќен живот, додека истовремено поскапуваат струјата, лебот, водата, бензините, додека растат давачките, а паѓа стандардот.
Гласината, фамата, спинот се како грутка снег, мала и незабележлива, која кога ќе се растркала од врвот на брегот, на подножјето стигнува како лавина. Тоа е обичниот збор кажан утрото, кој добива џиновски димензии до вечерта. Се прикажуваат неверојатни приказни, цели басни со многу поединости. Од штур извор брзо расте бујна вода. Приказна почната од селската продавница наутро кружи низ цело село до последната куќа до зајдисонце. Се пренесува, се додава, се увеличува, и не само во една верзија. Од селото во градот, од куќа на куќа, како народна песна. Потоа од еден во друг град, каде што приказната од почетокот на крајот е сосема различна.
Денешниот човек сѐ помалку чита весници и книги, сѐ повеќе гледа ТВ-серии и слики, верува и во тоа што не е за верување или се прави дека верува. Сѐ повеќе се сомнева, сѐ повеќе молчи и се повлекува, помалку се дружи и пријателствува, (другарува), се чува од искреност и блискост. Познатите облици на традиционалното мислење и говорење брзо се редизајнираат или исчезнуваат. Тие не можат да ја издржат трката пред налетите на гласините, фамите или спинуваните, симулирани и манипулативни пораки. Сликата ја победува стварноста, површината не дава да се погледне во длабочината, стилот ја победува содржината. Така е во светот, нема разлика ни кај нас.