Холандскиот амбасадор, сакал или не, ги залепи на тапет нашите загрижени еврошарлатани од таканаречениот „Европски фронт“. На ЕУ одамна ѝ е јасно со кого си има работа и млако реагира (според нивниот политички момент и потреби), како што на многумина од нас ни е јасно и ние со кого си имаме работа. Нам ни е јасно дека се бориме од една страна со корумпирана и неспособна власт, од друга страна со дволичноста на ЕУ.
По острата изјава на холандскиот амбасадор за надолната линија на правосудството, за мешањето на ДУИ во Врховниот суд, за корупцијата што ја лоцира токму и најмногу во ДУИ, за ветото што Холандија може да размисли да ни го стави (како да ни е малку Бугарија), за укинувањето на безвизниот режим, шарлатаните и самопрогласени челници на „Европскиот фронт“, само што не го натепаа човекот. Цел спектар на бесмислени, би рекла и безобразни изјави од „Европејците“. Најпрво Османи се истакна (пред својот шеф Ахмети) дека токму тој, Али, бил повикан на разговор кај амбасадорот затоа што ДУИ најмногу зборувале за корупција?! Не знам што зборувале за корупција, но очигледно ја познаваат длабински. Втората негова изјава беше дека не сме ни можеле да се избориме за правна држава без да ги почнеме преговорите со ЕУ?! Се работело за различни концепции: едната која вели „На вас самите е да се изборите“, другата дека чекаме ЕУ да нѐ оправи, ама ете опозицијата не им давала да одат напред. Каде бре напред? Па власта нѐ мавна во ѕид, од таму нема мрдање додека не се тргнат.
Најпатетични се вечните апологети на оваа власт, кои објавуваат текстови во евтини портали, да го бранат последниот став на Османи. Имено, без преговори со ЕУ, нема оправување.
Бидејќи, го парафразирам апологетот, зошто била формирана Унијата ако не да ги оправала земјите основачи на истата таа? Не знам дали е човеков под некоја опојна дрога или се работи за почеток на деменција, но за жалење и плачење е фактот што истиот тој некогаш беше дури и министер за надворешни работи на кутра Македонија. Прво да го потсетам дека ЕУ се формира како економска заедница. Зарем една Британија, Франција, еве и Холандија, чекале да станат правни држави по влегување во заедницата? Или имале правни системи цврсти како бетон со векови? Дали можеби Норвешка, која не е членка на ЕУ, е земја растурена од корупција, каде што шеф на партија може да се меша во одлуките на Врховниот суд? Дали и тие вечно кукаат и плачат да бидат примени во Унијата за да не бидат крадени од партиски банди? Инаку, изразите со кои ја крсти опозицијата, од типот „националисти“, „назадни“ итн. се депласирани колку и неговата режирана шарена револуција. А човекот навистина беше „револуционер“ со велосипед, куче, маче и рокенрол.
Изјавата на Груби каде што ја кара ЕУ што не се борела против непринципиелните барања за Македонија, од друга страна, е многу интересна. Прво, признава дека барањата се, благо речено, вулгарни и неостварливи, а второ како еминентен припадник на „Европскиот фронт“ тргна да ја кара Унијата. Па, со кој ум тогаш ја притискаат и силуваат опозицијата да прифати непринципиелни барања? Ајде како власт прво да се избореа за нормални барања како за сите кандидати (што досега исклучиво требаше да го прават), па потоа ќе зборуваме. Груби, тонч. Еден-нула за опозицијата. Твоето признание вреди злато. Барем вреди колку изборите што ќе ги изгуби твојот самонаречен „Европски фронт“. Среќа што не се нарекоа „Интергалактички фронт“, па да бараат Марс и Јупитер да нѐ средуваат. Но и вонземјаните тешко ќе им ги одлепат рачињата од медот.
Таче, како и секогаш, за мир во куќата на ДУИ, не е одовде. Амбасадорот да кажел по име и презиме кој вршел притисок на Беса Адеми, претседателката на Врховниот суд. Да не има човеков нешто пандурско во себе? По име и презиме, интересно.
Неверојатна колекција од глупави изјави од корумпирани политичари, од неуспешни, кои ја доведоа земјава на работ на пропаста и срам за сите нас. Нивното досие се состои од: најпогубни можни, потпишани договори со соседите за уништување на Македонците; најголема досега видена корупција, без казнување; растурање на остатоците од правната држава; потплатување и амнестии на пратеници; небезбедна и нефункционална држава; најлошо образовани ученици во Европа според скалата на PIZZA; најзагадени градови; најголема смртност во Европа во ковид-кризата; изгорени луѓе во болница; непреземање никаква одговорност; „Избеган“ бивш премиер и „избеган“ осомничен за двократно убиство; промена на Кривичниот законик во полза на владините ајдуци, со европско знаменце; игнорирање на црната листа на САД за корумпирани политичари за кои има докази…Листата може да се шири до бесконечност.
Да резимирам. Тезата на власта е дека без ЕУ, нормално е да се краде и дека ЕУ е должна да ги спречува. Да одиме понатаму во нивната поматена логика. Бидејќи опозицијата не им ги гласа „непринципиелните барања“ (според изјавата на Груби), значи опозицијата не им го спречува крадењето, кое би било веднаш спречено штом зачекориме по „светлиот пат“. Тие самите во никој случај не се виновни што крадат и прават сѐ да не бидат казнети. Уште повеќе, според Османи, колку повеќе крадат, толку повеќе треба Унијата да се спрегне да нѐ прими. За да нѐ спаси од самите себе.
Да беа избегани од лудница, ќе имаа понормални резони. Толку ли не се информирани за разни корупциски скандали што ја тресат и Унијата? Не толку одамна, европратеници беа фатени во поткуп за да протуркаат закон во Европскиот парламент. Во 2022 година беа уапсени европратеници во аферата „Катаргејт“, со пронајдени огромни пари во нивните домови. Тие сите беа казнети. Но, колку не се? Колку корупциски афери ја тресат Бугарија откако е влезена во ЕУ? Како Грците успеаја да ги стопат европските фондови наменети за развој на земјоделството и да изградат илјадници крајбрежни вили? Како тоа Кипар и денес е рај за перење пари? Сите тие ќе навалат нас да нѐ средуваат, или мораме самите да се справуваме со злото што нѐ осиромашува во секој поглед?
Навистина ќе го идеализираме светот кој очигледно не го познаваме?
Како и да е, холандскиот амбасадор им ја скрои капата на еврошарлатаните. Ако ништо друго, оправдувањата им се потенки, лагите не им поминуваат. Смешни се, а и подуплашени. И нека не се нарекуваат „Европски фронт“, дека уште повеќе ќе ми се помати вредносниот систем. Тие се обични еврошарлатани, израз на кој полагам авторско право. Впрочем, во нивното владеење успеаја само за една година да ја намалат поддршката за ЕУ кај граѓаните од 65 на 60 отсто. Со нив трчаме во рикверц. Важно е да се учествува.