Европските демонстранти против туризмот се лажат ако мислат дека сега е лошо

Лесно беше да се превртува со очи кога локалните демонстранти со водни пиштоли прскаа кон изненадените туристи по кафулињата за време на неодамнешно попладне натопено со сонце во Барселона, една од врвните летни дестинации во Европа. Но протестите против туризмот тука, исто така, беа предупредување за зголемувањето на тензиите на континентот и пошироко, бидејќи рекордните нивоа на патувања летово се судираат со климатските промени, социјалните разлики и капацитетот за апсорпција, дури и во градовите што се најпријателски за посетителите. Ако мислите дека светските туристички центри веќе се заситени, размислете повторно. Кога ќе додадат уште стотици милиони посетители во текот на следната деценија или две на метежите во шпицот на сезоната, местата што мислат дека сега се соочуваат со критичен момент ќе го паметат ова лето како да е од старите добри времиња.
Туризмот низ светот расте со децении, а неговото влијание е несразмерно во Европа, особено во сончевиот појас на јужна Европа. Пример претставува Барселона, исклучително шармантно место чија популарност се зголеми откако беше домаќин на Олимпијадата пред 32 години. Градот со 1,6 милион жители имаше помалку од два милиона туристи во 1990 година. Оваа година, градските власти очекуваат речиси 13 милиони, што претставува приближно 38 милиони ноќевања. Тоа не вклучува уште милиони патници што се на крстосување или патници што ѝ се придружуваат на толпата на пешачкиот булевар „Рамбла“, катедралата „Саграда фамилија“ и други знаменитости што мора да се видат.

Кириите во градот пораснаа речиси 70 отсто за една деценија, поттикнати од платформи за изнајмување, заедно со дигиталните номади и купувачите на викендички. Околу 150.000 луѓе имаат работни места во туристичкиот сектор во Барселона, но многумина не можат да си дозволат да живеат во градот. Слични грижи имаат Лисабон, Атина, Лас Палмас, Ибица и други водечки дестинации. Тие се жртви на сопствениот успех, преплавени со туристички долари и сè повеќе се плашат од губење на жителите од работничката класа. Ниту еден европски град не бил толку целосно преплавен од туристи како Венеција, каде што 70 отсто од нејзиното население е протерано од 1950-тите, а годишно има повеќе од 20 милиони посетители. Оваа година Венеција наметна такса од 5,3 долари за дневни посетители, гест што изгледа бесмислен.
Притисоците и протестите на локалното население против туристите се интензивираат – не само во јужна Европа туку и во Амстердам, Токио, Сеул и на други места. Во Барселона, каде што туризмот речиси универзално се сметаше за позитивен пред 15 години, речиси една четвртина од жителите сега велат дека тој имал негативни ефекти.
– Веројатно сценарио е туристичката индустрија да продолжи да го прави она што го прави, а тензиите меѓу жителите и туристите ќе се зголемат – ми рече Себастијан Амрејн, научник за туризам на германскиот универзитет „Рајн-Вал“.
Во Барселона разговарав со Жорди Валс, заменик-градоначалник за економија, даноци, економска промоција и туризам, кој ја презеде работата минатата година. Речиси веднаш, тој утврди дека туризмот, кој сочинува речиси една петтина од нејавната економија на градот, е доведен до крајни граници – и исто така незапирлив.
– Не можам да ја контролирам побарувачката. Можам да влијаам само на понудата – ми рече тој.
Во остварување на таа цел, градот забрани изнајмување соби во приватни станови, а до 2028 година планира да укине уште 10.000 краткорочни изнајмувања преку „Ербиенби“ и слично. Градот, исто така, ја зголеми општинската такса за ноќевања, ги ограничи новите хотели во центарот и ја ограничи големината на туристичките групи. Цел е да се осигури дека јавните простори не се колонизирани од посетители што користат селфи-стапчиња. Тоа се покажува доволно тешко во некои делови од градот. Потоа, тука е долгорочниот стрес што туристите го вршат на снабдувањето со вода, струја, врз транспортот и други ресурси.

Еднакво тежок предизвик е заштитата на карактерот на станбените населби каде што становите се „заземени“ од надворешни лица. Неколкуте илјади нови единици што Барселона планира да ги гради годишно, веројатно нема да го забават постојаниот марш на градот кон англофонска гентрификација. Намалувањето на понудата има тенденција да ги зголеми цените, префрлајќи го расположливиот капацитет на побогатите туристи со мала или никаква корист за работната сила. Во трговијата, тоа е познато како „квалитетен туризам“, еуфемизам за посетителите со длабок џеб чии раскошни навики за патување ставаат голем товар врз климата.
Крајот на пандемијата донесе бран туристи што уживаат во нови знаменитости по долгото престојување во нивните дневни соби. Проекциите минатото лето дека патувањето ќе биде олеснето оваа година се покажаа погрешни: туризмот сега ги надминува рекордите пред пандемијата. Туристите се „златна можност“ за многу места, особено оние со сонце и песок во јужна Европа, чии економии непропорционално зависат од нив. Малку места ќе соберат политичка волја во скоро време за значајно намалување на бројките.
Но ако владите проактивно не ги диверзифицираат своите економии за да станат помалку зависни од туристите и не ги редистрибуираат приходите од туризмот поагресивно, за да ги покажат неговите придобивки, тогаш протестите или преоптоварувањето би можеле да ги притиснат – освен ако самите туристи не ги напуштат дестинациите во целост. Знаците се јасни. На Канарските Острови, антитуристичките активисти во последно време почнаа да објавуваат лажни знаци во близината на плажата: „Затворено поради пренатрупаност“.

Ли Хокстадер
Авторот е колумнист на „Вашингтон пост“