Европа си честита себеси за избегнувањето нова царинска војна. Но избегнувањето конфликт не е стратегија
Изборот на Европа да ги прифати американските тарифи, а наедно да разводни делови од Зелениот договор, не беше чин на „стратешко трпение“, туку на стратешка неповрзаност. Во тоа време познавачите на состојбите сугерираа дека Брисел мудро избегнал штетна трговска војна и им овозможил на своите индустрии простор да здивнат. Сепак, првичниот договор за „реципрочна, фер и избалансирана трговија“ открива каде лежи вистината.
На хартија, договорот се претставува како фер ребалансирање на трансатлантската трговија. Во пракса, тој открива познат модел: Европа прави подлабоки отстапки, Вашингтон зазема цврст став, а долгорочната конкурентност на ЕУ се тргува за краткорочен мир.
Договорот им овозможува на САД да задржат тарифи од 15 отсто за клучните европски извози, додека Европа ветува дека ќе ги елиминира тарифите за американските индустриски стоки и ќе го прошири преференцијалниот пристап за американското земјоделство и морска храна. Паралелно, Брисел се обврзува да насочи дополнителни 600 милијарди долари инвестиции во САД до 2028 година.
Наместо зајакнување на индустриската база на Европа, ваквата ситуација ризикува забрзување на реиндустријализацијата преку Атлантикот – токму кога креаторите на политиките на ЕУ се жалат на заостанувањето на Европа на полето на чистата технологија и на дигиталниот капацитет.
Највпечатливиот елемент е енергијата. ЕУ вети дека ќе набави течен природен гас (ЛНГ), нафта и нуклеарна енергија во вредност од 750 милијарди долари до 2028 година, заедно со 40 милијарди долари во американски чипови за вештачка интелигенција. Ова ја заробува Европа подлабоко во синџирите на снабдување базирани на фосилни горива, во време кога обновливите извори на енергија веќе испорачуваат рекордно производство. Удвојувањето на увозот на течен природен гас (ЛНГ) не може веродостојно да се нарече отпорност. Тоа е регресија и ја прави Европа заложник на глобалните пазари на фосилни горива, дури и кога произведува повеќе чиста енергија од кога било досега.
Настрана од тарифите и енергијата, Договорот ја обврзува ЕУ да ги ублажи своите водечки зелени и одржливи регулативи. Тоа не се само бирократски технички детали туку станува збор за интегритетот на надворешните компоненти на Европскиот зелен договор: Регулативата за дефорестација (ЕУДР), Директивата за длабинска анализа на одржливоста на корпорациите (ЦСДДД), Механизмот за приспособување на јаглеродните граници (ЦБАМ) и Директивата за известување за одржливоста на корпорациите (ЦСРД). Нивното слабеење го поткопува кредибилитетот на ЕУ како лидер во прашањата поврзани со климата и ја уништува нејзината амбиција да ја зацврсти конкурентноста во транзициската економија.
Иако за комисијата ова може да се толкува како дел од поширокото поедноставување и напори за поврзување, договорот исто така отвора можност за позагрижувачко сценарио: ерозија на законските акти што ја поткрепуваат лидерската позиција на ЕУ во животната средина и климата, како и самиот нејзин капацитет да ги исполни целите на Парискиот договор и обврските од мултилатералните еколошки спогодби.
Истата мана ја гледаме во дизајнот на европскиот пазар на електрична енергија. Исто како што цените на електричната енергија остануваат врзани за нестабилните трошоци за гас, така и трговската стратегија на Европа останува поврзана со краткорочни решенија што ја зацврстуваат долгорочната ранливост. Структурните тарифи се прифаќаат како трајни; зависноста од фосилни горива е зајакната; регулативата за одржливост е ослабена. Резултатот не е рамнотежа, туку неповрзаност.
Ова се протега подалеку од тарифите и енергијата. За Европа да стане конкурентна во одржливото финансирање и вистински глобален лидер, мора да ја преиспита својата моментална дивергенција. Следењето стандарди по нарачка, како што се Европските стандарди за известување за одржливост (ЕСРС), наместо усогласување со глобално признаените рамки, како што е Меѓународниот одбор за стандарди за одржливост (ИССБ), ризикува зголемување на трошоците, фрагментирање на пазарите и разредување на влијанието на Европа.
Дури и финансиските регулатори на ЕУ предупредија дека отстапувањата од ИССБ би можеле да го поткопаат квалитетот на податоците и да создадат нееднакво поле за игра во самата Европа. Конвергенцијата не само што би ја подобрила транспарентноста и би ги намалила оптоварувањата врз компаниите туку и би ја зајакнала моќта на ЕУ во меѓународните преговори. Со инсистирање на рамки по нарачка, а истовремено разредувајќи ги под притисок на САД, Европа ризикува да го постигне најлошото од двата света.
Алтернативата е јасна. Европа мора да ја користи трговијата за да ја зајакне, а не да ја разреди, својата стратегија за конкурентност. Тоа значи градење енергетски суверенитет врз обновливи извори на енергија и прекугранични мрежи, а не договори за течен природен гас; правејќи го известувањето за одржливост извор на глобално влијание преку поттикнување конвергенција со меѓународните стандарди, а не фрагментација; и усогласување на трговската, индустриската и климатската политика во кохерентна долгорочна стратегија што ја зајакнува преговарачката рака на Европа наместо да ја еродира.
Европа си честита себеси за избегнувањето нова царинска војна. Но избегнувањето конфликт не е стратегија. Во еден поделен свет, зависноста од фосилни горива и ослабените правила за одржливост не можат да бидат основа на идната конкурентност. Единствено кохерентно усогласување на климатската, трговската и индустриската политика може да биде таква основа. Договорот треба да биде повик за будење: Европа не може постојано да купува мир со продажба на својата иднина.
Апостолос Томадакис
Авторот е истражувачки соработник и раководител на Одделот за финансиски пазари и институции во Центарот за студии за европска политика (ЦЕПС) и раководител на истражувањето во Европскиот институт за пазари на капитал (ЕЦМИ)