Во националната култура на нереално самоперципирање во споредување на нашите постигнувања со најголемите светски постигнувања? Или, пак, во поедноставно објаснување во источноевропската политичка култура? Некој напиша „во Западна Европа поради ветувања што нема се исполнат се губи власта, додека во Источна Европа без невозможни ветувања не се доаѓа на власт“
Во овие дождливи сиви есенски денови и уште потемни општествени, економски и социјални перспективи, власта успеа да ме насмее. Читам наслов „Директорот на Железници, Хари Локвенец: Ќе изградиме европски континентален Босфор“ и ме фати смеа. Владата што три години не може да изгради два километри автопат ќе ја направела Македонија континентален Босфор. И под насловот во самиот текст се потврдува огромниот јаз меѓу кажаното и реалноста: текстот е само за Коридорот 8, каде што за источниот крак допрва ќе се распишува тендер за последната делница на македонска страна, ќе се бараат пари за техничка студија за Кичево – Струга, а за Струга – Албанија се размислува. Дури ни дозата реалност на Хари Локвенец дека сето тоа треба да се реализира до крајот на деценијата не го намалува скептицизмот. И дури да се изгради за седум години сето тоа, целиот Коридор 8, како со железница од почетокот на 20 век ќе бидеме континентален Босфор во 21 век?
Како да се објасни ваквиот расчекор? Во националната култура на нереално самоперципирање во споредување на нашите постигнувања со најголемите светски постигнувања? Или, пак, во поедноставно објаснување во источноевропската политичка култура? Некој напиша „во Западна Европа поради ветувања што нема се исполнат се губи власта, додека во Источна Европа без невозможни ветувања не се доаѓа на власт“. Ова е претерана изјава, но може да се примени на власта на СДСМ, која дојде на власт со многу лажни ветувања или едноставно лаги и мисли дека може да владее со лаги и празни ветувања, а без постигнувања. Додека неспособноста на Владата во завршување на стратегиските коридори и патнички и железнички, но и енергетски (до каде е гасоводот?) нѐ води во стратегиски мрак, сега загриженоста е за моменталниот енергетски и економски колапс и мрак!
Се соочуваме со врв на неспособноста, колосално потфрлање на Владата, што ќе ја турне Македонија во енергетски и економски колапс. Владата сметаше дека уште еднаш со лаги и популизам ќе ги помине енергетската и економската криза, како што со лаги ја помина корона-кризата. Да, Владата ја помина корона-кризата со лаги, но тие лаги ја чинеа Македонија илјадници животи „смртност над очекуваното“. Така и сега Владата мислеше дека ќе ги помине енергетската и економската криза со мало поскапување на енергијата за домаќинствата, со што ќе го купи социјалниот мир, и префрлање на товарот на економијата. Размислувајќи од ден за ден, Владата дури сега, во дванаесет и пет, сфати дека под енергетскиот товар ќе крахира целата економија. Но можеби и тоа е планот, кога ќе затвори „Фени“ ќе се заштедат 100 MW капацитет, цел еден „Осломеј“ што ќе ги спаси домаќинствата. Шега настрана, фирмите што се високоенергетски зависни се затвораат, тие помалку зависни намалуваат обем и отпуштаат работници. Поради високата цена на енергијата, повисока од цената во некои од нашите главни извозни пазари, македонскиот извоз станува неконкурентен.
Последните две недели Владата е растрчана, но како велат Србите „прасе не се гои на Божиќ“. На два-три дена нови ветувања, односно лаги. Ќе купиме струја од Бугарија, деталите ќе се договорат. Е, сега има еден мал детаљ се вика цена. И Бугарија сака да продава по пазарна цена. Сметката дома и на пазар никогаш не е иста. Ќе добиваме јаглен за РЕК „Битола“ од Грција. Испораките на јаглен од Грција не можат да покријат ни три дена работа на РЕК „Битола“. Ќе добиеме струја од Турција. Нема како да стигне. Ќе земеме евтин гас од Србија и скапо ќе им ја продадеме струјата… Нов ден, нова лага. Во одржување на оптимизмот се приклучи и еден од ретките вредни министри Фатмир Битиќи. Се регистрирала грчка фирма, која ќе биде стратегиски енергетски вложувач во Македонија. Само не кажа колку години ќе треба од регистрација до производство, каде и по која цена ќе се продава струјата. Доколку се продава по гарантирани цени на Македонија тоа може да биде решение за две-три години, но не сега.
Е добро, ќе купиме струја на пазарот, затоа и прогласивме енергетска криза. И тоа е решение, ако имаш пари и начин. Но по сѐ изгледа и да се најде начин, ќе нема пари. Откако трчањето по енергенти не даде плод, сега Владата е растрчана по пари, да се задолжи, да нѐ задолжи за да има пари за купување струја. Нов долг за покривање на неспособноста на Владата. И Фатмир Бесими, министер за финансии, безобразно ќе објаснува како мора да се задолжиме или да ги зголемиме даноците. И, да, ќе штедиме со поместување на летното време. Никако да им текне дека само треба да не крадат!
Поддржувачите на Владата, секако, си наоѓаат изговор во кој ќе се скријат, светска криза било. Да, светска криза е, но разликата е како секоја земја се справува со таа светска криза. Клучните енергетски капацитети РЕК „Битола“, „Осломеј“, ТЕЦ „Неготино“, „Те-То“ – Скопје или хидроцентралите се далеку од максимален капацитет. Доколку беа оспособени, дури и со скапи енергенти цената на домашната струја немаше да беше повисока од 150 евра за киловат-час, што е пониска цена од ниската цена за мали фирми, а да не говориме за фирмите на слободен пазар. Во исто време, ВМРО-ДПМНЕ понуди алтернативи, за кои Владата чекаше една недела да седне да разговара. Ете, затоа има разлика кој ја води земјата!