Европската Унија – сѐ помалку европска, сѐ повеќе глобалистичка

Денешната Европска Унија повеќе не е идеалот на храбрите визионери од 1950-тите, кои сонуваа за обединет континент со еднакви и достоинствени народи. Во оваа нова ЕУ, вредностите на основачите – Жан Моне, Роберт Шуман, Конрад Аденауер, Алсид де Гаспери, Пол-Анри Спаак – се заменети со цинични игри и империјалистички уценувања. Европскиот дух на заедништво одамна го напушти Шумановиот плоштад во Брисел. Денес тој е заменет со технократска визија што гледа на народите како на статистички податоци, а не како на културни субјекти со идентитет и историја. Таа е сѐ помалку „европска“ и сѐ помалку „унија“

Македонија небаре е слепа и верува во една Европа на слободарски држави, сојуз на слободата, братството и правичноста. Сојуз на народите, цивилизациските вредности на античката филозофија, римското државништво и на христијанското наследство и просветителство. И навистина, со години оние што изградија сѐ на пепелта на војните покажаа дека може да се создаде заедница што не е само пазар туку и споделени вредности, место каде што човек се остварува себеси, а посветеноста кон мирот е непоколеблива.
Но таа Европа сè помалку постои. Денес, гледам само сенка од тоа што овдешните бриселски административци ветуваат и ветуваат и ветуваат. Европа е мртва, а нејзиниот гроб е прекриен со договори што ги служат само глобалистичките економски елити.
Денешната Европска Унија повеќе не е идеалот на храбрите визионери од 1950-тите, кои сонуваа за обединет континент со еднакви и достоинствени народи. Во оваа нова ЕУ, вредностите на основачите – Жан Моне, Роберт Шуман, Конрад Аденауер, Алсид де Гаспери, Пол-Анри Спаак – се заменети со цинични игри и империјалистички уценувања. Европскиот дух на заедништво одамна го напушти Шумановиот плоштад во Брисел. Денес е заменет со технократска визија што гледа на народите како на статистички податоци, а не како на културни субјекти со идентитет и историја. Таа е сѐ помалку „европска“ и сѐ помалку „унија“. Наместо да ги брани темелите на солидарност и заедништво, Брисел се претвори во пазар каде што се продаваат влијанија, услуги за услуга и евтин популизам, но и опасен национализам, малите земји се само дополнителни нули на сметките на транснационалните корпорации.
Како млад Европеец, и европски федералист по убедување, чувствувам само огорченост. Ова не е Европа што ни ја оставија во завештание нејзините строители. Ова не е Унијата што требаше да биде симбол на надеж.
Ако постои една држава што најдобро го покажува срамното понижување на Европската Унија од проект на обединета Европа во бирократски циркус управуван од глобалистички интереси, тоа е Македонија.

Држава што со децении дреме на предградието, само за да биде понижувана, условувана и злоупотребувана во бескрајни дипломатски игри, пред сѐ од своите националистички соседи.
Македонија не е само држава што ги исполни сите наметнати реформи – таа е држава што дозволи да ѝ биде понижен суверенитетот, неколкупати, само за да добие „европска перспектива“. Прифати промена на сопственото името, се испиша од историјата, националното достоинство е непознато за политичките елити – и повторно ветувања и ветувања и ветувања.
Кога ли имало ваков преседан во европската историја? На сите им е јасно дека ниту една земја не ги исполнила Копенхашките критериуми, но и покрај сѐ Македонија мора да ползи и да моли, третирана како поданичка територија, а не како суверен народ со право на самоопределување. Ова не е проширување – ова е демонстрација на брутална политичка сила врз мала нација што нема политичка тежина да се спротивстави.
Најлошото? Ова не е случајност. Ова е намерна политика на понижување и дисциплинирање. Македонскиот пример е тест – колку една држава може да се присилува да ги продава сопствената историја, јазик и идентитет во замена за празни ветувања?
Европската Унија со ова ја губи моралната основа врз која беше изградена. Ова не е заедница на правото – ова е клуб на политичко лицемерство, каде што принципите важат само ако не им пречат на силните. Ако Унијата продолжи вака, ако Македонија остане симбол на европската нечесност, тогаш прашањето не е дали ЕУ ќе се прошири – туку дали таа воопшто заслужува да опстане.
Но јас не се откажувам од мојата европската посветеност. Затоа што Европа не е само Брисел, не е само економски договори и лобистички групи. Европа е идеја! И таа идеја живее во нас – во оние што сè уште веруваат во слобода, братство и во правичност. Ако ЕУ ја изгуби својата душа, тогаш ние – поколенија што доаѓаат, ќе ја повратиме. Затоа што Европа не е само институции. Европа сме ние!
И ако треба да се бориме за неа, овој пат ќе се бориме со силата на нашите идеи, кои и тие знаат дека се праведни! Затоа што Европа е премногу вредна за да биде загубена.

Авторот е дипломиран политиколог, еден од најдобрите студенти на УКИМ во учебната 2020/2021