Ако се гледаме како народ што битисува од Табановце до Meџитлија, тоа не сме ние. А Преспанскиот договор нѐ сместил токму во тој омеѓен резерват. Кој може да нѐ спречи да излеземе и понадвор и понатаму во нашиот духовен заеднички македонски простор? Зошто самите себеси да се оддалечуваме од своите, од корењата? И зошто не би ја вратиле славата на старата Македонска академија и да му се претставиме на светот со нашата сила на умот, волјата и верата. Да, ѝ велиме на Европа дека нејзиното име почнува на М и завршува на А, исто како и нашето. Многу ѝ дадовме, а сака да ни земе сѐ
Прв приватен, независен дневен весник во самостојна Македонија беше „Република“, која излезе од печат во август 1991 година, а редовно почна да се печати од септември, со раѓањето на референдумска самостојна, независна и суверена модерна Република Македонија. И тој дневен весник е еден од маркерите на Македонија како држава и на македонизмот како фасцинантна сила и енергија што битисува илјадници години, рамо до рамо со првата новинарска перјаница, весникот „Нова Македонија“, кој успешно им пркосеше и уште им парира на сите предизвици.
„Република“ имаше глава што веднаш ја покажува намерата на издавачот – од левата страна ликот на Александар Македонски, од десната ликот на апостолот Гоце Делчев. Историски и духовен спој на два милениума. Една сентенца на милениумско постоење, на долга лоза, на длабоки корења! Македонски вез, македонски филигран, македонска тантела, кавал, мелос, мисла, македонска мера….
На овој ендемски македонски духовен империјализам одговорија најбрутално со насилно бришење и фалсификување на сѐ што има обележје на буквата М и на сите домени скриени како таен код во лавиринтите на името МАКЕДОНИ(Ј)А. Но, ние имаме право да се бориме за своето и да потсетуваме кои сме биле и кои сме останале.
Зошто Александар Македонски на глава на еден весник? Во 4 век пр. н.е. македонскиот крал Алексндар Трети го издава едиктот (законот) со кој како единствен владетел им дал на Хебреите потполна граѓанска, културна и религиозна слобода. Ги изедначил со Македонците, станале рамноправни во огромната македонска империја. Иако се вели дека бил паган (многубожец) им дал на Евреите да ја шират нивната еднобожна религија – Тората. Во денешните еврејски книги Евреите го имаат запишано следното: „Ако воопшто може да се зборува за некакви светци, тогаш Александар Македонски е светецот над светците за нас Евреите“ (Јован Манев, „Тајната на кодот на натписот закован над главата на Исус“).
Очигледно Александар имал одлични информации за Евреите и нивното учење добиено од неговиот учител Аристотел, кој се школувал во Вавилон и кој по згаснувањето на Платоновата академија во Атина ја отворил Македонската кралска академија. И самиот Александар, кого Евреите го нарекувале Син на Сонцето, четири години студирал во Вавилон. Токму неговиот едикт издаден за Евреите бил иницијалната каписла четири века подоцна пак Евреин, апостолот Шаул/Павле својата мисионерска дејност за христијанизација да ја почне од Македонија.
Тој секако дека не сонувал Македонец што го повикувал да дојде на помош, туку добро знаел дека Македонците го прифатиле еднобоштвото и оти имаат цврсти врски со Евреите. И за цело време на неговата мисија тој бил опкружен со Македонци како негова лична заштита. Во своите писма Павле опишува дека Македонците биле пример за сите рани црковни заедници (рано христијанство) преку кои се ширело новото религиозно и филозофско учење. И токму тие тврдења на Павле влијаеле императорот Константин на собирот во Никеа во 325 г. да го пресече црковниот Гордиев јазол и да одреди кои евангелија ќе бидат застапени во Новиот завет – тоа се текстовите на евангелистите Матеа, Марко, Лука и Јован. Уште еден македонски маркер!
Ова се историски несоборливи докази дека Македонската црква има природно право да биде автокефална и како таква таа треба да биде соодветно третирана од сите други цркви. Од 6 до 9 век пак ќе почне друг процес, а тоа е и насилно христијанизирање, кое ќе ги опфати и Атињаните, кои сакале да го наметнат нивното многубоштво (опишано во Макавејските востанија). Во времето на императорот Јустинијан се разурнати до темел сите атински храмови.
Уште еден македонски маркер! Богомилското движење, иконокласицизмот, Крстоносните војни… сите тие бури и превирања се повод или причина предизвикани и од Македонците.
Ова е само еден пресек на историски случувања што јасно кажуваат дека македонската цивилизација имала огромна сила подигната врз основа на знаења и искуства. Таа била способна да развива своја наука, свое писмо, свој писмен код исклесан во Каменот од Розета, глаголица, кирилица, и да го применува во секојдневието. И не случајно Светиклиментовиот универзитет е нуклеусот на универзитетската пракса во Европа. И не случајно црквата во Нерези е никулецот на европската ренесанса. И не е случајно тоа што Европа, која сакала да признае или не се пишува со М, сака да ја избрише Македонија. Како никогаш да не постоела и сето тоа да стане грчко?! Оти во суштина Европа со векови ја формираат двата најголеми етноса во научна, културолошка, филозофска, воена… матрица – македонскиот комплекс и германскиот комплекс. Но дрскоста не познава граници, па така, на пример, и македонската императорка Теофана, која влегува во брак со германска кралска лоза, ја прогласија за грчка императорка?! А која е грчката кралска лоза???
Што мораме да извлечеме како поука, што ни налагаат историјата, нашите предци? Дека ако се гледаме како народ што битисува од Табановце до Meџитлија, тоа не сме ние. А Преспанскиот договор нѐ сместил токму во тој омеѓен резерват. Кој може да нѐ спречи да излеземе и понадвор и понатаму во нашиот духовен заеднички македонски простор? Зошто самите себеси да се оддалечуваме од своите, од корењата? И зошто не би ја вратиле славата на старата Македонска академија и да му се претставиме на светот со нашата сила на умот, волјата и верата. Да, ѝ велиме на Европа дека нејзиното име почнува на М и завршува на А, исто како и нашето. Многу ѝ дадовме, а сака да ни земе сѐ.
Како Македонци во исчезнување, предмет и на кибернетско бришење, имаме обврска токму сега, како преживеани на нашиот армагедон, да спречиме наш сопствен етноцид. Да оживееме како Македонци и да го деривираме сето наследено знаење и да го примениме во 21 век. Дали овие зборови звучат како некој македонски револуционер или деец од 18, 19 или од 20 век? Можеби, но зарем Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, Преговарачката рамка… не нѐ вратија нас назад во историјата. Да, се вратија и Грција и Бугарија назад, се врати и Европа, оти очигледно дека тие имаат идентитетски проблеми.
И затоа се согласувам со Емануел Макрон кога вели дека Европа не е бесмртна и таа може да умре. Затоа, најдобро е да си ја гледаме Македонија и да направиме сѐ да ја кренеме од пепелот што го остави оваа влада во заминување, едно од најголемите зла што им се случило на Македонија и на Македонците во поновата историја.
Христо Ивановски