Еве ме назад

Не знам дали воопшто ви недостигаа колумните во овој изминат период, набиен со политички пропагандни пораки, реклами и божемни дебати. Во дел од нив учествував и јас, иако како маргинален играч (од објективни, но и субјективни причини). Но сега сум тука каде што припаѓам – во академските холови и во колумнистичката ролја. Сепак, ако нешто научив и дознав од средбите со граѓаните (и тоа по пазарчиња, во мали места, кај постарата ама и кај помладата генерација) – тоа беше дека мнозина ме препознаваа токму по колумните. Оваа моја мала политичка епизода барем ме убеди дека пишувањето колумни има смисла, односно дека пишувањето мнозина го доживувале и го доживуваат како духовна храна што многу им значела. Во неколку пригоди ја искористив можноста бесплатно и од срце да подарам најголем дел од збирките колумни (но и учебничка литература) што ми се насобрале низ годините (бидејќи, од мене трговец со книги не бидува – тоа го знаат и моите студенти). Убаво беше да им ги подарам со посвета на луѓе што знам дека ќе ги чуваат во своите лични библиотеки.

Токму пред неколку дена учествував и на одбрана на еден магистерски труд на мултиталентиран студент, кој бескрајно ме израдува со малиот подарок што ми го даде на крајот на успешната одбрана. Можете да го замислите изненадувањето кога внатре најдов лист хартија на чија една страна се наоѓаше еден мој набрзина скициран портрет (кој ги доловил баш главните црти што ме одликуваат), а на другата неговите комплименти дека учебникот „Меѓународна безбедност“ бил најубавиот учебник што некогаш го прочитал во своето студирање. Ме трогна до солзи. Има ли подобра награда од таа за професор?

Како што гледате, драги мои, јас полека се враќам во колосекот во кој припаѓам. Пред мене веќе се нижат серија задачи (кои биле запоставени за кратко или на кои сега им стасува времето): а меѓу нив имам и патувања на глобални научни конференции (од Кина, до Русија и Романија), организирање на големата и амбициозна глобална конференција што мојот Центар за глобални промени ќе ја организира во Скопје во октомври, неколку статии и поглавја што ќе треба да ги завршам – и најважното од сè, патувањето во Канада каде што за првпат ќе ја гушнам тукушто родената внука, Лили, пред која чувствувам огромна грижа на совест. Наместо да биде таму кога се раѓаше, нејзината баба беше втурната во битка за која веруваше дека вреди (да исправи некоја „крива Дрина во Македонија“, обид што досега никој не успеал да го реализира). Се надевам ќе ми простат и ќерка ми и Лили.

Кога човек, дури и на мои зрели години, се враќа од ваква нечесна и валкана игра, не може да мине без лузни. Но за нив ниту некого ќе обвинувам, ниту ќе му дадам некому повод за злорадост. Сето тоа беше лесно да се предвиди. А зошто се нафатив? Затоа што мислев дека во една бара како македонската некој треба малку да разбранува и да ги постави нештата надвор од нивните догматски приказни и умови, кои не можат да видат свет надвор од оној што им го зацртале Калето, Брисел, Берлин и Вашингтон. Се разбира, во валкана кампања, медиумска покорност пред газдите, дискриминација, па и стигматизација, ова беше доволен херојски чин. Еден бивш амбасадор, кој многу љуби еспресо, ама и менување фотелји, давајќи оцена за мојот настап кажа нешто што е можеби точно: сум била одличен професор, ама лош политичар. Ако лик на успешен политичар е да успева да скока од партија во партија, од лево на десно, од портпарол до амбасадор (и назад во МНР или нешто слично – во што можам речиси да се обложам) – тогаш јас тоа навистина не сум. Замислете, дури и мојот политички ангажман (како polites, како активен граѓанин, секогаш бил од левата страна на спектарот – никогаш од либерално до европски народни партии). Толку сум доследно тврдоглава и нефлексибилна, па не гледам каде дува ветрот и каде е најлесно да се има корист. И затоа „за идеале гину будале“ – оние умните завршуваат на највисоки позиции, кога страдаат од амнезија за своето политичко минато и се претставуваат како тукушто родени политичар(к)и, кои немаат ништо заедничко со минатото на партијата што ги носи на крилјата на победата.

Јас и натаму ќе продолжам со мисијата на Касандра, онаа со која се споредува судбината на секој човек што се бори за мир и превенција на катастрофи од помал или глобален вид. Ќе продолжам да го говорам она што е, дури и кога е непријатно и вознемирувачко, ќе бидам на страна на губитниците на општата светска сцена, која не знае дали со аплауз или со тишина ќе го очекува можниот армагедон – ама некој мора да го прави и тоа. Без оглед на цената што ќе ја плати. Малата армија на вистинољупци и борци е онаа од која созреав и кај која се враќам, а меѓу нив се и оние што проговорија во моја полза, како Клер Дејли и Мик Валас, Среќко Хорват и Јанис Варуфакис, Бари Гросман од далечната Индонезија, и мојот најдраг Викинг – Јан Оберг. Тука е и Јасмин Хасановиќ, неверојатно умниот и храбар млад левичарски професор од Сараево, заедно со мојата постара колешка и сестра по душа, Радмила Накарада. Мојата драга Казуо Јамане од Јапонија ми пиша колку ѝ е жал што не можела да гласа за мене, а нешто слично ми пишаа и американскиот колега Гари Сусман (творецот на идејата за „револуции по модел“ од САД) и шведскиот мировник Хусеин Аскари.

И, секако, на крајот на ова што можеби и не е вистинска колумна, останува длабокиот и искрен израз на благодарност и почест на десетиците илјади луѓе што ми го дадоа гласот не одејќи по чекорите на „сигурните победници“. За мнозина од нив бев победник уште кога го прифатив предизвикот – а излегов чиста и како неполитичар. Не, ние имаме свој пат, по кој чекориме и тогаш кога сите велат дека ќе изгубиме. Но тие не знаат како е да стоиш на страната на Честа, Доследноста, Доблеста, Мировништвото, против геноцидот во Газа, против милитарниот пат на НАТО и ЕУ, против империјализамот и уништувањето на сè што е вредно за живот – дури и кога „нивните“ тврдат дека „победата е во воздухот“ (небаре за љубов пеат, а не за политичка моќ).

Тука завршувам засега, па ќе се читаме и по овој политички циркус. Ја завршувам колумната што е и Крај и Почеток, а која првенствено е израз на благодарност на сите вас што ме поддржувавте и тогаш кога знаевте дека ќе ја изгубам битката, ама не и патот што го осветлуваше моралната ѕвезда водилка. Таа нè избрала нас, а и ние неа. Нема бегање од судбината. Само борба за подобро утре, и тогаш кога конфетите на победниците ќе станат смет по улиците, а циркусот ќе ги напушти нашите градови.