Вистина е дека имагинарниот центар на европската политичка сцена го има и повеќе од потребното мнозинство, но уште поточно е дека традиционалната политичка сцена се распрсна во парампарче низ Европа
Каква порака испратија Европејците до бриселската политичка елита на минатонеделните избори за Европскиот парламент? Не толку одамна, кога југословенската федерација беше во длабока криза, но сè уште далеку од крвавиот распад, популарниот војводински кант-автор ја испеа песната каде што укажа дека „нашиот солитер (Југославија) е весело здание, фасадата држи, а темелите лизгаат“. Замислена како певлива критика на неснаоѓањето на југословенските сојузни, републички и покраински елити да се снајдат со противречностите на земјата по смртта на обединувачката фигура на Јосип Броз-Тито, мелодијата требаше да ги предупреди најодговорните дека е време за акција, реформи и излез од севкупната криза. Нормално, во една земја од реалсоцијализмот, макар и најлибералната во историјата како поранешна Југославија, расположението на граѓаните можеше само да се насети, но не и да се измери. Размерите на кризата ќе станат очигледни дури потоа, во текот на 1990 година, кога на првите демократски избори низ Југославија граѓаните ќе имаат можност да го изразат своето мислење за политичарите.
На годинашните јунски избори за Европскиот парламент, граѓаните на Европската Унија излегоа со своја оцена за бриселската политичка елита, која воопшто не е „за машала“. Иако еден дел од „коментаријатот“ побрза да прогласи победа, па се изјасни дека „центарот се одржа“, сепак нештата се далеку од розови, како и со можност за драматично влошување по најавените избори во Франција и можните избори во Германија. Вистина е дека имагинарниот центар на европската политичка сцена го има и повеќе од потребното мнозинство, но уште поточно е дека традиционалната политичка сцена се распрсна во парампарче низ Европа. Европската народна партија, која во своите редови ги обединуваше европските конзервативци, христијански демократи и умерени десничари, веќе не е десниот пол на европската политика. „Народњаците“ сега се самиот центар на европската политичка сцена, а се чини дека полека ги грицкаат и ги апсорбираат во своите јата и европските либерали и европските социјалдемократи. Просечниот Европеец веќе не гледа јасни разлики помеѓу овие три европски политички семејства, туку во нив гледа како на своевиден претставник на проектот на европското обединување, на интеграциските стремежи и на глобализмот. Како друг алтернативен и спротивставен пол на европската политика веќе јасно се профилираат суверенистите. Оваа разнородна дружина во своите редови опфаќа најразлични политички структури, од постфашистите на италијанската премиерка Мелони, преку Националниот фронт на Марин Ле Пен, Партијата на слободата на Герт Вилдерс, шпанскиот Вокс, шведските демократи, португалската Доста, Алтернатива за Германија, австриските „слободњаци“, па сè до далеку поегзотичните радикални опции од посткомунистичка Европа. Заедничко за сите овие политички движења е тоа дека тие себеси се претставуваат како критика на актуелниот европски политички, економски и културен модел, бараат сопирање на миграцијата и поинаква културна политика за избор и интеграција на мигрантите, разводнување на моќта на Брисел и враќање на надлежностите кај националните држави и така натаму.
Се чини дека најголемиот дел од овие политички партии што успеаја да постигнат забележителни резултати веќе го оставија зад себе најтврдиот евроскептицизам и прифатија многу аспекти на европското обединување, како единствениот пазар, шенген-зоната или еврото, па интересно е да се увиди сега дали нешто остана од нивниот радикализам и дали тие ќе се коцкаат да влезат во разградување на европската интеграција или, пак, својата политичка дејност ќе ја насочат кон сопирање на проширувањето, преобмислување на политиката кон мигрантите и јакнење на националните и европските безбедносни институции. Исто така, прашање е како оваа разнородна дружина гледа на трансатлантските врски и на клучниот европски однос со САД. Ако се суди според првиот позначаен пример, Џорџија Мелони во Италија, тогаш ќе биде според онаа познатата француска крилатица „plus ça change, plus c’est la même chose“, која слободно би можеле да ја преведеме како „колку повеќе нештата се менуваат, уште повеќе тие си остануваат исти“. Италија под палката на Браќата на Италија не промени ниту еден од аспектите на својата домашна, европска или надворешна политика, па владеењето на Мелони е прагматично управување со една огромна светска економија, стожерна земја на ЕУ, членка на Г7 и Г20, како и една од клучните точки на глобалната економија. Сепак, италијанските постфашисти долго созреваа за да бидат подготвени за владеење со Италија, било како помал партнер во владите на Силвио Берлускони, било како составен дел на различните италијански десничарски коалиции. Ретко која од другите европски суверенистички партии може да се пофали со такво јасно институционално искуство и административна меморија, како италијанските постфашисти. Нивниот долг од кон власта, всушност, им прикажа што е можно во политика без непотребно да се однесе сопствената земја во бездна или во пат од каде што нема враќање. Тоа не може да се каже за Националниот фронт на Марин Ле Пен што досега успеал да победи само во помали гратчиња (исклучок е Перпињан на југот) или за Алтернатива за Германија каде што „санитарниот кордон“ на другите политички сили против нив уште не покажува позначајни пукнатини. Оттаму е и возбудата низ Европската Унија по распуштањето на француското Национално собрание од претседателот Макрон. Тамошните избори може да завршат со нова победа на Макрон, со поделено собрание или со победа на Националниот фронт. Ќе дојде до целосна парализа во целата ЕУ доколку во една од најклучните земји, како Франција, се соочиме со кохабитација помеѓу претседател глобалист и премиер суверенист. Во тој случај политиката на проширувањето на Европската Унија може да биде првата жртва на тоа сценарио, па заокружувањето на интеграцијата за земјите од Западен Балкан едноставно да сопре. Ист таков шок може да биде и освојувањето на власта на Алтернатива за Германија во некоја од покраините во поранешна Источна Германија.
Оттука, земјите од Западен Балкан немаат време за губење. Мора веднаш да се отвори дијалог за итен влез на сите шест земји од регионот во единствениот пазар, потоа уште следната комисија треба да овозможи целосен пристап на Западен Балкан до структурните и кохезивните фондови, мигрантската криза покажа дека без интеграција на нашиот регион во шенген-зоната не можат да се обезбедат надворешните граници на Европската Унија, еврото е веќе де факто валута на ридестиот Балкан, а ОЕЦД треба да овозможи другите европски земји и Брисел да ги препознаат нашите институции како легитимни и како дел од новиот европски институционален концерт. Проширувањето е единствената успешна европска надворешна политика и заокружувањето на европскиот проект со земјите од Западен Балкан ќе овозможи далеку поголема внатрешна кохезија на Унијата. Граѓаните на Европа посакаа да ги предупредат и да ги казнат своите политики елити. Не смее да се дозволи оваа заслужена казна повторно да се искрши врз грбот на балканската европска интеграција. Наедно, влезот на земјите од Западен Балкан во Европската Унија ќе значи дополнително засилување на темелите на европската интеграција со армиран бетон и обезбедување дека ЕУ ќе ги издржи актуелните глобални тектонски потреси. Потоа, ќе може сите заедно да се зафатиме да ја поправаме фасадата на европското обединување, прво за да постигнеме енергетска ефикасност, а потоа и за да ја разубавиме.
Ивица Боцевски