Етикетата на странец останува до крајот на животот

Во таа постојана борба за подобар живот во туѓина не истрајуваат сите. Некого го убива носталгијата или не може да се навикне на различни правила, купува билет во еден правец и се враќа од каде што дошол

Пред околу четириесет години мојот поранешен колега од работа во Тузла, наречен Стари, педантен и одговорен човек, со низок раст и со големо срце, се подготвуваше да ја посети својата постара сестра во Америка. Нестрпливо го чекаше тој ден, не само за да се сретне со својата сестра туку и да види како живеат луѓето во „ветената“ земја. По дваесетина дена, се врати од напорното патување со интересни впечатоци.
– Човеку, таму сѐ е поинаку, стандардот е многу подобар, но не ми се допаѓа, нема опуштање и уживање, луѓето се во брзање, како да нема утре. Тоа е еден голем пазар на труд, сѐ е подредено на работата, работат и дење и ноќе, и викенди и празници, а живеат како да се караат, без дружење, ни комшиите не се познаваат, а камоли да се посетуваат. Не знам како на сестра ми ѝ се допаѓа таков живот, но што се однесува до мене, јас воопшто не го сакам. Не, благодарам, никогаш не би отишол таму да живеам – рече тој обземен од емоции.
Кога стапнав на американско тло неколку години подоцна и го доживеав секојдневието на еден имигрант, често ми доаѓаа на ум зборовите на мојот поранешен колега од работа. Исто како зборовите на Меша Селимовиќ, кој рече дека четириесеттите се грда доба, бидејќи човекот е млад за да има желби, но веќе стар за да ги реализира.
Имигрантите по пристигнувањето на американскиот континент се соочуваат со низа тешкотии. Во ново опкружување животот започнува од нула, полн е со неизвесност, талкање и приспособување на околината и колоритноста на животните предизвици. Тоа е борба, не само со носталгија, совладување странски јазик, запознавање на локалните правила, обичаи и услуги, навикнување на новиот образовен систем…
На почетокот недостигаат многу работи, кои генерално не можат да се купат поради беспарица, а може да се санираат само со вработување. На почетокот не се избираат работни места, се работи за мала плата, се стекнува потребното искуство, се учи и се усовршува јазикот и се чека поповолна можност за подобра работа, која носи постабилен и порелаксиран живот.
Со подобра заработка и поголема потрошувачка се докажува финансиската способност и се стекнува добра кредитна историја, а со тоа и можност за полесно задолжување, земање кредити за купување покрив над глава и други важни набавки. Со текот на времето доселеникот постигнува сѐ и се навикнува на сѐ, но етикетата на странец му останува до крајот на животот.

Во оваа постојана борба за подобар живот, во туѓина, не истрајуваат сите. Некого го убива носталгија или не може да се навикне на различни услови и правила, некого го мачат лични причини, па ако има алтернатива, купува билет во еден правец и патува таму од каде што дошол, следејќи ја народната поговорка дека најдобро патува оној што знае кога да се врати. На крајот, повратниците се среќни што се враќаат во родниот крај, каде што се чувствуваат како птици во гнездо.
Сепак, некои од нив, по одредено време, разочарани од ситуацијата што ја затекнале, забележуваат дека и таму сè се сменило и, незадоволни од третманот во нивната нова домашна средина, повторно летаат преку океанот, како птици преселници и се враќаат, до каде што мислат дека им е подобро, во земјата што неодамна ја напуштиле, до нов почеток.
Жалат за изгубеното време и велат дека не требало да заминат, а новото враќање за едни е мерка за нивната упорност, а за други за нивната колебливост.
Одреден број иселеници што го завршиле својот работен стаж, веднаш по пензионирањето или порано, доколку финансиски се обезбедиле, одлучуваат да се вратат во изворот на потекло. Да го дочекаат својот крај таму каде што ги влече срцето и каде што цело време биле со својата душа. Тие оставаат дел од себе, дел од својата мината работа, а често, што е најтешко, потомството во земјата што решиле да ја напуштат, покажувајќи дека сѐ се менува во животот, но сепак се сведува на истото.
Порано децата ги оставаа родителите и заминуваа во странство, денес родителите ги оставаат децата во странство и се враќаат во татковината.
Најмногубројни се оние што решиле да останат таму каде што заминале, а ако ги зачувале душата и телото во нова земја, по заслуженото пензионирање, можат до крајот на животот да уживаат во она што го сакаат. Тие се нераскинливо врзани за своите деца и несебично ги подготвуваат своите внуци за живот, ги потсетуваат на нивното потекло, нивната татковина, ги учат на нивниот мајчин јазик…
Многумина сè уште не ја прифатиле целосно земјата во која живеат, постојано ги следат настаните во друга, онаа во која се родени и која никогаш и не можат да ја заборават. Има дури и поединци што, кога се при крај, имаат последна желба по смртта да бидат погребани таму каде што се родени.
И така, секој има причини за својот избор, за заминување, враќање или некоја друга неспомната опција; некој веднаш се навикнува на животот во странство, каде и да оди, некој копнее и тагува по родната земја, но севкупно, кој отишол во туѓ свет, живее малку во минатото, во спомени и сеќавања, никогаш не ги заборава местото на потекло, детството и младоста, семејството и пријателите, ниту својата татковина.
Мојот колега од почетокот на оваа приказна, како што неодамна дознав, почива во мир некаде околу Чикаго, под небото на државата Илиноис. Човек што во доцните години емигрирал од својата родна земја и се преселил во друга земја, спротивно на поранешните верувања, веројатно се чувствувал како пациент кому му биле трансплантирани витални органи. Иако годините го спасија од „пазарот на трудот“ за кој еднаш зборуваше.

Цвијан Цицо Радовановиќ