- Волф и „тешката артилерија“, Гитсел и компанија или Мем и најдобриот пар пивоти во светот на ракометот ИЛИ Шведска со Клар + Готфирсон, присутни и фокусирани, Хрватска тактички добро поставена, Исланд и нивниот „Магдебург ракомет“ или Словенија на Д-р Блаж Јанц?
Хрватска и Швајцарија, синоќа, „го затворија“ единаесеттиот ден на актуелното Европско првенство во Скандинавија, кое полека влегува во средишната зона од втората фаза.
Што е јасно по комплетирањето на второто коло од главната рунда?
Гледаме ракомет каков што одамна немаме видено. Неизвесен, израмнет, суров и квалитетен. Се судираат концепции, стилови и филозофии, но едно нешто е заедничко: никој нема загарантирано полуфинале.
„Волкот“ од Германија повторно е „лош“ и не ги остава „овците на број“, Јанц држи лекции и инспирира, Португалија резултатски „атерира“, 19-годишниот Маркос Фис – фрапира, Гисли и „рибарите“ „модернизам“ демонстрираа, а јас порака од Франција до домаќините парафарзаирам: ќе се видиме повторно во борба за одличјата.
Добредојдовте во мојата колумна – „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“, посветена на досегашниот тек од втората фаза на ЕХФ ЕУРО 2026, кое од 15 јануари до 1 февруари, по којзнае кој пат, се одржува во Скандинавија.
Ракомет следам од својата 16-17 година, посериозно, колку што годините дозволуваат. Од времето кога Владимир Максимов ја предводеше „зборнаја“ до злато, кога Шпанија со Дујшебаев (ама Талант!) парираше, а Шведска низ сите тие години со Висландер, Олсон, Линден и Свенсон доминираше. Секое време си носи нови ѕвезди, квалитетни селекции и неизвесни завршници.
Но имам чувство дека ова ЕП е нешто посебно. За квалитет секогаш може да се расправа и дискутира, викаат, секој со своето време, своите идоли и свои приказни. Но кога станува збор за актуелново ЕП, кои селекции конкурираат за висок пласман и колку целата ситуација околу првите две позиции во двете групи е неизвесна, мислам дека сме сведоци на раритет, можеби и преседан. Ситуација која, да бидам искрен, до некаде и не ја очекував.
ПА, ДОБРО БЕ, КАКВА Е ОВАА СИТУАЦИЈА ВО ГРУПАТА „1“!
Германија, Франција и Данска во два бода, а допрва следуваат дуелите на лидерот со вториот и третиот.
Германија има 6 бодови, има младост, има искуство и го игра ракометот кој по малку го подзаборвивме. Со високи играчи, кои знаат да „распалат“ од дистанца, со неколку други кои ќе работат за овие првите. Имаат супер „црта“ и најважно од се, го имаат „волкот лош“ – Андреас Волф. Да ги држи во игра, кога играчите во поле сеуште не се разбудиле, да ја крене екипата и да го уплаши противникот. Дали е доволно за полуфинале и две последователни победи против (нај)силните Франција и Данска?
Франција, и без соодветна поддршка од Мем и Пранди, долго ја контролираше играта и резултатот на дуелот со Данска. Онаа Франција, која, како и секогаш, инпонира со физичка подготвеност, контакт игра и моли Бога оние на голот да бидат на просечно ниво. Загубија бодови, но им порачаа на Гитсел и компанија: ќе се видиме повторно, во директна борба за одличјата.
Данска не е веќе апсолутен фаворит за златото. Дури не знам дали е прв фарит иако сеуште изгледа застрашувачки. Се „отрезни“ на време, пред главната борба и супер мотивирана ја видовме во вториот круг. Емил Нилсен и толкава количина емоции, на едно место, досега не сме виделе. Гитсел „набријан“ со плафон, а „големиот“ Николај уплашен и нервозен. Големиот фаворит е раздраман и тоа е проблем за сите останати. Ќе биде вистински предизвик да ги добијат „експрертите“ двапати на едно големо натпреварување.
Португалија, како што најавив и на моето гостување на МТВ, очекуваме да паѓа, во однос на физичка подготовка, во однос на играта и својствено, на резултатите. Невозможна мисија е, на турнирски систем, со ограничена ротација, да се издржи дуел играта на Кико и Мартим, да се покрие „формата“ на Капдевиљ. Резултатот е тој.
Норвешка, искрено, пријатно ме изненади. На крилјата на Бергеруд, кој најавува враќање на (нај)високо ниво, имаат висина и пивоти во два правци, организатор во Грондал и перспектива во Патрик Андерсон. Ќе почекаат за нешто повеќе на големите смотри, но ако Сагосен остане „во игра“ наредените 4-5 години, со малку среќа, ќе ги гледаме во уште едно полуфинале.
Шпанија ја знаме како селекција која е секогаш незгодна, да се провлече, да тактизира и испорача резултат. Но, не и на ова ЕП. Премногу е. Премногу млади играчи, кои немаат километража на големите смотри, селекција која нема солидна одбрана, за големи работи. Исто како и Норвешка, ќе почекаат малку за враќање помеѓу оние кои ќе делат одличја. Дотогаш, ќе уживаме во вонсерискиот Маркос Фис. Каков потенцијал за следните 15 години. Играч околу кој, очекуваме, да се формира новата Шпанија. Заедно со заборавениот Петар Чикуша.
ШВЕДСКА И ХРАВТСКА СЕ ВЕЌЕ ВО ½ ФИНАЛЕТО? БАШ ДА ВИДИМЕ!
Очекувавме извесна ситуација, добивме борба за полуфинале до последна минута. Групата „2“, окарактеризирана како по неквалитетна, покажува одличен ракомет и незивеснот до крај. Четири селекции, на половина втора рунда, се со ист број бодови, а меѓу нив и Словенија, во која Домен Макуц го „положи испитот“, а Блаж Јанц ја потврди формата. Но, како да бидеме некоректни и да не ги спомнеме непогрешливите Новак, Јовичиќ и Кодрин, одличниот пивот Хоржен..Словенија, со сите проблеми, е морален победник на турнириот, демонстрирајќи техничка подготовка, зрелост и тактичка поставеност за респект. Со скромен учинок на екипите од оваа земја во Европа, последната деценија и нешто повеќе, фокусирајќи се на „домашен прозивод“, создавање услови во инфраструктура и кадар, „дежелата“ покажа и докажа дека е спортска и ракометна сила за пример. Хрватска, со многу бекови кои „растураат“ зона, малиот „генерал“ Циндра и Кузма на голот се пред уште едно полуфинале. Одиграа 5-1, машки, до крај, против неверојатните Исланѓани и тоа е за репсект. Оние Исланѓани, кои синоќа им одржаа лекција по „модерен ракомет“ на големите фаворити за полуфинале, „трите круни“. Триуфм кој ја „префрла топката“ во нивни раце, во однос на тоа кој ќе игра полуфинале. Магнусон, Кристијансон, Смарасон и Тастарсон се доволна гаранција дека оваа селекција може да добие било кој во светот на ракометот. Шведска, без Феликс Клар на високо ниво, и поддршка на, некогаш најдориот во светот, Џим Готфирсон, не е фаворит за медал. Полуфинале можеби, имајќи предвид групата, но се понатаму е само пуста желба. Зоната на „трите круни“ ќе одигра, Паличка и Апелгрен ќе се надополнат, задната линија е за респект, но без Клар и Готфирсон, нема медал.
Унгарија за крај, една од најракометните земји во светот. „Истура“ тешки милиони за ракомет, што е факт кој треба да го поддржиме и репектираме. Две силни екипи, со многу странци кои го „водат колото“ и премалку играчи кои решаваат натпревари на големата клупска сцена, факти поради кои постојано плаќаат висока цена. Од друга страна, „тешка екипа“, која не може да се вкопи во „модерниот“ ракомет, наметнат од Скандинавија и нивните правила. Засега, а и во наредниот период, само во најдобрите 12. За повеќе, ќе почекаме.
Нема веќе непорзени селекции на ЕП. Остануваат уште две кола до полуфиналето, и уште безброј непознати за тоа кој ќе биде учесник во истото.
Волф и „тешката артилерија“, Гитсел и компанија или Мем и најдобриот пар пивоти во светот на ракометот ИЛИ Шведска со Клар + Готфирсон, присутни и фокусирани, Хрватска тактички добро поставена, Исланд и нивниот „Магдебург ракомет“ или Словенија на Д-р Блаж Јанц?
Ова е ЕП не нуди одговори, нуди магија, врвен ракомет и вистинско уживање!
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот
„Ракомет за секое дете“


































