Елдорадо – каде е Елдорадо?

Ако Елдорадо во фигуративна смисла е место каде што може брзо да станете богат, тогаш може да се рече дека нема жив човек што не посакува, што не сонува да го најде местото каде што сѐ ќе има во изобилство, што не се обидува да го најде своето елдорадо и да живее среќно во него. Посакува, ама е недостижно, како што се недостижни многу посакувани нешта во животот. Секој жив човек си го бара своето Елдорадо. Елдорадо? Што е тоа, каде се наоѓало тоа таинствено и недофатливо место, таа „златна земја“ што ја барале два-три века низ недостапни предели, таму каде што претходно не стапнала човечка нога.
Постоело ли во реалноста или е легенда што доби митски димензии? Неброени експедиции, кралски генерали и војсководци, истражувачи, научници, авантуристи, криминалци и многу други фантасти војувале, ограбувале и ништеле цели цивилизации во потрага по богатите ризници. По плодни долини и снежни врвови, по реки и мочуришта заталкувале илјадници барајќи ја таа замислена ветена земја. И никој не ја нашол таква каква што ја замислувал.
Откривањето на Америка од Кристофер Колумбо во1492 го смени светот. Не само тогашниот, Америка го менува и денешниот. Митот за „златната земја“ се раширил низ Европа само неколку децении по откритието на Колумбо. Легендата за Елдорадо потекнува од Јужна Америка и има повеќе верзии, во зависност од записите на освојувачите што минувале низ новооткриените земји или од приказните што ги раскажувале шпанските војници и другите европски трагачи. Едни верувале дека Елдорадо бил исчезнат град, нешто слично на славната Атлантида потоната во морето. Други објаснувале дека е цела позлатена котлина или неоткриен рудник. Трети раскажувале дека е дворец полн со богатство, скриен во густината на прашумите околу реката Амазон. Меѓу европските мисионери се раскажувале најбесмислени бајки за богатства, зборувале дека таму има толкави богатства што дури и покривите на куќите и храмовите биле од златни плочки, а ѕидовите на царскиот дворец обложени со златници. Некои тврделе дека Елдорадо е всушност планина од чисто злато, а некои дека е големо езеро чие дно е прекриено со златни плочи и скапоцени камења. За Европејците бил симбол на бескрајната алчност за злато и експлоатација на новооткриените земји и користење на нивните природни богатства.
Самите Јужноамериканци, третирани како диви племиња, помалку верувале во европските измислици. Кај нив и самиот збор „елдорадо“ се поврзувал со поединец, со личност. Во превод од шпански означувал „златен човек“, „позлатен Индијанец – Индијанец од злато“, „крал од злато“. Легендата, всушност, настанала од вистинска приказна заснована на некои верски обреди што ги вршеле тамошните племиња. Во нивните верувања, Елдорадо никогаш не било место туку човек, многу богат владетел, кој секое утро го прекривал голото тело со злато од глава до петици, а навечер тој златен прекривач го оставал во езеро како жртва на боговите. Е, него го викале Елдорадо. Според археолошки откритија, како најверодостојна е последната верзија. Значи: Елдорадо не било место, туку бил некој позлатен крал што влегол во приказните што ги збудалувале лакомите Европејци.

Според хроничарите, сѐ започнало во 1521 година, кога шпанскиот конквистадор (освојувач) Армандо Кортез, влегувајќи со својата војска во престолнината на Ацтеките (денешно Мексико Сити), пронашол злато во многу поголеми количества отколку што Европа можела да замисли. Оттаму тргнале легендите, кои преку трговците и трговските патишта се рашириле низ Европа. Таквите приказни предизвикувале голем интерес во тогашна Европа, се јавувале мнозина заинтересирани да одат во непознатите земји на Јужна Америка.
Една од верзиите вели дека Елдорадо било смислена политичка измама на неколку кралства. Владетелите се надевале дека оттаму ќе бидат донесени големи богатства и организирале финансирани мисии, големи бродски прекуокеански експедиции со припадници на регуларни армии. Друга верзија вели дека колку што било измама толку било и намера. Имено, преку таквите државно провоцирани „преселби“ кралствата сакале да се ослободат од сиромасите, од противниците на системот, од авантуристите, криминалците, осудениците и затворениците. Несомнен интерес да ги поттикнува тие митски приказни имала и Католичката црква, која ги приведувала кон својата вера тамошните жители.
Но постои и верзија дека некои од тамошните индијански загрозени племиња откако виделе на какво истребување може да бидат изложени, намерно измислувале фантастични приказни за богатства, но во други подалечни места од своите. Преку тие измислици се обидувале да ги натераат лакомите освојувачи што побрзо да заминат од нивните територии, да се спасат од проблемите што ги носеле и насилствата што ги вршеле странските колонизатори од бела, за нив непозната раса.

Сепак, барајќи измислена земја, не нашле златни богатства какви што очекувале, нашле нешто друго, други реални богатства што ја сменија Европа, ги збогатија нејзината култура и цивилизација со голем број дотогаш непознати откритија. Европските експедиции, трагајќи по Елдорадо, повеќепати ги пребарувале Мексико, Колумбија, Венецуела, Гвајана, Бразил, Перу, го откривале новиот свет. Се докажало дека Амазон е најдолгата река на светот. Дефинитивно го утврдиле водните маршрути низ Атлантски Океан и направиле географски карти на целиот северен дел на Јужна Америка. И донеле неброени растенија што го промениле начинот на исхрана на Европејците.
Легендата за постоењето на Елдорадо дефинитивно е отфрлена на почетокот на 19 век. Угасната е фикцијата што живеела неколку века. Во светските јазици денес елдорадо е универзален термин што ги опфаќа фантазиите на човекот за богат и среќен живот. Симболизира нешто што се сака, но е недостижно, жив сон што никогаш не е остварен. Елдорадо стана синоним за земја во која тече мед и млеко, земја во која се живее среќно и безгрижно, земски рај, место каде што во изобилство има сѐ што ќе се посака. Во поширока смисла, елдорадо се толкува и како парадигма на суровата реалност, во која намерно се шири илузијата за некакво очекувано богатство, за подобро утре, илузија исконструирана низ разни пропагандни трикови. Ако сега не чини, утре ќе биде подобро, кај и да е ќе го најдеме тоа место послано со злато на лажни надежи. Во многу случаи елдорадо е збор што значи измама. Лажно ветување што се врти во бескраен круг.
Во денешно време сонот за елдорадо, на повеќе начини, го оживуваат и одржуваат политичките партии, кои во своите програми и во говорите на нивните лидери, без никаква основа им ветуваат на граѓаните, им шират приказни за подобро и посреќно утре, побогат живот, повеќе пари. Но, како и во легендата така и во реалноста, тоа елдорадо е некаде далеку и никогаш не се стигнува до него.

[email protected]