Љубомир Јованоски
Вечно е сеќавањето на личности со кои сте поминале добар дел од вашата младост, но и потоа. Во колумнава повторно ја истакнувам блискоста со долгогодишниот дописник на „Нова Македонија“ од Гостивар, почитуваниот и за нас гостијарци драг пријател Киро Кипроски. Патешествието на турнеја по Медитеранот останува како сеќавање за вечно помнење, а тој беше човекот што даде силен придонес за нејзина реализација. Оти, времињата беа малку поинакви, комуникациските врски позабавени и со голем број административни пречки (сложен визен режим, блоковска поделба на светот, безмалку слични воени конфликти како и денешниве, без мобилна телефонија…). Навистина претставуваше рискантен зафат за една таква авантура.
Реморкерите нѐ доведоа до самиот александриски пристан во кој немаше место ни за игла. Потоа, градот на Александар и две можности да се патува кон Каиро. Едниот пат водеше низ пустина, другиот низ територија со агрокултура. Се разбира дека во договор, ние се определивме за пустинскиот пат, но веднаш се откажавме откако ни беше речено дека привремено е затворен за премин. По патот на агрикултурата, зеленило, посеви, Нил. Лево и десно од брегот, по два вола впрегнати во јарем и прицврстени за дрвен столб, со платно на очите, цел ден вртат околу оската и вадат вода за натопување на посевите. Крпите на очите се за да не паднат од вртење во круг.
Ел Кахира на египетски, Каиро по нашки, нѐ пречека со сета врева и сообраќаен метеж од кој боли глава. Уште на првата крстосница, општа тепачка помеѓу таксисти и возачи – цивили. Излетаа голем број јунаци од автомобилите со клучеви во рака за да расчистат некои недоразбирања. Помина време додека дојде полиција за да заведе каков-таков ред.
Откако се сместивме во хотел со три ѕвездички, се упативме кон големиот остров на Нил – Замалек. Всушност, тоа е резиденцијален кварт. Таму беше сместена југословенската амбасада. За нас, прием од соништа. Бидејќи амбасадорот беше на службен пат, нѐ прими неговиот помошник и побара од вработените да ни овозможат по факс (телефакс) да побараме излез од Египет за да ја реализираме планираната турнеја. Египет беше изолиран од сиот арапски свет. Анвар ал Садат беше првиот арапски лидер што беше примен во израелскиот Кнесет (парламент). Наедно, тој беше потписник на мировниот договор заедно со израелскиот премиер Менахем Бегин. Од тие причини, немаше пристан ниту на арапско копно каде што можевме да испловиме или заминеме од Египет. Освен тоа, државата сѐ уште беше во вонредна состојба, бидејќи на воена парада арапски милитанти го застрелаа Садат на свечената трибина.
Во меѓувреме се врати и нашиот амбасадор, кој нѐ посоветува да се откажеме од пат кон Либиска Џамахирија, бидејќи и тој како дипломатско лице бил задржан со часови на границата иако Југославија негуваше исклучително добри односи со двете држави. Тој нѐ упати на југ, кон Судан (тогаш беше една држава и немаше Јужен Судан како денес ), а потоа да влеземе во Чад, Нигер и на крајот во Алжир, што за нас не беше прифатливо, бидејќи не бевме подготвени за пат кон екваторијална Африка. Меѓу другото, му кажавме дека во Југославија ни издадоа потврди за сите вакцини потребни за тропските предели, но дека практично ние не сме вакцинирани. Тој се фати за глава и нѐ предупреди да не пиеме од водата бидејќи жолтата треска коси за 24 часа.
Така, ние бевме присилени да останеме во Египет 14 дена за потоа да си ги заземеме нашите кабини на „Дана Сирена“, која доаѓаше од Анкона. Се храневме со гулапчиња во коптски маркет, „кока-кола“ пиевме од посебни улични сандаци, кои симулираа фрижидери. Во нив пијалаците се разладуваа со големи блокови мраз и беа покриени со валкани мутафи (покривки од коњска грива), а најпосле се одлучивме да посетиме една пицерија во хотел од синџирот „Холидеј ин“. Бидејќи сѐ беше скапо, влечевме чкорчиња. На Војо, братот на Киро, му се падна да влезе во пицеријата и да проба и за квалитет и за цена. Излегува надвор, а ние чекаме како врапци на зрна пченица. Театрално ги чепка забите и на шега вели дека е изгор скапо. Потоа кажа дека пицата е богата и безмалку чини како и кај нас. Киро и јас секојдневно посетувавме еден паб, каде што пиевме пиво со еден Американец од Тексас. Четири дена плаќавме и го честевме, еднаш не врати. Имало бетер и од Шкотланѓаните.
На Гиза, каде што беа лоцирани трите пирамиди и сфингите, некои од нас јаваа на коњи, некои камили. Ѕуп, Киро и јас се симнавме безбедно од камилите, Бандуш, Шаре и Оги имаа проблем со бедуините сопственици на расните арапски коњи. Тие им бараа доплата за да се симнат од седлата. Ако нашиве се противеа, тие им издаваа наредби на коњите за да почнат да играат и да не им дозволуваат да се симнат на земја.
Ова патешествие си имаше и своја приказна, своја историја. Родителите на Кипровци, пред и во текот на Втората светска војна држеле дуќани во Каиро. Редовни посетители им биле англиските војници. Поттикнати од тие доживувања и приказни, нивните синови ја негувале идејата да се посетат местата на кои нивните родители заработувале за себе и семејствата во Македонија.
На враќање кон Анкона, Оги и Шаре во денсинг-салата, пронајдоа паричник полн девизи. Седнавме да се договориме што со него. Паднаа разни предлози. Сепак, надвладеа разумот. Грешка беше што ќесето го предадовме на шанкот, бидејќи не знаеме дали портмонето му беше вратено на сопственикот. Веројатно загубивме добра напојница. Во Анкона, упад на цариниците и нивните дресирани волчјаци во нашите автомобили.
Од Анкона, продолживме кон Трст. Пред Удине, влеговме во еден мал ресторан, каде што сопственичка беше жена од јадранското приморје. Таа го мразеше режимот на Броз, па кажа дека состојбата во Југославија воопшто не е добра и дека се насетува нејзино брзо пропаѓање. За жал, не беше далеку од вистината, но само за декада подоцна. Ова беше едно од многуте сеќавања за дружбата со Киро.
Сега назад во 2025 година. Месец школски – септември. Во светот на фејк вести, фатени Си и Путин во разговор за долговечност. Човек не знае во што да верува. Од експериментот за Франкенштајн па наваму, елитите бараат модус за продолжување на животниот век. Сиромашните немаат ниту време ниту желба за слични експерименти. Тие гледаат како да преживеат. Умните велат дека двапати во иста река не се влегува. Дури и да живеат 150 години, нема да бидат истите ниту опкружени со исти лица. Долговечноста е пред сѐ тежок товар. И никој од таа научна фела што се занимава со долговечност не понудил за своите клиенти вистински квалитет на животот. Задоволен и исполнет човек ги облагородува сопствените органи и разумот, кои сигурно ќе му го продолжат животниот век.
Во Франција нов премиер од милитаристичка фела, а Макрон ја продолжува сопствената политичка агонија. Цела земја е потресена од социјални немири. Кога ќе има роботи, нема да има потреба од бунтови ниту „егалите, фратерните, либерте“. Револуционерна демократска Франција. Над Полска, руски дронови. Русите тврдат дека тоа се провокации од страна на Украинците. Кој да се снајде во овој политички галиматијас? Патем, Израел удри и на Катар…
Авторот е писател