Ова писание може да се чита како своевидно продолжение на претходната колумна, „Оикофобијата на прогресивното граѓанство“. Продолжение во смисла на разјаснување на функцијата што ја вршат споменатите оикофоби во секое општество и нивните погубни резултати во истото тоа.
Имено, рековме дека оикофобијата или автошовинизмот е презирање и понижување на сопствената култура, а славење и величање на туѓата. Притоа, оикофобот како припадник на нацијата и културата што ја презира се иззема од таа култура на која припаѓа и од висината на културата кон која тендира ја презира сопствената. Овој пат, рековме, интересно би било да се види каква функција всушност врши оикофобот со тоа. И, еве, веднаш на почетокот да ја фрлиме тезата – во функционална смисла, оикофобот всушност е „олеснувач“, спроводник на политиките и практиките на „вишата“ култура и со тоа „мирновременски колаборационист“, извршител на налозите на онаа култура на која доброволно ѝ се предал и ја признал за „виша“.
Оикофобот во функционална смисла е мирновременски колаборационист, кој доброволно ги извршува налозите на „вишиот налогодавач“ – ете, тоа би била функционалната дефиниција на оикофобот! Притоа, целта е да се извршат налозите однадвор, додека на тој начин се деструира системот однатре. Овие два момента во нивната функционалност се особено интересни за опсервација – како извршувајќи ги налозите однадвор се деструира системот однатре.
Оикофобите со тоа имаат функција на домицилни извршители во тој постколонијален механизам на потчинување. Тие се агенс со кој се овозможува потчинувањето на нациите и културите! Тие се „мирновременски колаборационисти“, орудие во културната хегемонија (Грамши), на империјалните сили. Во објаснувањето на тоа како империите успеваат да ги донесат другите, „нижите“ култури, во состојба на потчинетост, како ја одржуваат и перпетуираат таа субмисивност, одговорот лежи во доброволните оикофоби! Преку мрежа на домашните мирновременски колаборационисти, олицетворени во интелектуалци, професори, академици, новинари, бизнисмени…, кои креираат домашна мрежа на институции, разно-разни НВО-а, фондации… империјата од далечина го колонизира просторот и го претвора само во тоа – во простор, населен со живи мртовци (за живите мртовци веќе во следната колумна). Оти на хегемонот само и тоа му е потребно – простор. Условите за живот во тој простор се диктирани однадвор, но целосно се спроведени однатре – од оикофобите, кои доброволно се нафатиле на таа „благородна“ задача да ги еманципираат своите сограѓани и да ги просветлат. Да ги реформираат по урнекот.
На ова се потсетив деновиве по повод сагата за личните документи, преку кои сосема јасно се гледа зомбифицираната состојба во која е доведено ова дистопично општество, ветувајќи му ја утопијата на Западот! Го претворија ова население во жив мртовец што е согласен, не само да живее туку дури и доброволно да умре под условите што другите му ги диктираат! Додека ни го ветуваа западниот рај, нè втурнаа во вечниот пекол. Го претворија ова парче земја само и единствено во контролирана територија од НАТО и толку! Еве уште една смела хипотеза на која ќе се вратиме во некоја од наредните колумни – оваа територија никогаш, ама баш никогаш нема ни да започне преговори, а камоли да влезе во ЕУ! Но, нејсе, да се вратиме на функцијата на оикофобите и на работата што ја завршија за своите налогодавци.
Оваа субмисивност на која доброволно се предале оикофобите – а за да се оправдаат пред себеси, си ја претставуваат како благородност на духот – сакаат да му ја наметнат на целото општество. Затоа тие не го разбираат поредокот како домострој – за нив развојот е задача однадвор, не раст однатре („усогласување на законодавството“ – ви текнува!?). Патем, на овој убав термин – домострој – ме упатија неколку коментари од читатели на претходната колумна и ми се виде сосема соодветен, па со нивна дозвола ќе ги искористам тие коментари во заклучокот од оваа колумна. Имено, оваа доброволна субмисивност на оикофобите, кои го креираат домашниот поредок под диктат, не е ништо друго, освен резултат на силно изразено чувство на инфериорност кај нив, маскирано како супериорност. Оикофобите, во нивниот псевдокосмополитизам се над состојбата, рековме, тие се доживуваат надвор од оној народ и култура, која сакаат да ја еманципираат и да ја поведат во височините на супериорната култура.
Но (и тука сега се случува заплетот на приказната) тие се „супериорни“ сè додека не ги фати кичма и не можат да спијат од вревата на верските објекти (сè додека не им е нарушен личниот раат). И така доаѓаме до минарето од насловот на оваа колумна. Тоа прегласно минаре станува симбол на просторот што тие самите го опустошиле во нивниот обид да го еманципираат и да го понесат во ветената рајска градина на Западот. Кога минарето ќе се огласи, тогаш истите тие урлаат и бараат другите (не тие самите, кои дотогаш го воделе непросветлениот плебс во подобро утре), токму тие презираните и нивните институции, не само да им го решат проблемот туку и да ја предводат револуцијата (оти, нели, они се веќе уморни од водење револуции, кои патем никој не им барал да ги водат, а кои сами си ги презеле од наводната позиција на супериорни просветители). Во таков случај, сега веќе другите, оние презираните и нивните осакатени институции, се должни (за ним, на оикофобите да им биде подобро) да ги замолчат џамиите оти нив ги боли кичмата. Едно прегласно минаре – и сиот концепт на супериорните оикофоби, кои ги носат инфериорните презирани сограѓани во ветениот рај – се руши како кула од карти. Сега сето она што го презираа, го повикуваат да го замолчи минарето и да им ја излечи кичмата! Сега се бараат институциите, се молат презрениот плебс и осакатената државата да им го реши проблемот!
На овој начин, оикофобите се покажуваат како крајно инфериорни битија. Поточно, како што потврдува еден мој драг и верен читател (читателка, да бидам родово коректен): „Тие постојано се на клацкалката супериорност – инфериорност“. И уште повеќе: „Психодинамички гледано, презирот кон другиот е само проектиран самопрезир, кој никогаш не е пријатно да се освести и прифати“! И токму затоа оикофобите сакаат да нè внесат во „рајската градина“ обезличени, обезимени, обескултурени…, оти со таква ниска слика за себе, со такво чувство на инфериорност, тие и не веруваат дека имаат што било да дадат, таму каде што сакаат сите нас да нè поведат. Тие и се нафатиле на задачата на оикофоб, во прв ред, токму поради тоа што веруваат дека некој некаде има повеќе, а тие немаат ништо. Со таква ниска слика за сопственото себство, кај нив нема свест за реципроцитет со другиот – заемен однос на земање и давање. Тие никогаш не верувале дека можат нешто да дадат таму каде што нè носат. И затоа сакаат да нѐ внесат голи.
А нема ниту личен, ниту општествен раст без самоприфаќање. Нема домострој што доаѓа однадвор, растот и развојот секогаш се автентични и автономни. Никој никому сè уште не му донел слобода, демократија… благосостојба, макар и колку да ве убедувале САД со бомбите дека го носат тоа во Ирак, Авганистан… Сирија или каде било. И поединците и општествата мораат сами да се изборат за тоа.
А задачата на секој оикофоб секаде е да ја деструира и најмалата реминисценција на автохтоност, за да се оневозможи тој дух на борба за слобода и автономија. Тој сака само да преслика, да ја копира „супериорната“ култура; тој е социјален, жив АИ. Оикофобите се нашиот ЧетГПТ. Нивната функција, рековме, е да го создадат и да го перпетуираат поредокот на субмисивност, тие се „бомбите“ пред вистинските бомби што „носат“ демократија и слобода по светот. Тие се „борците“ на империјата на слободата… Сè додека едно прегласно минаре не ги разбуди од сонот!
Трајче Стојанов