Драг Дедо Мраз, иако оваа година бев умен и послушен, не мора ништо да носиш за мене, ама, те молам, донеси ми го тато жив дома!
Дедо Мраз е вознемирен. Веќе две години добива детски писма од Украина и од Русија речиси со иста содржина. Донеси ми го тато жив дома. Или врати ми ја мама. Такви писма долги години добиваше и од многу американски деца. Тогаш, во ист период, престанаа да стигнуваат писмата од авганистанските и ирачките деца. Како што подолго време веќе не доаѓаат писма од палестинските деца. Сега запреа и детските писма од Либија и од Сирија.
И лани, и преклани, и сите оние години што поминаа, Дедо Мраз се обидуваше да разбере што точно се случува и откако ќе го прочиташе тоа што му се нуди, остануваше збунет во умот и тажен во срцето. И оваа година одново се обиде да разбере, како да е тоа веќе вообичаен ритуал за дешифрирање на тагата. Седна, се задлабочи над информациите и одново зборовите реалполитика, геополитика, геостратегија, меѓународно право, зони на интерес, сфери на влијание, војната е продолжение на политиката со други средства, му донесоа идентична доза тажна збунетост. Овој пат имаше и нешто ново за чудење, терминот прокси војна. Како и секоја година Дедо Мраз воздивна, се тргна од прозорецот за истражување на стварноста и се врати на оние малку писма што сепак пристигнаа.
Драг Дедо Мраз, дада веќе ја нема. Сега и Луси си замина. Те молам, направи дада и Луси да се сретнат на небото за да не бидат осамени!
Тоа тажно есенско утро дада не му испрати насмевка од својата постела. Иако со месеци изгледаше тажна, исцрпена и страшно бледа, секое утро имаше утринска насмевка само за него. Но, дојде и утрото кога насмевката не долета до неговата перница. Мама и тато многу плачеа. Потоа му рекоа дека дада сега е на небото и оттаму сите ќе ги чува и понекогаш ќе им се јавува во соништата. Пред да замине насмевката на дада кон небото, ги слушаше мама и тато како шепотат дека сепак има добри луѓе кои се организираат преку мрежите, нешто што уште не му беше јасно во мислите, за да соберат пари и дада веќе да не биде тажна и така исцрпена. Изгледа добрите луѓе не успеаја насмевката на дада да продолжи да го буди од соништата.
А дада многу ги сакаше уличните кучиња. Затоа сега тој ја минуваше целата населба и на сите тие кутриња на кои дада секогаш им даваше храна и насмевка, се обидуваше да им објасни дека таа веќе нема да доаѓа затоа што сега се преселила на небото и оттаму ќе им ги посетува соништата бидејќи, дада му кажа, и животните сонуваат. Така ја запозна Луси. Од некаде се појави во населбата.
Мала, бушава, со пепеласта боја, влажно муце и очиња во кои ако се загледаш, ти се чини дека секогаш кријат некоја тажна приказна. Ја нарече Луси заради песната што дада многу ја сакаше. И Луси секој ден го испраќаше до училиште и го чекаше таму кога завршуваа часовите.
Но, Луси се менуваше. Најпрво почна да криви на едното ноџе. Потоа кога ја галеше, таму кај ребрата, цвилеше тажно и целата се грчеше. Ѝ се појави и рана кај муцката, на која имаше крв што долго време се гледаше додека не ја покри нечистотија. Остана и без око. И покрај сите осакатувања, Луси секогаш мавташе со опавчето кога им се среќаваа погледите. Прашуваше за да ги дознае причините за промените што ѝ се случуваа. Му кажуваа. Некои луѓе секогаш ја удираат со нога кога поминуваат крај неа. Тинејџер ѝ го истера окото. Соседот ја удри со чекан затоа што се плеткала кај оградата. Едно утро Луси не го чекаше пред куќата. Му рекоа дека онаа госпоѓа што секогаш убаво се дотерува, ѝ дала храна во која ставила игла што ќе ѝ ги распори цревата за да престане да ги душка тркалата на автомобилот.
Никој не знаеше од каде Луси се појави во населбата. Но, ако само поминеа преку два булевара, ќе дојдеа до една трошна куќарка со мало, ама секогаш чисто дворче во кое живееше баба со детска озареност на лицето, неминлива тага во срцето и груби испукани раце од педесетгодишна работа на норма во фабриката. Таа бабичка и Луси живееја заедно и беа најдобри пријателки. Синот и ќерката се појавуваа по еднаш во годината, никогаш заедно, за да проверат дали нивната мајка е уште жива и, како што самите велеа, му досаѓа на постоењето.
Детската озареност на лицето и тагата во срцето имаа две спротиставени приказни во животот на бабата. Зошто луѓето, особено дечињата, да ми ја знаат маката, си велеше, па и тие си имаат свои тегоби на душата и така размислувајќи им даруваше озарена насмевка на соседите. Најмногу на дечињата кои сите до едно ја чувствуваа како своја родена баба затоа што секогаш за нив имаше убав збор и чоколатца што го добиваа. А кога ќе завршеше денот, па бабичката и Луси заспиваа, тагата во срцето на старицата се престоруваше во молитва, Господ да ѝ ги чува децата и внуците. Синот и ќерката кои заборавија на неа, во меѓувреме се искараа, ама сложно одлучија дека не треба да ѝ ги носат внучињата на посета.
Тоа утро, откако Луси ја душна бабичката, а нејзината рака не ја погали по главата, сфати дека е дојден крајот на нивната заедничка приказна. Брзо потоа се појавија синот и ќерката за чија иднина таа бабичка ги даде секоја капка пот и воздишка. Синот се ожени за богата девојка, а ќерката малку си ги извалка телото, душата и секогаш високите потпетици со кои газеше по живи луѓе за да го достигне врвот на оние ликови на кои им се восхитуваше гледајќи телевизија. Или беше обратно, ќерката се омажи за… небитно. Битно Луси сега слушаше како тие врескаат еден на друг кому му припаѓа куќата, сеедно што не ја разбираше суштината на зборовите. Ама ја разбра болката од двете клоци што ги доби во главата. Синот ја истера од куќата.
Пред да го напушти домот што веќе не ѝ припаѓа, се поздрави со дрвото кое растеше меѓу два двора. Од едната страна беше куќата која со години ширеше околу себе тишина, зашто нејзините сопственици одамна ја напуштија заминувајќи во туѓина. На другата страна работници веќе ја рушеа куќарката на бабата и го подготвуваа просторот за да кренат зграда, оти братот и сестрата ја продадоа, откако мораа судски да се договорат. Дрвото почувствува дека наскоро онаа машина што крева бучава ќе му ја пресече приказната. Ги предупреди птиците да бегаат од гнездата и да ги преместат пилињата. А потоа, пред пилата да му го одвои животот од коренот, дрвото ја пушти последната мисла кон вселената. Се надевам дека ќе завршам како нова дрвена санка на која Дедо Мраз ќе ја вози и разнесува радоста, а не како мал дрвен ковчег во кој некои родители од Сирија ќе си ја погребаат рожбата.