Една година геноцид! Или можеби подолго?

Центарот за глобални промени на Филозофскиот факултет, чиј раководител сум нешто повеќе од една година, тукушто ја заврши својата прва голема меѓународна конференција. Во нејзиниот фокус беа потребата и можноста за изградба на кооперативен мултиполарен систем што ќе ги замени лудилото и самоубиствениот нагон за сестрана западна доминација, дури и по цена на уништување на планетата. И покрај сето задоволство од извонредниот квалитет на гостите и нивните презентации, а и свеста за очекуваниот бојкот од сопствениот факултет, колеги и медиуми, сепак за два дена живеевме со свеста дека додека зборуваме за мирољубива коегзистенција меѓу народите и државите, таму на теренот и натаму умираат невини луѓе. Луѓе што веќе една година се дехуманизирани, претворени во бројки, во некаква „колатерална штета“ – со еден збор, безвредни животи на Палестинците, а сега веќе и на Либанците, Хутите итн. И ова наше „биполарно растројство“ (не само како научници туку како луѓе) трае и трае и трае… Речиси три децении и не знам за друго освен за страдања, деструкција и монструозни злосторства во име на „националната безбедност“, „ширењето на НАТО“ и „инсталирањето на (божемна) демократија“. На конференцијата зборуваа луѓе со висок интегритет и храброст да ги наречат нештата со вистинското име – и да, си зборувавме како во „ехо-комора“. Сами на себе, кај другиот препознавајќи ги сопствените мисли, знаење, морал и емпатија… И покрај нашата свест дека едно е теорија, а друго е пракса (па дури и злоупотреба на науката за легитимација на војните и оружјето, на глорификација на Танатос/Смртта пред Ерос/Животната радост), некако болно одекнаа зборовите на колегата од Универзитетот во Техеран, Сајед Мохамед Маранди. Беше сведок на ѕверствата во Бејрут пред да ни се придружи на зум-панелот – и тоа го видовме на неговото бледо лице, дури и во неискажаните зборови. Сите во салата занемевме од соочување со стварноста – и со сопствената немоќ да смениме нешто. Но, наспроти сè, се држевме до слоганот на Орвел дека и кажувањето на вистината е револуционерен чин. Но како таа вистина да дојде до сите вас, кога сме под медиумска блокада (секоја чест на ретките исклучоци)? Пак со користење на сите можни социјални мрежи и канали – со споделување на говорите на Јутјуб, Фејсбук, Х, Вичет итн. Вистината за злосторствата што се закануваат од сите нас да направат соучесници и варвари веќе не може да запре… Морето крв е преголемо.

Додека течеше конференцијата и научникот си ја вршеше работата и на домаќин и на учесник, колумнистот и активистот во мене веќе беа во траума. Знам дека оваа колумна излегува токму на 7 октомври, денот за кој доминантната пропагандна машинерија тврди дека жртвите се злосторници, а злосторниците – жртви. Никој од нив нема да го спомене систематското убивање на Палестинците, грабежот на нивната земја и убивањето дури и на стогодишните маслинки, кој трае од 1948 година (годината што и ние Македонците ја паметиме по нашата голгота). Со денови комуницирав со колеги од целиот свет, особено со оние што ги запознав во Кина на светската конференција за одбележување на Меѓународниот ден на мирот. Сакав да знам како тие планираат да ја одбележат оваа најнова трагична годишнина на безмилосно и отворено ништење на палестинската нација. Повеќето од нив веќе имаа програми, во траење и по цела недела, главно на мировни протести и маршеви во знак на поддршка на палестинскиот народ, а сега веќе и на либанскиот – зашто Израел, невидливата сојузна држава на САД, тргна во создавање „голем Израел“. Ме фати срам што ние немаме никаков план. Ние не одбележуваме ни Меѓународен ден на мирот, ни Меѓународниот ден на ненасилството (роденденот на Ганди, 2 октомври) – дури и кога предаваме на мировни студии.
Но да не се залажуваме: западниот свет во изминатата година го покажа своето грдо лице, без оглед дали го нарекувате Вашингтон, НАТО или ЕУ, па дури и Австралија. Ова е година во која злосторствата на Израел се премолчуваат, а мировните активисти се прогонуваат. Драга пријателка, мировна активистка од Австралија, ми кажува дека властите забраниле веење палестински знамиња и носење кефии, заедно со забраната на мировните протести. Таа може да го изгуби државјанството, но ми рече дека нема намера да отстапи. Криминализирањето оди дотаму што и симболот на Палестина (лубеницата) е опасен за оние што ја знаат пораката: од секое семче од лубеницата ќе израснат нови генерации, Палестина нема да умре. Во Германија се губи и позиција на универзитет поради едноставно носење кефија околу рамената. Јас сè уште ја носам, а пријател Палестинец ми вети дека ќе ми помогне да направам колекција во сите бои и варијанти. Неодамна разговарав на телефон со асистентка на проф. Џефри Сакс (кој, за жал, не успеа да се вклучи на нашата конференција и покрај желбата). Таа ме изненади кога ми кажа колку го почитува мојот пропалестински ангажман. Се чудев од каде знае, но драго ми беше бидејќи тоа не е комплимент за мене, туку доказ дека и македонскиот народ сочувствува (иако не протестира).

Една година е зад нас. Прашањето е: дали отрпнавме? Дали геноцидот се „нормализираше“? Како воопшто можеме да се сметаме за добри луѓе ако вртиме глава од оние кутри дечиња и нивните безживотни или осакатени тела? Дали ќе одбележуваме година по година? Има ли крај на овој ужас? Сега можеме да сфатиме како било можно Хитлер да дојде на власт и да врши холокауст без силен отпор од цивилизираниот германски народ! Сенката на Хитлер е жива. Ене ја и во Германија и во Австрија, ама и во Израел и САД. Ова е сепак неодржлива ситуација. Бидејќи ќе ни се случи она како во познатата песна: прво дојдоа по комунистите, па по Евреите, на крај дојдоа по мене. Ќе дојдат до слободата и духот на секој од нас ако мижиме и толерираме. Од власта не очекувајте ништо. Таа е вазалска и послушна, како рачето на нашата претседателка фатено од еден старец со крвави раце. Ќе кажат дека и оваа колумна е „ширење малигно и штетно влијание“ – затоа што зборува за правда, за мир, за ненасилство и покажува со прст кон злосторниците. Нека ми „стегнат“ уште некоја пријава, нема гајле. Најверојатно ќе ме игнорираат, говорејќи: ајде, баталете ја, тоа е само една Ванковска. Неважно е што зборува и пишува. Но овој забеган свет со луѓе заробени и исплашени е само еден дел од светот. Верувајте, постои нешто што се вика глобално мнозинство. Ние ако решиме можеме да бидеме на вистинската страна на историјата, да престанеме да бараме непријатели и „малигни влијанија“ туку со очи ширум отворени да видиме дека голем број нации веќе се на нозе и велат: НЕ! ДОСТА Е! Фашизмот се храни и расте од стравот, неодлучноста, опортунизмот, воениот профит и нашиот молк.

ДА ЖИВЕЕ ПАЛЕСТИНА! МИР ЗА ЛИБАН. ПРАВДА ЗА АВГАНИСТАН, ИРАК, СИРИЈА И СТОП ЗА ВОЈНАТА КОН ИРАН И КИНА.