Единаесетти октомври – симболот на македонскиот непокор под тешката фашистичка чизма

Во периодот на Втората светска војна, Македонија се наоѓаше под окупација на врховистичка Бугарија. Преку брутален терор, културна асимилација и политичка репресија, окупаторите се обидуваа да ја ликвидираат отпорничката свест, како и националната, културната и социјалната определба на Македонците да бидат свои на своето, да бидат слободни и достоинствени. Народноослободителната борба во Македонија е дел од широкиот антифашистички отпор, но таа донесе и големи жртви – вклучувајќи масовни и сегментирани убиства, исчезнувања, киднапирања и ликвидации и други форми на политичка репресија на нашите најистакнати револуционери.
По капитулацијата на Кралството Југославија во април 1941 година, териториите на Вардарска Македонија беа поделени меѓу Бугарија, Италија и Германија. Окупацијата со себе носеше не само воен режим туку и политика на асимилација (особено од страна на Бугарија), рестрикции на јазикот и образованието на македонски јазик, затворање или интервенција во културните и верските институции. Училиштата беа бугаризирани, а илјадници луѓе беа прогонувани.
Еден мошне важен настан во историјата на македонскиот народ секако е и 11 Октомври 1941 година, настан што го чествуваме како Ден на востанието против фашизмот што во тешки пранги во текот на Втората светска војна ја зароби и Македонија.
Во историската литература се наоѓаат фактите дека првата пушка пукнала во Прилеп, а ден подоцна во Куманово. Во Прилеп борците на Првиот прилепски партизански одред извршиле напад на бугарската полициска станица во градот, на прилепскиот затвор и на телефонско-телеграфската мрежа. Со овој подвиг на партизаните и борците за слобода се означува почетокот на НОБ на организираниот македонски народ против фашизмот.
Единаесетти октомври е симболот со кој се означува непокорот на македонскиот народ и неговата непоколеблива борба против суровиот фашизам, борба за народно ослободување и за национална и социјална правда. Иако 11 Октомври ќе донесе само привремена победа на прилепско-кумановските партизански одреди и ќе ја има судбината на Крушевската Република, сепак од тој ден детерминираноста на Македонците за слобода и правда ќе станува сѐ посилна, а со неа ќе се засилува и отпорот против фашизмот.
Држејќи се до принципите на герилското војување, припадниците на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ (формиран во месноста Црвени Стени, близу Прилеп), се распределуваат во три групи, го напаѓаат бугарскиот полициски непријател и затворот и вршат прекин на телефонските врски и електричната инсталација.

Кумановскиот (Козјачки) партизански одред бил формиран ден подоцна, на 12 октомври 1941 година, во областа Студена Вода, а Карадачкиот партизански одред, во областа Менкова Колиба. При првите судири со бугарската војска, овие партизански одреди биле разбиени. Активноста на овие партизански одреди е скромна, но претставува иницијална каписла за продолжување на борбата.
Затоа денес со право велиме дека Народноослободителната борба во Македонија започнува формално на 11 октомври 1941 година со прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“. Во тој период, македонскиот народ активно се вклучува во неа борејќи се не само за ослободување од странската окупација туку и за социјалната и националната слобода, под знамето на една прогресивна социјалистичка идеја и ставање длабока црта на омаловажувањата во сферите токму на егзистенцијалното, националното и социјалното. Како одговор на растечкиот отпор, фашистичките бугарски окупатори применија брутални методи на терор, меѓу кои најтрагични и најзачестени беа политичките убиства – целни ликвидации на активисти, интелектуалци и обични граѓани, кои беа осомничени за поврзаност со НОБ во Македонија. Политичките убиства од страна на фашистите беа дел од поширока стратегија на репресија и заплашување. Окупаторските власти настојуваа да го задушат отпорот преку систематско уништување на неговото раководство и инфраструктура. Овие убиства не беа обични воени акции туку претходно добро испланирани ликвидации на истакнати, македонски поединци со јасен политички став, организациска улога или дури само симпатии на поединци кон идеите на НОБ, но со голем потенцијал.
Бугарските власти, кои контролираа најголем дел од Вардарска Македонија, водеа политика на денационализација и брутална асимилација, а секој обид за народноослободителен отпор беше крваво задушуван. Фашистичките окупатори сакаа преку еден ѕверски терор да создадат атмосфера на страв и пасивност. Убиствата беа јавно извршувани, понекогаш пред семејствата на жртвите, со цел пораката да биде јасна: секој што ќе се спротивстави – ќе биде елиминиран. Политичките убиства за време на НОБ во Македонија од страна на фашистичките окупатори се едни од најтемните страници во македонската историја. Тие не беа само акти на насилство туку и обиди да се уништи еден народен стремеж кон слободата, идентитетот и достоинството. Но наместо да се уништи духот на отпорот, македонските борци ги зацврстија своите редови и го засилија стремежот за конечната победа над фашизмот. Жртвите на тие убиства остануваат симболи на непокорот и идеалите на една генерација што се избори за слободна Македонија.

Историската клима за уништување на македонскиот народ како најсиловит геноцид од страна на бугарскиот фашизам и врховизам не се промени ниту во текот ниту пак кон крајот на Втората светска војна и, за жал, негацијата на македонската опстојба како идентитет, историја, јазик и култура сѐ до денес не е надмината. Небројни се жртвите што настрадаа од бугарскиот фашистички окупатор во Македонија, затоа денес мора да заклучиме дека историјата не се менува со потписи на предавници, туку останува запаметена за навек. А наша задача е ние постојано да се навраќаме на неа и да ги потсетуваме младите генерации за сето она што го преживеале Македонците за денешната слобода. Да, јас акцентот би го ставила на она постојано.
Токму денес, во поновата македонска историја, постои тенденција да се користат истите методи како во минатото (асимилација на Македонците, ветување подобар живот, отворање културни центри со имиња на бугарски фашисти, упад во Македонската православна црква и историја, негација на македонскиот јазик, култура и идентитет, заедничка прослава на типично македонските револуционерни празници и истите тие да се прикажат како бугарски, присвојување на нашите револуционери, како онаа несреќна изјава дека Гоце Делчев бил Бугарин, дека во 9 век Охридската книжевна школа е формирана од „бугарскиот“ Климент Охридски, дека Светите Кирил и Методиј се Бугари, припадниците на Македонскиот литературен кружок во Софија, Кочо Рацин, Вапцаров или претходно Прличев). Затоа треба да нѐ пробуди духот на минатото и на илјадниците жртви на бугарскиот фашизам, дека сето тоа се аларми што треба да ја разгорат македонската национална свест и сите договори за т.н. добрососедски односи заедно со нивните срамни протоколи или најново некакви резолуции со црвени линии, кои имаат иста цел – негација на македонската национална опстојба и самосвест, и дефинитивно треба да се остават пред судот на народниот срам.
Ние денес организирано треба во историските учебници низ Македонија да се потрудиме да се читаат и да се изучуваат четива во кои ќе се говори за бугарскиот терор врз Македонците, како посебно поглавје во македонската трагична историја, кое, за жал, сѐ уште не е затворено.

Мимоза Рајл