„Дужен ко Грчка – се буни ко Грк у апс“

Повод: 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик

Уште во раното детство се соочив со искуства што јасно ми покажуваа дека, освен детскиот, постои и друг свет, таинствен, и за мене сè уште недоволно разбирлив. Меѓу првите сознанија за светот на возрасните беше едно вербално искуство сместено во две куси реченици што, во една прилика, ги слушнав во моето маало Млин Балкан сместено во триаголникот што го затвораа „Мала станица“, плоштадот „Слобода“ и Клубот на пратениците. Звучеа како исказ, тврдење: „Дужен ко Грчка“ и „се буни ко Грк у апс“.
Лингвистички беше очигледно дека претставуваат скопска јазична интервенција, направена врз оригинални искази од српски јазик. За мене беа загатка. Не ме допираа лично, но насетував дека станува збор за некаква работа што се случува меѓу возрасните, а до мене стигнала случајно и попатно. Изразите – „дужен ко Грчка“ и „се буни ко Грк у апс“ – беа меѓу првите точки во кои мојот детски свет почнуваше да се допира со светот на возрасните.
Ги разбирав само половично. А имав и лингвистички проблем, иако поголем проблем беше што не им го разбирав значењето. Во тоа време немав сознание за србизмите во секојдневниот говор. Само што се бевме преселиле во Скопје од Струга во 1952 година, на почетокот на прво одделение, веднаш се затекнав на бришан простор меѓу скопскиот говор и србизмите и мојот струшко-глобочички говор.
Уште од мал, србизмите ги насетував од говорот на улица, во говорот меѓу старите скопјани, а особено во говорот на децата од офицерската зграда, од спротива, и од првата четирикатница кај што, исто така, живееја повеќе семејства на воени лица од поранешната ЈНА. Секојдневниот скопски говор беше преплавен со србизми. Но, уште повеќе, со една автохтона лингвистичка мешавина што се создавала со децении, особено по Балканските војни и по Првата светска војна. Во годините кога растев во Скопје, „искачавме“, а не излегувавме, „тражевме“, а не баравме („а бе шо тражиш у наше мало, копиљ низаеден“), се „рчкавеме“, а не се чепкавме и задевавме („не ме рчкај – не те рчкам“), „идевме у кино“, а не одевме во кино, „зборуевме“ и „пишуевме“, а не зборувавме и пишувавме, копилињата беа „копиљаци“, се „маавме“, а не се тепавме, бевме „они“, а не, тие, се „играва“ (они), а не се играа (тие), „џиткавме“ камења, а не, фрлавме камења! Така, скопскиот говор, во времето кога растев, беше некаде на половина пат до лингвистичка недојдија. Беше поставен на лингвистичка слепа улица на немилосрдно обезличување на јазикот.

Денес, шеесетина години подоцна од скопскиот говор, кој сега може да се слушне најмногу и најавтентично уште само во драмските текстови на Горан Стефановски и на Дејан Дуковски е останато малку. Но доживеав да бидам сведок на тоа дека жалната историја на бруталното обезличување на јазикот, буквално се повторува. Но сега разликата е во тоа што не е нападнат од локализми, како „скопскиот говор“, кој одамна е само лингвистички реликт, урбан фолклорен приврзок на преостанатите стари скопјани, и нивните наследници, кои сакаат да се самоидентификуваат преку лингвистичкото наследство од своите татковци и мајки (бабите и дедовците веќе одамна не се живи). Моите внуци растат во време кога со други поразурнувачки лингвистички орудија се пука врз мекото ткиво на јазикот и се торпедира белегот по кој се препознаваме како народ („Јазикот е единствената наша неподелена татковина“ – како што проповедаше Б. Конески, зар не?). Мала утеха е, притоа, што пред шеесетина години тоа беа србизмите и локализмите, а денес се глобализмите, односно англицизмите. Со нив темелно се преорува и копачи нивата на нашиот јазик и, се плашам, неповратно ни се еродира јазикот, сè додека од некогаш плодното тло, врз кое цутеа поезијата, прозата и мудростите, не останат само оголени камење и бесплоден чакал. Англицизмите се современата тешка артилерија на поганење на мајчиниот јазик. Тие се закана за неговото ископачување. Ем сме сѐ помалку, ем и тие што остануваат, доброволно се откажуваат од лингвистичкото наследство со кое можеме да се идентификуваме како Македонци.
Денес се фокусираме, а не се сосредоточуваме, имаме таргети, а немаме цели, имплементираме, а не спроведуваме, имаме бенефити, а не корист или полза, имаме агенди, а не дневни редови и распореди, имаме бенчмаркови, а не одредници, тајм лајн, а не временска последователност или редослед, превенираме, а не спречуваме, аплицираме, а не се пријавуваме или поднесуваме барање, се залагаме за инклузивност, а не за вклученост, имаме суспектни, а не сомнителни случаи, како и пик, а не врв на заразата (ковид-19) или пик на цената на нафтата, имаме афтершокови (по земјотрес), а не последователни потреси, имаме биодиверзитет, а не биолошка разновидност. Имаме веб-страна, а не мрежна страна, имаме пасворди, а не лозинки, имаме асесори, а не проценители, имаме инфлуенсери, а не поединци со влијание; еден од ретките исклучоци се зборовите – работилница, а не воркшоп, како и алатка, прозрачност, а не транспарентност – што покажува дека сепак се можело, само ако се има повеќе одговорност, самопочитување и почитување кон јазикот. Кога се во прашање англицизмите, особено оние врзани за компјутерскиот јазик, долго време сме сведоци на неподнослива леснотија на робување на невидена интелектуална мрзливост да се вложи минимум напор да се бараат и да се најдат соодветни, а не адекватни, зборови во лексиката на македонскиот јазик. Застрашувачка неукост и неодговорност. Што е најстрашно, оние што се расфрлаат со англицизмите во јавниот простор, покрај новинари и луѓе од политиката, мислат дека со тоа покажуваат повисоко ниво на ученост, а всушност се неуки и неодговорни. Би било добро и поучно за сите нив да го прочитаат Молиер и неговите „Учени жени“.
Од исказите – „дужен ко Грчка“ и „се буни ко Грк у апс“ – го разбирав само тоа дека некој некому му е должен, а згора на тоа, и дека се буни. Двете споменати реченици најчесто одеа заедно, па иако беше јасно дека некој (Грчка) му е некому должен, не ми беше баш јасно, кој и зошто, се буни – односно, дали Гркот се буни што дужи, па можеби, не му е лесно, бидејќи треба да се раздужи или се буни затоа што другите на кои им дужи се бунат затоа што им е дужен, а не е во состојба да врати. Или, што е уште поверојатно – не сака да врати под услови што ги наметнуваат тие на кои им дужи, како услов да му помогнат да го врати долгот.

Очигледно, бев неук за некои фини детали и состојби во светот на возрасните. Но што да се прави, мојата генерација растеше со ограничување, со попреченост. Тогаш, за разлика од сега, немаше гласници однадвор, кои, по разни поводи, но со слични мисии, крстосуваат низ Балканот, со нивното прочуено „помогнете ни, за да ви помогнеме“ – што најчесто значи дека сами треба да ја завршиме работата, најчесто валкана, и на сопствена штета, а е и од нивен долгорочен интерес, за нивните раце и совест да останат чисти! Мојот видокруг и животен опит на тие години беа многу ограничени, за да сум можел да ги разберам маките на нашите мили соседи што „дужат“, а не можат да се „раздужат“. Едноставно, не можев да знам кој е навистина виновен, дали тие што, од немајкаде, или подобро речено, од лакомост, позајмувале и се заборавиле, или оние што, исто така, алчно, но и лекомислено, им позајмувале, сè додека еден ден не си дошле по своето.
Требаше да изминат речиси шеесетина години откако за првпат ги слушнав овие две реченици („дужен ко Грчка“ и „се буни ко Грк у апс“) за повторно да ги слушнам во зрела доба, врзано за должничката криза во која западна нашиот јужен сосед во 2015 година! Сè е исто само што овој пат ги нема србизмите, кои мене како дете тогаш повеќе ми оставиле впечаток отколку смислата на самото тврдење, кое тогаш и не го разбирав сосема.

Владимир Петковски

(Авторот е универзитетски професор и амбасадор)