Духовна депонија

И што викате? Ова со Луна не проаѓа, а? Девојчето не го бива за политика. Штом се сликала во кратко ф’станче и бикини, јок политичка кариера! Ако е дел од конзервативна партија, Маргарет Тачер аутфит е максимум што го дозволувате. Разбирам, ви се измешаа лончињата. Ем сте прогресивни, либерални, слободоумни, ем таму некаде длабоко своите пет минути ги чека закржлавено шовинистичко, сексистичко човече, кое веднаш ги наоѓа истите како себе луѓенца, па здружно терате инквизициски трактати по мрежите. Запалете ја вештерката, згодна е, уште го покажува тоа! И потоа ќе се појави календар со садо-мазо мажи кои расчепатени позираат по цркви или ќе се натрти некој гол дечко среде МСУ да глуми уметничка инсталација и ако некој нешто промрчи за тоа, веднаш го прогласуваат за небањато сељачиште.
Ама не, стварно, сериозен сум, многу се радувам кога слободоумните кажуваат што смее, а што не. Што е етички дозволено, а што неморално. Оти само они имаат божествено право… се извинувам… само они имаат еволуционистичко право да кажуваат што е дозволено, а што забрането. Со нетрпение очекувам, по овој „страшен скандал“ на Луна, Хелсиншкиот комитет и оние силни женски невладини здруженија да излезат со еден прирачник за тоа како смее да се однесува една жена што негува десничарска идеологија. Па, не може веќе вака!
Едно чудо неостварени, прогресивни и слободоумни мажишта кои во женско друштво се прават феминисти и се грозат од фемицид, по овој ерес што го направи младата вмровка, стигнаа до раб на нервен слом, жими Алмодовар. Не дај боже, срце ќе ги удри! А и жени се згрозија. Од оние најлибералните кои практикуваат феминизам, чиа семе и инспиративни муабети за „love is love“ идеологија. Зарем ќе дозволиме една убава девојка во бикини, дел од омразената политичка партија, да ги фрли овие кутри прогресивни жени во духовна менопауза… се извинувам… сакав да кажам женопауза, феномен што се случува кога нивните секојдневни дрдорења за шовинизам, сексизам, феминизам, сексуални слободи, рамноправност ги ставаш за миг на пауза, за да го завртиш погледот кон нешто поубаво од лажната грижа за жената од страна на здодевната енџиовштина.

Мора да бидеме многу внимателни со кревките нерви, нежното здравје и свилената емотивна состојба на прогресивното граѓанство луѓенца и слободоумната бањата популација. Затоа да прашам! До кога мисли премиерот да досаѓа со крајно опасни муабети за размножување на нацијата? И како е тоа патриотизам? Што ако најпрогресивните и најслободумните што нè убедуваа дека новото име ќе ни ги плаќа сметките, па се здружија во „револуција“, а сега најгласно се бунтуваат против опасните тези на премиерот кој зборува за бебиња, што ако одеднаш одлепат, го послушаат и западнат во страшни помисли да се размножуваат? Патриотизам е да почнеме со кампањи за субвенции на абортуси, жими црн хумор среде бела чума!
А ха, Русјаков заговара паметните да не се размножуваат! Заговара фашизам во кој десничарите на сила ќе ни ги абортираат децата.
А, не! Фашизам е бебуле на Мусолини комуњарата. И кој рече на сила? Субвенција не е присилување. Патем, сами врескате дека никој не смее да ве тера да се размножувате. Вие не контате дека никој не ви се обраќа лично вам, туку тоа е еден од начините за борба против белата чума. А дека заговарам паметните да не се размножуваат, вистина е. Ете, и јас не се размножувам. Премногу сме. Од толку паметни индивидуалци со еготрипманија, видете што убава ни е планетава! Ја направивме духовна депонија.
Кога веќе споменав кампањи, на кој „генијалец“ му текна дека само Левица не може да добие државни пари за изборно преставување и рекламирање на приватни телевизии? А ха, таков бил законот. Па, ако е така глуп законот, сменете го. Законот мора да биде еднаков за сите. Зошто само Левица да не добива кеш од парите на граѓаните? Ниедна партија не треба да добива пари од граѓаните за изборни кампањи. Ни денар. Со тие пари може да си купиме партии што нема да се рекламираат. Патем, со тоа што Левица не добива простор на приватните телевизии, воопшто не сме спречени да видиме дека и нивната кампања е идентично досадно глупа како на сите други партии. Со истите исилени патетично поетски наративи што ме тераат веднаш да се префрлам на Фешн ТВ, каде што исто така има рекламни климови, само што таму поезијата е убава за гледање.

Инаку, знам дека не ви е гајле, но ние поетите сме навредени од таа лоша патетична поетичност што ни ја сервирате. Но и покрај фактот што кампањата на Левица генерално е идентично досадна и патетична како на сите други партии, сепак за нијанса е поразлична. За педесет нијанси, поточно. Педесет нијанси пурпурно. Кралски пурпурно. Срп, чекан и дијадема. Маркс и Енгелс, бојата на пурпурот. Којзнае, може пролетери од сите земји ќе се обединат… во империја. Уф, пурпурна револуција. Сиот се наежив, жими Ежен Јонеско.
Русјаков, штабоману вмровски! Да ти се посерам на мицковизмот.
Друже, јас штаб во живот не сум видел, ама многу е смешно кога ова од штаб ми го пишуваш. А она со мицковизмот… и тоа не е ништо ново и оригинално за мојот политичко-маркетиншки вкус. Одамна му се посравте на мицковизмот. Уште во време на заевизмот. Патем, да повторам, мене сите кампањи ми се идентично досадни. Како Одисеј, ми доаѓа восок во уши да си ставам кога пловам низ избори, ама не затоа што некој ме маѓепсува со заводливо пеење.
А да, восок. Колку треба да си неинвентивен, од Мадам Тисо до резолуција на Обединетите нации, па да излезеш со вест дека претседателката се сликала со восочните фигури на Трамп и Меланија? Океј, знам дека се работи за бесмислена критика преку валкана манипулација од чиста политичка омраза. Да ви објаснам како се критикува без зла емоција. Претседателката во ОН кажа дека Русија е опасност за мирот и безбедноста на планетата. Исто како што се опасност Израел и новиот наратив на САД дека со својата моќна армија ќе војуваат секаде каде што сметаат дека такво нешто е потребно. Ова за САД и Израел претседателката не го кажа. Не ми е тоа поентата. Суштината е дека од Лисабонска декларација наваму, Европската Унија е опасност по мирот и безбедноста на Македонија, нејзиниот идентитет и постоење и оваа нацистичка опасност веќе се спроведува. Затоа и живееме нордистанска духовна депонија.