Државата сме ние. Јас. Ти. Колегата со кого пиеш кафе. Вработениот на шалтер. Студентот што живее во изнајмениот стан. Таксистот што те вози до работа. Спортскиот новинар на терен. Докторот што те лечи. Наставничката што ги учи твоите деца. Фармацевтот што ти ја дава терапијата. Продавачката во маркетот. Градежникот што ја изградил зградата во која живееш. Земјоделецот што одгледува домати и краставици. Писателката на твојата омилена книга. Родителот што сака подобро утре за своето дете. Ако сакаш да ја промениш реалноста, започни од себе
Недела наутро. Мирно, на прв поглед. Ги отвораш очите, го отвораш порталот на телефон.
И тогаш – удар.
Враќаш назад, препрочитуваш, повторно и повторно.
Сè додека не сфатиш дека си разбрала точно.
Трагедијата навистина се случила.
И тогаш – тешка, задушувачка тага. Болка. Очај. Срам.
А срамот е најтежок.
Затоа што не е срам од другите. Не е срам од светот.
Срамот е од нас самите.
Зашто дозволивме да дојде до ова.
Со години повторуваме: „Државата не чини“.
Но државата не е нешто апстрактно. Државата не лебди во воздух. Државата не е некој друг.
Државата сме ние.
Јас. Ти. Братучедот. Колешката. Пријателката. Тренерот во клубот каде што ни тренираат децата. Комшијата. Фризерот. Инструкторот по јога. Соседот. Шефот на работа. Пратеникот. Професорот.
И сите ние премолчуваме.
Ги гледаме неправдите, а остануваме неми.
Ги гледаме корупцијата, кражбите, манипулациите, незаконското работење и наместо да се спротивставиме, ги прифаќаме како нормални. Како нешто што не може да се промени.
„Такво ни е општеството“.
„Што можам јас да сменам?“
„Не е моја работа“.
Ама кога ќе изгори нечиј живот во таа наша „не моја работа“, кога ќе стане предоцна – тогаш плачеме. Тогаш врескаме. Тогаш бараме правда.
Каде бевме пред тоа?
Колку пати сме виделе нешто што не е во ред? Колку пати сме слушнале за нечиј „среден“ испит, нечија „средена“ работа, нечиј поткупен договор? Колку пати сме молчеле кога некој заобиколил закон, кога некој избегнал одговорност? Колку пати ние самите сме побарале „пократок пат“ знаејќи дека е погрешно, дека со тоа го уништуваме системот?
„Ситница е“.
„Не е страшно“.
Не, драги мои.
Секоја „ситница“ градеше систем во кој сѐ е страшно.
Секоја премолчена неправда нè доведе до ова.
Секој избегнат поглед.
Секое „ништо страшно“.
Секое премолчување.
Денес викаме: „Каде е системот? Каде е државата?“
Ама системот сме ние.
Државата сме ние.
И кога молчиме, ние ја рушиме. Кога молчиме, ние ја уништуваме сопствената безбедност, сопствената иднина.
Ја прифативме корупцијата како нешто нормално, дозволувајќи да стане дел од нашето секојдневие. Ја нормализираме и оправдуваме, па ненормалното станува вообичаено, новата норма.
Нашето уверување дека така мора.
Нашиот страв да кажеме „не“.
Нашата ароганција да веруваме дека сите други се будали што работат по правила, а ние сме „снаодливи“ и „паметни“ што ги заобиколуваме.
Не сме паметни.
Ние сме жртви на сопствената тишина.
Сите носиме дел од вината за тоа што се случи во Кочани. Најлесно е да се впери прстот кон другите, но одговорноста е на сите нас. Загубените животи тежат и на нашите плеќи. Истите плеќи што се виткаа за да не бидат засекувани со сабја. Да поминеме полесно ние, а кому му е гајле за другите? Најважно е да се спасиме.
Да не се залажуваме. Во трагедијата во Кочани и ние сме соучесници. Вината е и наша – и моја, и твоја. Токму тоа е најтешко да си го признаеме.
Затоа, прво прстот кон себе. Што можам да поправам, започнувајќи од себе?
Ако сакаме да живееме во земја за која толку заљубено зборуваме, мора да ја заслужиме.
Затоа што системот не се поправа сам од себе. Системот го правиме ние. Државата сме ние. Јас. Ти. Колегата со кого пиеш кафе. Вработениот на шалтер. Студентот што живее во изнајмениот стан. Таксистот што те вози до работа. Спортскиот новинар на терен. Докторот што те лечи. Наставничката што ги учи твоите деца. Фармацевтот што ти ја дава терапијата. Продавачката во маркетот. Градежникот што ја изградил зградата во која живееш. Земјоделецот што одгледува домати и краставици. Писателката на твојата омилена книга. Родителот што сака подобро утре за своето дете.
Ако сакаш да ја промениш реалноста, започни од себе.
Силвија Митевска