Медиумите ја артикулираат и моделираат реалноста во согласност со своите принципи, создавајќи притоа жанрови и типологија што се исклучиво функција на самите нив. Директниот пренос, скриената камера – се карактеристични и важни секвенцијални компоненти во драматургијата на пресретнување и лов – фаќање на стварноста и луѓето во неа на дело.
Џ.Ф. Кенеди, според мислењето на најголем број медиумски авторитети, е првиот претседател на САД. Неговата изборна победа во 1960 година над Ричард Никсон во голем дел е резултат на телевизиските дебати како дел од предизборната кампања, покрај неоспорниот државнички талент, и во голема мера поткрепен од советничкиот тим за медиуми, кој апсолутно бил свесен за важноста на насмевката, изборот на вратоврската, ритамот на говорот, сугестибилноста на гестикулацијата. Неговиот високомодернистички културен настап, облагороден со елементи на европскиот добар вкус и чувство за медиумска непосредност, е дел од успешната формула за исполнување еден нов императив на политичкото дејствување т.н. телевизиска (медиумска) вистина што во наредниот период ги освојува сите општествено социјални и гносеолошки аспекти на постоењето и во извесна смисла претставува почеток на една своевидна ескалација на медиумите во стварноста.
Политичката реалност кај нас и политичарите, се разбира во неа, се една во низата патетични жртви на налетите на некритичката и незаситна виртуализација. Медиумски писмена и свесна за медиумскиот карактер на стварноста, на протагонистите на политичкото дејствување од првите, вторите и преостанатите ешалони, покрај многубројните обврски од сферата на дејноста им се додаде и нова обврска, фамозниот дрес-код како израз на новите трендови.
И кај нас во политичкиот живот сѐ повеќе се насетува влијанието на клучните аспекти на медиумската презентација – реториката и усниот координиран настап, ритамот на презентацијата во согласност со ритамот на потенцијалното гласачко тело, т.н. „секундарна оралност“ – визуелна вештина на дополнување на говорниот облик на содржините со гестикулација и микромимика, драмски паузи, сугестивен тембр и, се разбира, модерен стил.
Како израз и дел од политичките превирања и легитимна политичка борба, освен програми, во оптек се и кафе-муабет кампањи, озборувања, шепот штафети, шпекулации сл. Што се однесува до облекувањето и однесувањето, профилот и социјалниот статус во почетокот на независноста и плурализацијата, вмровците беа „селјаци“, а сдсмовците и другите – „елитисти“. Едните одеа на „Гоце фест“, а другите му се приклонија на џезот итн.
Но, погледнато од историска перспектива, во архивите, на фотографиите, во сеќавањата, усните прераскажувања, веднаш паѓа в очи дека ликовите од историското ВМРО се луѓе по потекло од добростоечки фамилии, со солидно образование и секогаш добро облечени, костумосани по последна (тогаш) европска мода, со вкус, рафинман. Такви фотографии сретнавме и при подготовките на ТВ-филмот „Премиера“ во Архивот на Македонија. Па, така, на една групна фотографија од почетокот на 20 век, во кафеана во Софија, седнати македонските револуционери интелектуалци Борис Сарафов, Славчо Ковачев и одбрана дружина, наздравуваат со кренати чаши, облечени по последна париска мода, во легендарната „Баба Цара“, кафеана збиралиште на македонската емиграција, во близината на „Славјанска беседа“, каде што во ноември 1900 година е праизведена пиесата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Поп Ѓорѓиев Чернодрински.
Погледнато од едно ново време, од дистанца од над сто години, и се разбира од еден континуиран стереотип за тој дел од нашата историја што секогаш беше редуциран, демонизиран и само делумно осветлен, во плурална и независна Македонија беше преобразен во злобна и навредлива пропагандна алатка, со која и следбениците на светлите традиции на македонската револуционерна борба беа окарактеризирани како селјаци, регалоиди, со широки вратови, невкусно облечени. Од другата страна, пак, се елитистите, густо сконцентрирани во СДСМ, и некои помали партии-дружби. Во голем дел тоа се генерации израснати и школувани по историскиот АСНОМ и многу од нив и денес се претставуваат и водат како продолжувачи и следбеници на овие историски традиции. Од она што го знаеме од учебниците и историските читанки, најголем дел од личностите потекнува од селски и сиромашни занаетчиски семејства, кои согледувајќи ја социјалната неправда се вклучуваат во револуционерните текови, во антифашистичката народноослободителна борба… сѐ до конечната победа. Потоа следуваат обновата, изградбата, индустријализацијата, електрификацијата, па така другарите од оваа генерација немаа време ни услови за некаков стил или дрес-код. Главно се облекуваа во производи од домашната социјалистичка конфекција, со брендови како „Герас Цунев“, „Тетекс“. „Први мај“ – Пирот, „Вартекс“ – Вараждин и сл. Ако некој се обидеше поинаку, нешто од надвор од империјалистичката модна понуда, тоа бргу беше регистрирано и санкционирано со голем број претставки, партиски диференцијации. Таа модна инерција и денес е забележлива кај многумина од преобразените следбеници и продолжувачи на светлите традиции.
Било што било, како и да е, дефинитивно влеговме во нова фаза, во која политичарите ќе треба да се снаоѓаат и во ова важно ниво во кибер-просторот, па така облагородени со елементи на добриот вкус и чувство за медиумска непосредност, во иднина ќе победуваат како најдобро подготвени агилни политики, но се разбира оние што ги исполнуваат ветувањата.