Долго топло лето

Одамна…
Топло долго лето. Нема влага, воздухот е чист, а небото е со природно синило, без маглива прекривка. Само една руска „газика“ и неколку шведски шлепери од марката „бисинг“ минуваа по два-три пати во денот и креваа облаци прашина. Од денешно временско растојание, прашината беше поздрава од сегашнава загаденост. Од Вардар, кој беше бистар како солза, слободно можеше да се пие вода и притоа да не размислувате дали ќе ве стисне стомакот. Се разбира, постои потенцијална опасност да се спечали тифус, менингитис или дизентерија, ама тоа беа ретки случаи бидејќи нѐ штитеше природниот имунитет. За подобра понуда (езеро, море) разбравме кога потпораснавме. Зборувам за шеесеттите години од минатиот век и за мојот Гостивар, првиот град од изворот на Вардар, кои се мошне атрактивни за споредба и поврзување со денешницата.
Бидејќи ние бевме Њу Сетлмент – Новата населба, или како што гостиварци нѐ нарекуваа Дедиње (резиденцијален кварт во Белград во кој се наоѓаше и Белиот двор на Тито), имавме посебен градски третман иако повеќе личевме на село. Најпрво да објаснам дека прекарот Њу Сетлмент си го ставивме ние, децата од населбата Дутлок, бидејќи меѓу нас имаше ученици што за првпат во училишната програма го учеа англискиот јазик на сметка на дотогаш неприкосновените руски и француски јазик. Населбата едвај да имаше дваесетина едновремено изградени двокатни куќи, кои личеа една на друга како јајце на јајце. Нашите родители слободно можеа да одгледуваат живина, крупна стока и прасиња. Можевме да се пофалиме со широки дворови.
Штом ќе завршеше учебната година, ќе се повлечевме во честарот од зелената површина веднаш до нашите домови што ние ја сметавме за парк. Таму, под раскошните круни на жалните врби, почнуваше часот по читање книги. Ги голтавме зборовите на Мајн Рид („Ловци на жирафи“), ги читавме „Оливер Твист“ на Дикенс, „Тројцата мускетари“ на Дима, „Златното клуче“ или „Буратино“ на Алексеј Толстој, „Малиот Мук“ на Хауф, „Селото зад седумте јасени“, „Шеќерната приказна“ и „Пионери, пионерки, бубачки и шумски ѕверки“ од Славко Јаневски, „Возот в снег“ од Мато Ловрак, „Вели Јоже“ од Назор, „Дружината на синиот галеб“ од Селишкар…
Потоа со душа чекавме на градскиот плоштад да стаса „Наш свет“ со Тарна дете на џунглата и Џек Дијамонд против црниот Ѓавол, „Кекец“ со Таличниот Том, Поручникот Блубери и Белиот коњаник, „Политикин забавник“ со Флеш Гордон, Дизниевите херои Мики, Пајо и Клапчо (тогаш Шилјо) и „Плави вјесник“ од Загреб со Ден Дери и домашните автори предводени од Мауровиќ и Радуловиќ.

Покрај нас под врбите, „маршираа“ кокошките, пајките, мисирките и гуските. Едни кон барите што ги формираше Вардар, други на пасење сочна трева. Реката беше разгранета во ширина од двесте метри и не беше сместена во корито. Летно време ние децата од рани зори, па до зајдисонце, се капевме и сончавме на дивите песочни плажи. Вообичаено беше најмалку трипати преку летото да ја „менуваме“ кожата небаре сме влечуги. Еден од нас беше задолжен да се врати дома и да ни донесе храна што ни ја приготвиле нашите мајки. Тоа беа парчиња домашно месен леб, поросен со шеќер и натопен со вода или со свинска маст поросена со црвен пипер. Водата беше изворски студена. Кога се враќавме од плажа, усните ни беа модри како мастило. Но пред да си одиме дома, моравме да си ги исушиме црвените гаќички од обично платно бидејќи ниту имавме резервни ниту гаќички за на плажа. Ги стававме на стапче и постојано ги нишавме за побрзо да се исушат.
За споредба, слично беше и во нашиот главен град, во кој често патував со моите родители. Разликата беше што таму децата и возрасните можеа да се пофалат со квалитетни гаќи за капење, кои имаа и убав дизајн и врвки со кои се врзуваа на колкот, со многу кина (Култура, Вардар, Бамби, Братство зад Бит-пазар), куклен театар. Во Скопје беа прочуените Руска и Градска плажа крај градскиот парк, потоа Кривина кај Сарај, железен мост… Нишајќи се во разнобојните чунови за забава во градскиот парк, преку разглас можев да ги слушам популарните арии од мексиканските вестерн-филмови со Педро Армендарис и Антонио Агилер. Поголемиот дел беа во изведба на нашата тогаш една од најпопуларните групи во Југославија за изведба на мексикански песни „Мањифико“ со Пантелеј Панче Кочовски, неговата прекрасна друшка Невена – мексиканската чучулига, Галев и Томов. Тие во една пригода во Белград при посетата на мексиканскиот претседател Лопез Матеос беа поканети да пеат мексикански песни. Тоа беше вистинско пријатно изненадување за мексиканскиот претседател, кој беше воодушевен од нивниот настап. Наедно прашал од кој дел на Мексико е групата. Неговото изненадување немало крај кога му кажале дека се од Македонија, една од југословенските републики. Уметници што во исто време го промовираа мексиканскиот мелос беа Славко Перовиќ и Никола Каровиќ, а нивните изведби трештеа по плажите крај градскиот парк.

Кај нас во населбата, по прашливиот неасфалтиран пат тромо чекореше сладоледџија туркајќи го сандакот на две тркала. Од страните на сандакот беа нацртани Мики Маус и Паторот Пајо. Две јајца за една обична лажица сладолед. Ние немаме потреба да крадеме од нашите кокошарници бидејќи доволна беше само една попатна прошетка низ честарот од паркот за да присобереме еден куп јајца доволно за богат сладолед.
Недалеку од сладоледџијата, на малиот плоштад пред стадионот, се „паркираше“ Јусуф барабанџијата или општинскиот тапанар. Со едноличен ритам го повикуваше народот да ги слушне најновите вести. Кога луѓето ќе се прибереа до него, тој ќе почнеше да ги пренесува општинските наредби и новините од другите активности. Помнам дека викаше на сиот глас кога ќе требаше да пренесе дека на тој и тој ден ќе започне вакцинацијата на живината или на стоката. Потоа ќе предупредеше на одржување лична и заедничка хигиена или за посетата на некој голем циркус.
Во паркот веднаш до нашите домови се собираа млади од градот. Тие се честеа со леблебии и суво грозје, со кикиритки и тулумби, со боза и понекоја голтка шампањ. Потоа ќе одекнеа песни и свирки до доцна во ноќта. Можевме да ги слушнеме Френк Синатра, Чаби Чекер и неговиот твистагеин Пери Комо, Дин Мартин, Рики Нелсон, Пет Бун, Елвис Присли и белгискиот шмеќер Роко Граната. Се пееја „Њујорк – Њујорк“, „Приказната од западната страна“, „Меџик моментс“ „Мандолини во ноќта“, „Ох, Керол“, „Брзиот Гонзалес“, „Марина “… Нам на малите дечиња ќе ни подадеа од алуминиумските никлиња (кованици од 1, 2, и 5 динари) за да им купиме рефус цигари (од 3 до 5 парчиња) во градските трафики. Со динарите ќе си купевме стрипови или ќе посетевме кинопретстава.
Во 19 часот навечер, прославената 101 приказна од Никола Автовски, човекот што ја испеа незаборавената „Кажи зошто ме остави “. Со ушињата потпрени на старите радиоапарати „тесла“ ги голтавме неговите зборови и се воодушевувавме од неговите актерски способности и ономатопејата што ја користеше за да биде убедлив. По приказната, миење, па на спиење. Од под покривката, слушам најнови вести. Светот не беше покриен со медиумска мрежа како сега, па сѐ што се случува на едниот крај од планетата веднаш да е и во нашите домови.

„Вечерва независност од Франција добија Мали, Белгиски Конго, Бенин, Буркина Фасо, Брегот на Слоновата Коска, Чад, Централноафриканската Република, Конго Бразавил и Габон. Британски Сомалиленд и Кипар добиваат независност од Британија. Белгиско Конго добива независност од Белгија. Куба ги национализира американските фирми на островот како одговор на санкциите што Вујкото Сем им ги наметна. Со белгиска помош, Моис Чомбе ја прогласува Катанга за независна држава. Во Рим се отворени Летните олимписки игри во 1960 година…“
Потоа ќе ме земеше сонот. Штом ќе се разденеше, по појадокот започнуваа детските игри и веселото секојдневие. А јас детиште, веднаш заборавав на она што го слушнав минатата вечер.
Сега…
Долго топло лето. Не се дише. Чудна врелина. Се потиш и кога седиш. Интернет, активности во домот. Секој во својот свет, во својот и со својот микрокосмос. Отуѓеност, чудна маина. Чиниш во секој миг може да се случи бура. Ништо живо не стасува. Мора да се работи и да се заработи по секоја цена. Ако е потребно, и на две работни места. Американски сон. Сѐ уште сме во Дутлок, во Њу Сетлмент. На местото на кое во 1960-тите беше распослана нашата „џунгла“, се испружил автопат. Две ленти од една, две од другата страна и нов модерен мост преку Вардар, кој не личи на себе. Некогаш полн со пастрмки, мрени, кленови и бојник, сега само гол камен и алги. Возила како река. Автомобил до автомобил, а од идната година еден над друг. Кутрата „газика“ од минатиот век. Беше осамена. Нема седенки, нема музика. Зелените површини се намалуваат, а од плажите ниту трага. Интензивно се гради. Впрочем како и насекаде низ Македонија. Не знам кој купува и по колку станови, а ваму врескаме оти било сиромаштија. Дома секој по пет пара гаќи за капење. Голем број по мориња, океани, на острови, по планини. Некогаш без гаќи, сега елита. Нормално е тоа. Станува збор за материјален исчекор, но без поголем еволуциски скок. И покрај високиот стандард, стемнети сурати, дефицит насмевки и нервоза. Зарем станавме богати за да бидеме со мрачно лице. Неизвесност, очекувања, разочараност. Ама што? Зарем среќата не е резервирана само за себе? Веројатно малкумина имаат табиет искрено да се радуваат на среќата на другиот. Ретки се тие што читаат весници. А јас кутриот сакам да го држам в раце и да му се насладувам на мирисот иако станува збор за рециклажа. Детските книги се претворија во книги за возрасни. Зошто? Децата пребрзо растат и посакуваат да бидат возрасни. Од градинка ги спремаме за инженери, доктори, информатичари, политичари. И сите свртени со погледот кон западната ни страна. А таму, други и не помали проблеми. Светот врие.
Мали ги замоли француските трупи од Легијата на странците да ја напуштат неговата територија. Буркина Фасо исто така. Нигер се ослободи од американско присуство. Од Евроазија доаѓаат нови момци. Само да не се повтори истото. Врие во Конго, но поради вирус на мајмунски сипаници. Либија се ослободи за да се зароби повторно. Прекинат гасоводот за Франција, Куба сѐ уште под американски санкции…“
Што е ова? Како да слушам бајати вести слични на оние од 1960-тите. По толку време, ништо да не е променето? Е, да! Украина е самостојна држава…
За пајките, кокошките, мисирките и гуските, кои патем беа наша изворна вредност наследена од предците, и за бледилото на денешниве копани, во некоја друга пригода.

Љубомир Јованоски