Има една поговорка што вели дека кој бара морал и чесност во политиката треба да оди во црква, а прашање е дали и таму ќе ги најде тие доблести.
Позната е фразата дека политичарите постојат заради граѓаните, а не обратно. Должност на политичарите е не само да работат во интерес на граѓаните туку да ги поттикнуваат и нив на заедничко учество во политичкиот живот. Грмат политичарите дека граѓаните ја заслужуваат вистината, да знаат за што се залагаат нивните водачи, колку се доследни во своите залагања и верни на она што го ветувале порано. И треба да се морални и чесни.
Горенаведените фрази се често употребувани, безмалку секојдневно. Тие се теоретски добро осмислени, оформени и изговорени. Но дали политичарите се придржуваат до нив во реалноста?
Често се поставува прашањето дали лажат политичарите.
Не се малку тврдењата дека вистината и политиката немаат нешто многу заедничко, не се брат и сестра, односно дека лагата е неизбежен дел, лагата е мајка на политиката. Лажењето од политички потреби е старо колку што е и светот, родено уште од денот кога е создадена и човековата заедница. Современите проследувачи на политичките вистини тврдат дека никогаш не се лажело како што се лаже денес и никогаш не се ширела лагата толку брзо како сега. Многу истражувања покажуваат дека денес во западниот демократски свет се лаже безочно, систематично, плански и со намера. Нормално, самата лага се камуфлира со разни целофани и обланди и така спакувана често станува официјална вистина. Последни примери се информациите во врска со војната во Украина и со војната во Појасот Газа.
И во теоријата постојат повеќе концепции што на различни начини го толкуваат поимот лага. Лагата не е докрај дефинирана ниту како појава, но не е непознато дека за некого е потреба, за некого спас, за некого болест, за некого неспособност да се разликува лажењето од верувањето во бајките. Сепак, сите се согласуваат дека лажењето е деликатна работа. Иако има едно значење, причините да се лаже се различни.
Според некои медицински сознанија, некој лаже бидејќи патолошки не може да живее без лажење, со што ја храни својата мегаломанија, некој лаже за да спаси некого во некоја неприлика, некој лаже наивно како дете што не разликува вистина од фантазија, некој лаже и самиот да не е свесен дека лаже, а некој лаже за да се излаже и себеси. Конечно, во политиката не се лаже само со збор, многу се лаже и со молчење, односно со премолчување. Последните години најкарактеристично е што големите лаги се искажуваат со голем политички шарм и насмевка, со рака положена на срцето, со очи широко отворени. Студената и гола вистина не може да му се спротивстави на блескавиот шарм на лагата, зашто лагата е жива колку и вистината.
Што се однесува директно до политичките ветувања, за нив се вели дека се како брачните обврски. Тие се прават на почетокот на врската, но подоцна и едниот и другиот забораваат на убавите зборови, на меѓусебните ветувања. Модерните циници им препорачуваат на луѓето дека штом видат дека една влада им ветува мир и благосостојба, преку плакати и спотови, тие треба да бидат внимателни и да го очекуваат обратното.
Како што напишавме погоре, мамењето стана важен дел од политичкото однесување и практика во модерните демократии. И уште поодамна се третира и се прифаќа како нормална појава. Речиси нема политички говор или изјава а да не содржи дел вистина, дел лага, кажана или премолчена. Таа форма на говорење веќе не се вика измама, туку се именува со разни еуфемизми, со вметнување лесни лексички трикови за да се амортизираат тешките лаги. Се употребуваат јазички формулации што се сериозна навреда на здравиот разум, на нормалната логика.
Лагите се изговараат и од најголемите лидери, свесно, без чувство на вина и без страв од одговорност и од последици. На сите ним им е познат древниот мит дека мудрецот не можеш да го препознаеш по она што го говори на плоштадот, бидејќи тој таму не зборува со својот глас, тој таму мисли како што мисли малцинството, а говори како што сака да чуе мнозинството.
Не случајно е кажано дека кој не лаже на крупно нема политичка иднина.
На крајот на 2013 година на претседателот Барак Обама му беше доделена титулата „лажго на годината“ за неговото многупати повторено ветување до гласачите дека со реформата во здравствениот систем наречена „Обамакер“ оние што го имале здравственото осигурување по стариот закон, ќе можеле да го задржат и по новиот. А тоа не се случи.
Обама почнаа да го цртаат на карикатури со голем нос, да прават алузии со Пинокио. Како што знаат и децата, Пинокио е измислен главен лик од детскиот роман на италијанскиот писател Карло Голдони, напишан уште во 1883 година. Направен е од дрво, со дарба да зборува за да лаже и да ги превртува фактите и приказните, а неговиот мал нос да му се издолжува секогаш кога нешто ќе излаже.
Но Обама не е единствениот американски претседател кому му бил цртан долг нос. Со тој симбол се украсени речиси сите лидери на Америка, од Џон Кенеди наваму. Најдолг нос му е цртан на Џорџ Буш Помладиот, пред сѐ поради измислиците за хемиското оружје во Ирак и за инвазијата врз таа земја. Многумина новинари и биографи него отворено го нарекуваат најголемиот лажго во американската историја. Веднаш до него е и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Кога би се правела некоја листа на македонски политичари со долги носови, сигурно таа би била исполнета со многу имиња на оние што ветувале за време на избори, а не исполниле за време на владеење. Прашање е дали некој би останал незапишан на тој список. Сепак многумина за шампион на лагата во Македонија, за најславниот македонски Пинокио би го прогласиле Зоран Заев, поранешен претседател на СДСМ и претседател на Владата на Република Македонија, со него стана Северна. Неговите лаги не беа шеги, тие го покриваа нанесувањето на непоправливите штети од национален карактер.
Македонските хроничари може да подготват и друг долг список на измамници, на кој би се нашле голем број западноевропски политичари, амбасадори и дипломати од различен ранг, кои немаат ни срам ни перде и повеќе од триесет години ги лажат граѓаните на Република Македонија, сега Северна.