Замина во вечниот живот професор Илија Џонов, невропсихијатар, поранешен декан на Медицинскиот факултет и директор на Клиничкиот центар во Скопје. Познат и признаен доктор, исклучително ценет не само во медицинските кругови. Оној што ги лечеше душите на болните му ја предаде својата душа на Бога и се вплоти со оние што го чекаат денот кога ќе воскреснат од гробовите.
Илија (Иле) Џонов е типичен пример на човек кому несреќни историски околности му ја одредиле животната судбина. Од зачнувањето до неговото заминување на оној свет на 82-годишна возраст. Судбина поврзана со неговиот татко.
Илија е син на македонскиот револуционер Борис Џонов, попознат во македонската историја како Боро Џони. Младиот правник, роден во Богданци, дипломиран во Загреб, го загуби животот во Струмица. Во мај 1943 година, овој судија вработен во Обласниот суд е ѕверски мачен и сѐ уште жив фрлен во разгорена варница на патот за селото Костурино. За тоа сведочи бистата што е поставена на местото на злосторството, на која пишува: „На 23 мај 1943 година од бугарскиот фашистички окупатор во струмичкиот затвор ѕверски беше убиен и на ова место изгорен борецот Боро Џони“.
Не била поштедена ни неговата сопруга Рахилка, родена штипјанка. Нејзе ѝ било наредено да ја напушти Струмица во рок од 12 часа. Била бремена, петти месец. Со минимален багаж, пешки тргнала за Штип, плашејќи се за себе и за нероденото чедо. Се смилувал некој колар што пренесувал стока во тој правец. Изложувајќи се и самиот на опасност, помогнал немоќната жена да стигне до нејзината родна куќа. Таму, во ноември се родил синот, го добил името Илија. Илија Џонов, по неговиот дедо од татко.
Окупаторската власт не останала само на таа немилосрдност. Го интернира целото семејство на Боро Џони, татко му, мајка му и сестра му. Првин во Скопје, како во затвор, потоа во Софија, оттаму во Ореховската околија, секој во одделно село, па во Горна Џумаја (Благоевград), каде што останале до септември 1944 година, кога капитулирала фашистичка Бугарија. Сите Џонови, од Богданци и Кукуш (Килкис по грчки), како и сите кукушани, по вера биле унијати, религија заснована на традициите на Православната црква, но со признавање на римскиот папа како нивни поглавар. И Гоце Делчев бил унијат.
Значи, нашиот современик доктор Илија Џонов се родил неколку месеци по злосторот извршен врз неговиот татко. Целиот живот со гордост ги носеше спомените за него. За мајка си говореше како за светица, како за жена излезена од икона, која низ животот го носела ореолот на сестра на Света Богородица. Овие напомени за спомени може да се насетат и да се прочитаат во делови од неговата книга што носи наслов „Без љубов – празен живот“, издадена во 2021 година.
За почитта кон делото на татко му сведочи еден случај познат меѓу неговите блиски пријатели. Имено, по потпишувањето на политичките протоколи со Бугарија и најавите од македонските власти дека од сите споменици подигнати во Македонија ќе се бришат зборовите „бугарски окупатор“, Илија Џонов, инаку мирен човек, не штедеше зборови со кои навестуваше дека ќе ги употреби сите легални правни средства тој чин да не може да се случи. Без страв од политички или други последици се обраќаше до општинските органи на Струмица. На еден или друг начин, праќаше пораки и до тогашниот претседател на Владата, кој претходно беше градоначалник на Струмица, територија на која се наоѓа споменикот.
Професорот не само како активен универзитетски предавач и ординарен лекар на Медицинскиот факултет, ја следеше и развиваше психијатријата учејќи од врвните светски експерти во таа наука. Негови научни и стручни опсесии беа душата, духот и психата. Во сето тоа човекот, заболениот пациент, над сѐ. Владеејќи го солидно германскиот јазик (бил на долга пракса во Германија), доктор Џонов и во сегашните пензионерски денови ги читаше во оригинал книгите на Зигмунд Фројд и на Густав Јунг. Не само што ги читаше туку некои од содржините ги толкуваше и ги користеше во својата болничка кариера. Треба да се каже дека му даваше предност на Јунг, иако бил покомплициран за читање.
Илија Џонов беше човек што успеа да ги надмине сите неволности што го следеа уште од најраните месеци од детството. Растен без татко, знаеше што значи семејство, што значи чесност, работливост, посветеност. Неговата девиза дека „добрината е доблест што ги прави среќни и тие што добиваат и тие што даваат“ ја спроведуваше кон пациентите, кон соработниците и кон пријателите. Медицината, не само во Македонија, не ја сметаше за совршена. Во неа гледаше иднина низ примена на нови техничко-технолошки научни достигнувања, на употреба на роботи и вештачка интелигенција. Но упорно повторуваше дека на крајот ништо не ќе може без човекот односно без мислењето на докторот. Довербата што ја влева докторот со збор не може да ја стекне машината.
Професорот беше убав маж, маж од збор, од принципи. Повеќе од пријатен соговорник, секогаш подготвен да му помогне на другиот во здравствена неволја, да даде совет, да упати на вистинска врата. Не дозволи да потпадне под трачеви за мито, се бореше и против таа болест на македонското здравство. Ги истакнуваше домашното воспитание, културата во однесувањето, манирите на благост, тактичност и принципиелност. Сигурно дека во таа смиреност лежи и податокот што Џонов беше еден од основачите и долгогодишен духовен водач на организацијата „Свети Лазарус“, христијанска екуменска заедница посветена на хуманитарна помош, приорат во кој доктори се видни припадници.
Иако неговата генеалогија е поврзана со четири града – Штип, Струмица, Богданци и Кукуш, Штип беше во срцето на докторот. Спомените за неговата младост ги евоцираше со благост, ведрина и прецизност, најчесто со позитивен хумор, дури и за анегдоти погодни за црн хумор. Неговата припадност во унијатството не беше пречка еднакво да ја почитува и православната вера. Кон двете религии се однесуваше со почит, доволно добро ја знаеше (често и ја цитираше) Библијата. Љубовта кон Штип на докторот му е признаена со тоа што е носител на орденот „Свети Никола“ што го доделува градот како највисоко признание за лица што се од или имаат врски со градот.
Проф. д-р Илија Џонов ќе остане запаметен како еден од најистакнатите македонски невропсихијатри, долгогодишен универзитетски професор, поранешен декан на Медицинскиот факултет и директор на Клиничкиот центар во Скопје. Како стручњак и како директор на Клинички остави длабока трага во македонското здравство, во неговото осовременување, во едукацијата, напредувањето и во кариерата на голем број кадри. По убаво ќе го паметат студенти, соработници, благодарни пациенти, пријатели, ќе ги паметат неговите зборови често обликувани низ штипскиот дијалект или со таков акцент.
Џонов како исклучителен човек ќе го паметиме и ние неколкумина негови пријатели што последните години од неговиот живот ги минувавме дружејќи се на терасата на тениското игралиште на хотелот „Александар палас“ или во не многу светлите простории на кафулето „Венеција“ во центарот на градот. За жал, завршија пријатните, весели, шеговити дружби на кои професорот им даваше позитивен тон и ги смируваше тие што покажуваа вишок страсти. Беше матицата што нѐ спојуваше, ненаметлив а присутен духовен водач. Таков беше, таков ќе го паметиме додека не му се придружиме.


































