Среќна Нова година! Каде планирате да одите за велигденскиве празници? Единаесетти октомври е. Свети Валентин. Ден на трудот. Немојте никако да заборавите да ја изненадите својата сакана со осмомартовски подарок. Сеедно што неа секој ден треба да ѝ биде 8 септември. Бидете здрави и живи и нека ни е за многу години чествувањето на сесловенските просветители!
Не знам, откако насилно нè нордистанизираа, а ние си свиркавме, тешејќи се дека сме се спротивставиле на референдум што никој не ни го есапеше, многу ми се мачни овие колумни пред Илинден. Немам поим зошто воопшто ги пишувам. Можам мртов ладен да им кажам во редакцијата, извинете, на одмор сум, дремам по плажи, правам песочни кули од апсурди и се шлапкам во плиткото плашејќи се од длабочините на духовното. И онака со години не сум бил на асален одмор, писател сум, можам да го измислам најневообичаениот. Ама не, јас прифаќам да пишувам спроти Илинден и ете ја грутката во грлото. Што, по ѓаволите, да им кажам на предците? Срамота е што воопшто им ги чествуваме храброста и пожртвуваноста.
Да беше паметен визионер и геостратешки себичен како нас, Делчев воопшто немаше да се занимава со тоа на што го посвети својот живот и наместо накај Баница ќе фатеше Ханиоти, Пефкохори или Платамона. Ќе ги дочекаше Грците, кои за првпат ја помирисаа Македонија во 1913 година, ќе се пишеше Грк и ќе си умреше како Грк прчејќи си го кубурот на плажи. И по стотина години, Заев и Димитров ќе потпишеа дека само он има право да се кажува Македонец. Додуша Грк, ама па Грците се Македонци. И уште Бугарите немаше да смеат да зуцнат дека некој таму Георгос Делчевакис, познат прчач на кубурот по плажи, бил Бугарин. Ама не, запнал он да ја ослободува татковината и коските да му лежат во слободна Македонија. Која умре во Нивици и стана зомби наречено Нордистан. И ете му ги сега коските во нордистанската НАТО-територија, сигурно се тресат од гнев и нервоза додека нордистанците веќе десет години си играат дрндупки и се спрдачат со неговиот најопасен и најлојален ликвидатор, Андон Лазов-Ќосето.
Да, тоа е истиот Андон Лазов за кој пред десетина години, интелектуалната бижутерија на граѓанството луѓенца крена до небо хистерија затоа што вмроовците му направија споменик и го тупосаа пред судовите. Вриштеа и се трескаа од земја урбаниве и прогресивни дечишта на црвената буржоазија, заедно со нивните политички и медиумски идеолози создавани во комуњарски времиња, дека споменик на Ќосето е кулминација на вмроовското насилие и сељачизам, без да знаат, оти тоа кренатите носеви не им гледаат подалеку од Дебар Маало, дека уште во Титова Југославија, Андон Лазов има споменик среде Струмица, заедно со Гоце Делчев. И еве ги сега, истиве хипстери и инфлуенсери, фатени во небарано. Не знаат дали да ја воспеваат Данела што до вчера ја мразеа или да продолжат да го мразат Ќосето што сега малку би и да го воспеваат, затоа што градоначалничката го врати на улица за инает на оние што први го поставија. Тоа е тоа нордистанско лудило во класична апсурдна кулминација. Нешто слично како најблесавиот момент во македонската нова историја среде која дочекавме, комуњарите за кои сите вмроовци беа бугараши, радикално да се бугаризираат, со налудничава намера на сите тоа во индентитетски код да ни го напикаат.
Затоа, наместо за Илинден, подобро да пишувам за кој било друг ден. На 14 септември 1974 година, во раните утрински часови, не се случи ништо посебно. Добро сега, во 4 часот наутро, во една скопска населба, жива вода направен, панично се разбуди Славчо, на кој среде најубавите соништа му упадна колумнист од иднината во крајно измрцварена умствена состојба. Кој Славчо? Никој посебно. Можеше да биде Васе или Миле од таа 1974 година, ама му се падна на некој Славчо да го разбудам. И еве го, бесно ме гледа од својата постела, почнува нервозно да мавта со рацете и да ме праќа во мајчина, во бестрага, по ѓаволите и други слични фини дестинации кај што нема плажи за прчење кубури, врескајќи ми: а бе, нормален ли си ти, будало една колумнистачка, зошто ми ги реметиш соништата(?), марш таму назад во иднината, гњави се себе и другите со својата сегашност. Пробувам да му објаснам дека Илинден е, срам ми е да пишувам од сегашноста, оти од минатото ме демне гневот на предците што крвавеа за татковината, ама изгледа токму тоа на Славчо му дава идеја, па свикува: е па тоа де, тоа, Илинден, ВМРО, ете вмровци се на власт, пишувај за нив и како тоа владеат со државата. А не, извини брат, спремно му враќам, мене политика не ме интересира.
Вистина е, мене ми е секогаш позабавно кога вмроовци владеат. А кој човек не сака да му биде забавно? Затоа веројатно и на секои избори колку толку придонесувам за да ми се оствари забавата. Патем, кога вмроовци се на власт, се појавува и еден интересен баланс во општеството. Баланс што мене ме засега. Едноставно е. Сега се нервираат тие што вообичаено мене ме нервираат. И не само тоа. Владеењето на вмроовците носи е филозофски контекст во секојдневното битисување. Оние урбано-прогресивни битија што цели седум години не ги интересираше политика, одеднаш повторно стануваат политички суштества со што нивните животи добиваат аристотеловска димензија. А дека има и негативни појави кога вмроовци владеат, навистина има, оти одеднаш кај одреден број луѓе одново се буди патолошката омраза спрема таа политичка партија и тоа секако не е добро ниту за нив, ниту за екологијата. Не е добро за нив, затоа што омразата е деструктивна појава, а секоја деструкција лошо влијае на здравјето, по што некои од нив може да станат и опасни за екологијата, оти добиваат порив да палат шуми и така ни ја ставаат во опасност иднината што треба да ја дишеме и кон која треба да се стремиме.
А иднината се вика Европска Унија. За неа борејќи се загинаа и Гоце Делчев и Кузман Јосифовски. Нивен сон беше да ги делат цивилизациските вредности на Унијата заедно со Ковачев и Латинопулу. Поради истите идеали и Цвета и калеш Анѓа одбија да се потурчат, затоа што знаеја дека Турција никогаш нема да влезе во ЕУ, а тие си имаа зацртано да се европеизираат и да станат како Марта Кос и Грета Тунберг. Затоа, наполнете пиперките и заиграјте оро, оти празник е. Нова година. Осми март. Ден на трудот.