Додека чекам да дојдат мигрантите

Додека чекам да дојдат мигрантите, опозицијата ми подметна дрога во прес-конференциите и сега нордистанската политика ми дејствува како ЛСД. Халуцинирам метаморфози, Овидиј и Кафка можат да ми позавидат. Мицкоски станува Бајден, Филипче во Орбан се претвора. Вмровците планираат да увезат мигранти како гласачка машинерија, сдсмовците застануваат на браникот на татковината за да нè спасат од чумосаните силувачи што сака да ни ги утрапи Британија. Чекај малку, па такво нешто Бајден направи, дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ, откако на Мицкоски ќе му истече овој последен мандат, партијата ќе ја преземат Клинтонови, а СДСМ ќе стане ФИДЕС, па Орбан Филипче ќе нè спасува од хистерични неолиберални вмровчишта?
Додека чекам да дојдат мигрантите, нордистанската политика станува удобна фотелја во која полека тонам, оти опасно се навлеков на дрогата подметната во сокот на стварноста, па мојот измрцварен ум почнува да ја кити и дотерува секоја пристигната халуцинација. Замислувам мисија за спас на Нордистан од мигранти што вмровците ќе ни ги донесат. Како искусен геополитички џанак, ги раскринкувам намерите на Мицкоски скриени во неговата потсвест, каде што упаѓам сурфајќи по брановите со кои уште во младоста Карлос Кастанеда ме научи да се справувам. И сфаќам, Мицкоски не планира мигрантите да ги направи само вмровска гласачка машинерија. Тој наумил да ги запише како нордистански Бугари. Ем да гласаат за ВМРО, ем бројот на бугарски граѓани нагло да се зголеми, што ќе биде оправдување за тие да бидат внесени во Уставот и така Нордистан ќе ја исполни француската рамка за влез во ЕУ, ама по британски терк што ќе биде геополитички удар на Лондон врз Париз во нивната војна, која всушност никогаш и не завршила.
Додека чекам да дојдат мигрантите, кројам стратегија како да ја спасам државата од вмровската намера за мигрантска бугаризација. Знам што ќе направам. Нека пристигнат мигрантите кои како бугарско малцинство ќе станат вмровска гласачка машинерија. Потоа ќе го искористам незадоволството кај овие донесени Суданци, Сомалијци, Авганистанци и Сиријци. Нивната намера да се вратат на Пикадили и Трафалгар ќе ја направам моја победничка стратегија. Веднаш ќе отрчам во Бугарија и ќе побарам докази дека Судан. Сомалија, Авганистан и Сирија се древна прабугарска цивилизација. Бугарските научници веднаш ќе произведат купишта факти и документи за оваа вистина. Со овие материјали ќе се вратам во нордистанските кампови и ќе им ја поделам литературата. И како што вообичаено бидува, овие ќе читаат и читаат додека не се разбудат како освестени Бугари кои знаат дека Александар Македонски ја донел бугарската цивилизација на нивните територии. Така лесно ќе ги убедам веднаш да извадат бугарски пасоши, оти не е исто да си бугарско малцинство во Нордистан и вистински Бугарин. И штом добијат бугарски пасош, лесно ќе се вратат во Британија. Ги избркале како Суданци, тука се обиделе да ги направат вмровски бугараши, ама сега се враќаат во Лондон како прави Бугари, а јас сум ја спасил државата од злите намери на Мицкоски.
Додека чекам да дојдат мигрантите, уморен од тешки думи и стратегии, запаѓам во халуциногени соништа. Некој ми тропа на вратите од перцепцијата. Возбуден станувам, со надеж дека на гости, среде сон, ми доаѓаат Вилијам Блејк, Хаксли и Џим Морисон. „Кој е?“, прашувам. „Религијата е опиум за народот“, шепнува некој отаде вратите на перцепцијата. Отворам и озарен свикувам: „Дај два грама!“, ама пред мене, од брада до петици, стои лично Карл Маркс. Веднаш ми доаѓа да го земам „Капиталот“, со кој вообичаено ги потпирам вратите на перцепцијата кога ги оставам отворени за да ме акне езотерична промаја, и со тоа книгиште да го треснам по глава гостинот, чисто онака, зашто отсекогаш ми било јасно дека за сè се виновни Евреите и не велосипедистите, туку оние хипстери со пунџи и тесни ногавици што возат електрични тротинети.

Додека чекам да дојдат мигрантите, дури и во сон сум добар домаќин, па го пропуштам напнатиот Маркс низ вратите на перцепцијата во мојата куќа на изгрејсонцата, иако знам дека сонот ќе ми стане кошмар. „Паника!!!“, крикнува Евреинот ребрендиран во христијанин, трансформиран во комунист, па продолжува: „Во твојава комуна нема веќе левичари. Социјалдемократите станаа националсоцијалисти, а комунистите, фашисти!“ „Зарем комунисти и фашисти не се отсекогаш исти?“, прашувам. „Прекини!!!“, ми се издерува. „Слушаш ли ти што се зборува низ твојава комуна каде што волците прават оргија, како што се вели во српскиот свет, ама малку повулгарно? Небањатите десничари се колнат дека додека тие се на власт, ниту еден мигрант нема да ја помине границата, а моиве левичари ќе креваат револуција против тие мигранти што овие другиве нема да ги пуштат на ваша територија. И кој сега ќе се бори за оние кутри луѓе кои под крвавата чизма на империјализмот мораа да ги напуштат своите разрушени огништа?“, завршува Маркс. „Па, јас што да правам сега?“, глупаво прашувам. „Како бе, што? Фати да го читаш мојот манифест за да се разбудиш како последниот левичар во Нордистан и да ја спасиш честа на левицата борејќи се мигрантската голгота да биде завршена!“
Додека чекам да дојдат мигрантите, се будам со помисла дека сакам да фатам накај Бакинигам, ама по пат има на секој факинг руски Евреин на кој налетам, да му крикнам „Слава, Палестини!“ Потоа ќе ги стрелам кралот Чарлс и цела негова фамилија и со мојата пакистанска комунистичка партија ќе го ребрендирам островот Британија во Куба на Атлантикот, па ќе ја нападнам Америка. Затоа и чувствувам силна вибрација во моите груби машинобраварски прсти што ги ставам во бели ракавици кои знаат да го свират Шопен, палам пура и фрлам од уста чад кон ТВ-екранот, во лицето на она десничарско ѓубре Трамп, кој крева ѕидови за мигранти. Ама пред да го освојам светот, прво ќе се справам со моите идеолошки и класни непријатели, десничарско империјалната, фашистичка, антимигрантска коалиција на Мицкоски, Филипче и Апасиев. „Заедно ќе висите!“, им свикувам, оставајќи ги да висат на осамениот празен шанк на буништето на историјата од крајот на колумнава, ама и додавам, „Одам да го ребрендирам Нордистан во гулаг“. Излегувам од нордистанската кафеана на апсурдот и налетувам на двајца чудаци. „Што правите тука“, ги прашувам. „Го чекаме Годо, а ти?“, ми враќаат. „Ги чекам мигрантите“, им велам, „Можеби вашиот Годо е со нив, иде по рутата наваму, па ајде заедно да чекаме“.