- Подобро е да си признаеме, градевме без план, немаме јавен транспорт, индустријата не е контролирана како што треба, секој гори што сака, не знаеме што се увезува и од денес почнуваме борба, од нула. Јас не знам кој нема да застане рамо до рамо со вас за таа борба. Мораме да го спречиме дивеењето во урбанизмот и да имаме квалитетен јавен транспорт. Инспекција што ќе работи против криминалот и систем што ќе се бори против корупцијата. На крајот на денот, правото на чист воздух е уставно и човеково загарантирано право, а ако некој го крши Уставот, се знае како се реагира
Па како сме, шампиони? Колку треба да бидеме горди, нели во спортот е успех кога си на првите три места. Злато, сребро и бронза. Одамна не сме се израдувале на некој медал, а секоја година го добиваме. Секоја година сме шампиони или вицешампиони и не славиме. Па мала работа ли е да си во прва петорка во целиот свет како најзагаден град со ужасен квалитет на воздухот. Една деценија сме неприкосновени, никој ништо не ни може! Буквално. Во 2015 година НАСА изготви мапа со обележани дестинации каде што годишно умираат минимум илјада луѓе како последица од загадениот воздух. На мапата се Кина, Индонезија, Индија и, секако, ни помалку ни повеќе нашата Македонија. Да не си ласкаме ние скопјани, рамо до рамо се натпреваруваат со нас Тетово, Битола, Прилеп, Струмица… Не сме централизирани и себични во тој дел. Борбата е за првото место, борбата што ја плаќаме секоја година. Многу скапо.
Според светските параметри, повеќе од шест милиони луѓе во светот умираат од загаден воздух. Ниту кај нас не е подобро, сите изгубивме по некого. Главното прашање е ако пред десетина години некој предупредувал, зошто апсолутно ништо не направивме во однос на ова прашање? Што е тоа што е поважно од воздухот што го дишеме? Знаете што испаѓа на крајот – профитот.
На шега, еден пријател вели: „Воздухот во Македонија е загаден или не во зависност од тоа на која политичка партија си член и дали твојата партија е на власт или во опозиција“. И вака гледано, навистина е така. Изборни кампањи низ годините се темелеа на квалитетот на воздухот и како ќе се среди тоа. Како оди тоа по шема, веќе и научивме. Почнуваме со критика, па обвинувања, па доаѓаме на власт, па чекајте нема тоа да се реши прекуноќ, па поминал половина мандат, па се молиме да дојде лето, па не работат мерните станици, па формираме работни групи и, оп, поминале четири години. Ако политички се преживее уште една тура со истите ветувања и со стандардните популистички мерки, два дена бесплатен јавен транспорт и препораки од надлежните да не отвораме прозорци, да не проветруваме редовно, небаре ова дома што го дишам директно од Маврово ми е. И таму не сум сигурен каков е воздухот, дивоградби на секој чекор и сече кој стигне. Додека трепнеш дошла другата партија, со истата шема и ветувања. И повторно од почеток. А ние навикнати, па исто како по шема, молчиме. Да не ти се налутат од партија, молчиш, а твоите деца се надвор. Дишат заедно со сите други. Ист воздух.
Дечки, ако не знаете како, прашајте. Не е срамота да не знаеш, срамота е да не правиш ништо по однос на проблемот. Има многу позитивни примери низ светот каде што се решавал проблемот во неколкумилионски градови, Скопје за нив е едно маало. Ако интересот на поединци е пред јавното добро, тогаш знаеме каде е проблемот. Ова прашање е и безбедносно прашање и мора да биде на врвот на приоритетите на државата. Eднаш барем обединете се во интерес на граѓаните, нема играње со ова. Не може секој да биде експерт, побарајте странска експертска помош. На Скопје му треба воздух, градот не дише. Муабетите – од домаќинствата е, не знам од колите е или од котлина – не палат веќе. Подобро е да си признаеме, градевме без план, немаме јавен транспорт, индустриијата не е контролирана како што треба, секој гори што сака, не знаеме што се увезува и од денес почнуваме борба, од нула. Јас не знам кој нема да застане рамо до рамо со вас за таа борба. Мораме да го спречиме дивеењето во урбанизмот и да имаме квалитетен јавен транспорт. Инспекција што ќе работи против криминалот и систем што ќе се бори против корупцијата. На крајот на денот, правото на чист воздух е уставно и човеково загарантирано право, а ако некој го крши Уставот, се знае како се реагира. Здравјето мора да биде пред профитот.
Јас не сум експерт, јас сум еден од многутемина што се загрижени. Еден од оние што се плашат да не умрат од рак, еден од оние што се плашат за здравјето на децата. Еден од оние што ќе биде принуден да се исели од државава ако не види подобрување на ситуацијата. Не разбирам зошто кога некој е загрижен за своето здравје и за здравјето на блиските го сметате за противник или непријател на вашата политичка опција, која сега е на власт? На крајот на денот – да, противник сум му на секој што живее од народни пари и не се грижи за јавното добро. Колку чини вашата послушност? Јас ќе ви одговорам, додека не дојде, не дај боже, на ред некој ваш близок. Онкологија е полна, хорор е таму. Ако не знаете, појдете. Само пет минути да постоите во ходник, ќе ви стане јасно за што говорам. Луѓе умираат од загадениот воздух, луѓе се болни од загадениот воздух, луѓе се селат поради загадениот воздух. Да се освестиме и да направиме нешто, затоа што ова ќе заврши неславно. И вашите деца го дишат истиот воздух. Барем вам што децата ви останаа во државава.
Бојан Петровски
Авторот е претприемач

































