Што научивме досега? Многу нешта. Дознавме дека госпоѓата имала многу осомничени, ама во обвинението ставила онолку колку што ѝ се потребни за судскиот процес да трае пократко. Некои од овие обвинети ги заборавала во притвори. Дознавме и дека ја знаела пресудата пред да биде објавена од судијата. И, еве, сега дознаваме дека Заев ѝ рекол да го преквалификува обвинението во тероризам за да влијае врз промената на Уставот, односно Македонија да стане Нордистан. И така, дузина луѓе скапуваат невини по затвори. А да, дознавме дека и покрај сето ова, таа мирно спие.
Прекрасно, нели? И уште ќе дознаваме. Не дека не знаевме, ама немавме искажани факти, опипливи докази. Тоа што јас мислам дека во удбашки времиња, политичките и судските џелати имале повеќе усул, воопшто не е ни важно. Не е важно ни вие што мислите. Ма воопшто веќе не е важно дали некој нешто мисли во државава. Ако уште некој мисли и размислува, најдобро е да престане со таа функција. Мислењето е залудно. Ова не е држава. Ние не сме граѓани. Пиони сме во морбиден експеримент среде перверзен кошмар од кој нема да се разбудиме. Тие што си мислат дека сето ова не ги засега и баш се кул и опуштени додека заработуваат пари, ствараат семејства, се веселат по кафеани, креваат куќи, купуваат станови, уживаат и се церекаат бидејќи се убави, умни, дотерани и нашетани е само потврда на фактот дека се безумни. Уживаат во матриксот создаден од суштества што тешко може да се наречат битија. Безумни се бидејќи не се свесни дека фактички и не постојат. Сеедно што мрдаат, јадат, серат, зборуваат, се будат и заспиваат. Утре можат да се појават Зоќи и Вилме или некои налик на нив и да одлучат дека не сте луѓе, туку измет во лошо спакуван тетрапак, кој треба да се рециклира на депонија само затоа што таа одлука им треба за да покажат колку се грижат за животната средина.
На тоа сме сведени. Машините во „Терминатор“ имаат повеќе смисла во своите програми. Машината не можеш да ја убедиш дека оние напикани во ќош што креваат раце за да изгласаат нов собраниски спикер се шеесет и еден на број, она ќе преброи и ќе ти каже, грешка си, помалку се. Треба да ја расипеш машината за и таа како тебе да вади нелогични идиотштини. Вештачката интелигенција не може да ѝ помогне на природната глупост. Дури и да ја манипулираш таа вештачка интелигенција тешко дека ќе прифати слика од авион проследена со информација дека поради фактот што Македонија станала Нордистан, добила датум за почеток на преговори. Ќе ти каже дека тоа е лажна информација. Само ќе биде доволно културна да не ти предочи дека можеби си глуп. Може само да ја злоупотребиш таа вештачка интелигенција за да му наштетиш на оној што те соочил со глупоста и за миг да се почувствуваш жив како оној пат кога ја пронајде смислата на своето постоење во омразата спрема соседот што одбива да носи маска, да се вакцинира и да плеска со рацете на тераса како мајмун во кафез кому му фрлиле банана. Ја пронајде сопствената смисла во таа омраза предизвикана од страв за себе, барајќи тие што се бунтуваат против идиотските протоколи да бидат изолирани од твојата стварност ставена во карантинот на бесмислата. И затоа кога ќе слушнеш како некој признава дека напикал невини луѓе по затвори затоа што така му било кажано од страна на човек за кој сидрото служи да го влече бродот, ти кимаш со главата и велиш дека тоа било за повисока цена како членството во НАТО, а тој до тебе што не се согласува со твојот слабоумен заклучок, крева раменици и заклучува, тоа е, ќе страдаат невини жртви затоа што некој моќен така одлучил.
Но дури и кога сме соочени со фактот дека живееме, ама животот ни го програмираат некои таму моќници, ние ќе најдеме утеха во идејата дека сме слободни за разлика од оние што невини скапуваат во затвори, оти духовно ослепен човек не може да ги види решетките што му се ставени пред високо, од вообразеност и горделивост, кренат нос и околу удобно сместениот задник во фотелјата на конформизмот. Битно е да се има свест, нели, сеедно што совеста е ампутирана. На крајот на краиштата денес само така и се успева. За оној што уништувајќи успеал, човечкиот џган што себе се доживува за високоинтелигентна јавност, вели, се снашол. А за оние чии животи се уништени преку политичко-полициски монтиран судски процес, цинично се заклучува, кој им е виновен што биле на погрешно место во погрешно време, нека бидат среќни ако живи излезат од затвор откако ќе си ја одлежат казната. Затворените во сопствената ограниченост никогаш нема да ја разберат слободата на оние што се невини, а жртвувани на олтарот на изопачената моќ каде што монструозноста, омразата и злорадоста се животна енергија.
Затоа, убаво е што ќе се градат пруги и патишта што ќе го поврзат Нордистан со светот и стварноста. Само треба да ставиме на сите влезови во ова што го нарекуваме држава табли на кои ќе пишува РЕЗЕРВАТ. Или уште подобро, НЕНАЦИОНАЛЕН ПАРК. Туристичката брошура со задоволство ќе ја напишам. Добро е странците да знаат каде минуваат и со што се соочуваат.
Добре дојдовте во Нордистан, ненационален парк каде што живеат битија налик на човечки суштества. Имаат високо мислење за себе, ама немаат идентитет. А за да не бидат единствени безидентитетски зомбија, им го одземаа идентитетот и на своите малцинства во соседството, откажувајќи се од нив, па сега и тие не постојат затоа што соседните држави не ги признаваат. Сепак, многу ја почитуваат својата историја. За нив таа е како дрво, сега се борат да го спасат стеблото, иако си го отсекоа коренот. Ама пак нови се на планетава. Ги измисли еден црпнат од нива соединувајќи презерватив со револуција среде која шуто и рогато од интелектуалната бижутерија ја оплодија бесконечноста на глупоста низ чија вселена сметките сега им ги плаќа новото име на државата. Интересно е што дел од овие револуционери сега ќе го лепеле коренот за стеблото сеедно што во неговото сечење и сами учествуваа.
Нордистанците инаку многу се пуваат дека се НАТО, демек на вистинската страна од историјата бидејќи и они се во воена коалиција против Русија, ама дома си имаат советски гулаг, па додека поминуваме низ оваа безумна туристичка атракција можете да видите како невини луѓе скапуваат во концлогорите на политичката и судска перверзија. Патем, во Нордистан уживаат да бидат понижувани и силувани. Доказ за тоа е фактот дека упорно дремат пред вратата на насилникот што ги силува и понижува и пекаат да му се напикаат во постела затоа што таму, силувани и понижени, ќе им платат потоа. Ако сакате да се соочите со гротеска створена како експеримент во лабораторија за манипулација на здравата логика, ова е вашата вистинска туристичка дестинација.