Денешната наша колумна, драг читателу, ја почнувам со неколку реченици од мојот есеј за Конески по повод сто години од неговото раѓање објавен во неколку продолженија во „Нова Македонија“ во 2021 година. Еве: „Небрегово огнено дете, / виолетов вулкански глас, / полно со камења-монаси / што крштеваат живи и мртви. // Уште пред да се роди, / скитав низ тој камен храм / со мојата неродена невеста, / со свадбарски музиканти / и со светиот дух подрака / низ тој сончев Едем / полн со ружи од опал / рубини и дијаманти. // Небрегово Огнено дете. / Ја знам тајната света / на тие камења јас, / во кои седнал крснозе Бог, искрата, наследството мое, / што го преживеа хаосот, / исконот на крикот што ја / отвори првата зора на светот / и на сè прапочеток што е. // Небрегово Огнено дете, / Misa solemnis, / камења литургиски / пени од амвонот што пеат. / Еден од нив по Голгота / замина на погребот негов, / сè дур не го тргне од него / Ангелот третиот ден.“ Како што е Пушкин за Русите, Данте за Италијанците, Хердер и Гете за Германците, Блаже Конески е за Македонците. Гении и реформатори на кои понекогаш некои народи чекаат по едно, па и повеќе столетија да се родат за да донесат светлина и просветление (сатори кај будистите) за родот на кој му припаѓаат. Таков е случајот и со нашиот, Конески, една од најсветлите и најсвети личности за Македонците во турбулентниот 20 век. Кои се тие стожерни македонски столбови што го потпираат како Атлас небото над Македонија. Покрај Блаже, тоа се уште и Чуповски, Мисирков и Рацин. Заедно, тие го составуваат ’рбетот на македонската духовна свест и идентитет. Чуповски тука е важен со неговата дејност во Русија, каде што во Петроград, оженет со ќерка на руски банкар, го основа Македонското петроградско другарство, составено од интелектуалци што се борат за македонската историска вистина. За тоа е основан и весникот „Македонски глас“ (Македонский голос). Другарството на Чупоски се смета за камен-темелник на Македонската академија по ослободувањето. Посмртните останки на Чуповски се пренесени од петроградските гробишта во татковината, но неговиот гроб во Бутел е страшно запустен и демолиран. За тоа пишував во една колумна, ја известив и Академијата, но ништо од тоа. Тоа, пак, говори колку ние немаме свест за светлите знаци на идентитетот.
Така и толку. За Мисирков сè е јасно со неговата култна книга „За македонцките работи“ како најубаво сведоштво пред Европа и балканските хиени настрвени на нас, да ја изнесе културолошката и идентитетската вистина за Македонија и Македонците. А сега, по Чуповски и Мисирков, доаѓа Рацин, грнчарот, поетот, филозофот и богомилот од Велес, автор на знаменитата книга „Бели мугри“, која ја отвори зората на потоа „силно светнатиот ден“ (песната „Копачите“) на модерната македонска поезија, чиј виножитен лак извира од химниската поезија на Климент Охридски до Константин Миладинов, Рацин и следбениците по нив. Уште само за Рацин и ова: тој како автономист, за што веројатно и беше и убиен под превезот несреќен случај, својата верност кон родот ја потврди не само со печатот на животот туку и со потпис на смртта потпишан со неговата крв.
Со еден збор, драг читателу, Конески од своите претходници како префигурација во која се опцртуваа неговиот дух и лик, наследи доволно духовно благо и судбинска јанѕа да се сретне со сè уште неблагопријатното време за распарчените Македонци, неблагопријатно особено и за автономистите на кои им припаѓаа тој и новите визионери на македонизмот. Нашиот знаменит поет-бард го знаеше тоа и го јадеа темни душевни јанѕи, кои тој во метафори и шифрирани параболи ги втисна (за оние што знаат да читаат) во неговата сјајна поезија. Блаже според образецот на романтичарите за поетот не беше само лиричар од типот на Хајне и на Блик, поети што тој ги преведуваше, па и вглобуваше во својата изворна имагинација, туку и пророк. Поет пророк, тоа е идеалната целина, андрогинот на поетскиот гениј, кој гледа не само вчера и денес, туку и утре, далеку преку матниот превез на времето што надоаѓа како темен порој од иднината. Во таа смисла е познато и пророштвото на Конески за историската катастрофа, за несреќата која ќе му се случи наскоро на неговиот проколнатнички род кога рекол „Големо ни е Името ќе посегнат да ни го земат“. Таа пророчка јанѕа е увертира во неговиот страшен крик фрлен во двостишието на неговата речиси тестаментална песна „Спомен по многу години“ како интимно трагично обраќање до неговите современици Македонци: „Така рикаше маката во мене / дека сум роден во смачкано племе“. И таа трагедија на смачканото племе всушност ќе го поплави до врв поетовото интимно Јас, кое ја презема на себе колективната судбина и болка на родот. Да. А кој денес од нас, драг читателу, сети таква болка по идентитетскиот геноцид на Македонците во Преспа 2018. Ако има некој таков, кажи ми го за да се извинам. Сите ние се покажавме како страшно гнила генерација штом дозволивме да ни се случи без отпор еден таков геноцид, кој како со гума избриша сè што правеле со долги милениуми нашите предци и прапредци за да стасаме од иднината и да се родиме ние. Но ние страшно ги изневеривме нив и не знаеме како ќе влеземе в гроб со тој срам.
Така. И Конески го претчувствуваше пред да се упокои пред Господ тој резил што ќе се случи, имајќи ја предвид, покрај другото, и изречената мисла на Гоце дека во неговиот род има толку многу предавници што не можат да се најдат кај ни еден друг народ, а тие се и главната пречка за Македонците повторно по Александар да ја реализираат космополитската идеја за „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Тие секогаш ги предавале и понижувале гениите на својот (ако воопшто некогаш и бил нивен) род. Доволно. Така сега по овие суштински ремарки стасавме, драг читателу, и до шифрата од насловот на нашата колумна формулиран во форма на дилема: „џуџето или џинот од Небрегово“, која, јасно од сè што изнeсовме пред тоа, се однесува и на Конески во дилемата дали тој во културолошка, творечка и визионерска смисла за својот род е „џуџето или џинот од Небрегово“. За да нема пак забуна за неупатените, Небрегово е родното место на поетот, кое Господ го дарувал со еден од неговите најубави дијаманти. Така. А таа дилема „џуџе или џин“ ја отвори брутално една наша политичка „личност“ (со мала буква во наводници) од високиот политички ешалон од кој никогаш не се симна подолу, туку растеше може и како заслуга (ме полазуваат морници од тоа) за дефиницијата „џуџето од Небрегово“) за еден од неколкуте најголеми гении и визионери за родот во 20 век. Таа „личност“ беше, макар и како фабричка историска грешка, екстрапроизвод на бугарашката работилница на Љубчо Георгиевски и Доста Димовска во Македонија, а Конески беше најголемиот трн во окото на бугарската хиена настрвена за грабеж на македонскиот идентитет и културно-цивилизациски имот. Хиената на Кан Аспарух од мочуриштата на Волга. Да. И таа политичност и по заминувањето од македонската политичка сцена на Георгиевски преживеа како потврда на протејската моќ на политичкиот „затворен ум“ (Чеслав Милош) и сите негови перверзии. Така и „личноста“ што го дефинира Конески како „џуџето од Небрегово“ за тоа свое богохулие не беше деградирана од новата „патриотска“ власт, наследничка на старата, туку скокна повисоко во неа од чиј црковен „патриотски“ амвон уште секој ден и нè подучува сите нас со неговата наука на „патриотизмот“ како да се бориме патриотски за татковината, иако пред тоа го видовме и сликан со бугарско знаме на култната македонска планина Пирин, голема колку и нејзиниот светец и цар, најголемиот херој заедно со Спартак Јане Сандански. А може во своето богохулие кон Конески таа „патриотска личност“, за да дојде до својата џуџеста хипотеза се инспирирала и од онаа џуџесто склепана и во психата и во обликот скулптура на поетот поставена зад задниот бочен ѕид на Академијата да ги гледа колите по булеварот. Како и тука да станува збор за физичкиот, а не за духовниот раст за генијот. Да, оти јас мислам, драг читателу, дека, парадоксално, тој раст како и никој друг го сфати, макар и фигуративно, еден странец, рускиот поет Роберт Рождественски во неговата скромна и истовремено величествена песна „Оловното војниче“, за која тој го доби Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Неа и ја преведе брилијантно Конески. Во неа станува збор, имено, за едно мало војниче од Советската армија во Втората светска војна со накривена уста кога загинува. Ама тогаш тоа станува толку големо (сите ја препознаваат неговата големина) што во целиот свет нема толку многу мермер за да се изваја неговата фигура на херој.
Така, а има ли за Конески џинот од Небрегово, а за некој и некои џуџето, толку многу мермер од Плетвар (ако не е и тој под концесија на Грците „лицем светци срцем волци“ ‒ Прличев) за да го извајаме неговиот духовен споменик во самиот центар на Македонија. Кажи, драг читателу!
Сеедно, оти сега е потребно уште едно битно појаснување за „џуџето или џинот од Небрегово“ Конески од Господ пратен во „смачканото племе“ за да го закрепне и охрабри него. Оти и во старите библиски и предбиблиски ракописи се зборува за гениите што се зачнуваат во хиерогамиските свадби меѓу земното и небесното на највисоките планински сртови, на граничната линија меѓу нив. За такво нешто зборува и „Книгата на Енох“, која датира 100 г. пр. н.е. и која, како што вели Јунг, „ни дава многу интересен извештај за оној префигуративен продор на божјите синови во човечкиот свет. Енох знае дека 200 ангели под водство на Семјас слегнале на Земјата, дека се ожениле со ќерките на земните луѓе и дека со нив изродиле џинови високи 3.000 лакти“. Тие ангели што ги поучувале луѓето во науката и уметноста ја прошириле и развиле човечката свест.
Ете тоа пишува во книгата на Енох, како биле создавани гениите џинови, а некои од нив потоа, како во случајот на Конески, од некои несреќни „личности“ ќе бидат симнати на рангот на џуџиња. Да. Арно ама тие „џуџиња“ уште пред да се родат според законот на предестинацијата, или божјата милост им се заветени на своите генијални дела и на вечноста. Тоа и таков е и примерот со Конески, кој ги чувствуваше тие ситни злоби и нив ги бележеше во метафори и шифрирани параболи во неговата сјајна поезија. Тој наоѓаше притоа и свои алтер ега преку кои го изразуваше со еден онтолошки прекрасен фигуративен јазик тоа. Меѓу нив тука се како алтер ега и еленот самак и „волкот на љубов“. Во таа смисла во песната „Елен самак“ почетните два стиха гласат: „Мизерни мршојадци му одат по трагите, / напрегнато го демнат“. И Конески го чувствуваше здивот на мршојадците како еленот самак, сѐ дури не го свитка тој не за сон а за смрт / своето десно колено“. Слична е психолошката и онтолошката ситуација и со „волкот на љубовта“ од песната „Волк“, волкот проследуван од пците, загарите и ловџиите, кои викаат: „Ујда-да-да, по него, држте го, бре“, додека волкот завива со „пак ќе наминам“. Тоа и таквото вглобување на своето Јас како алтер его во некои елементи од живата и неживата природа како што го прави сјајно тоа Конески антропологот Леви-Брил го нарекува „мистична партиципација“. Но Конески своето алтер его како психолошка, онтолошка и состојба на духот го препознава и кај некои знаменити личности. Од Македонците, кај Прличев, негов близнак по судбинско проколнатништво и визија. Во неговата песна „Прличев“ тоа е видно уште во почетните стихови: „За ова срце сегде острат нож / а ножот веќе забиен е внатре.“ И потоа во завршните: „Ве тревожев ко натник што на полноќ / застанува пред портите да клука. / Ме гоневте ‒ рамнодушни и злобни ; / а сега дури и гробјето ваши / пак ќе го гонат мојот суров гроб, / и в земи туѓ и притеснет ќе бидам / сè дур не дојде едно ново племе / што ќе ме сака и прославува.“
Така. Вон Македонија, од странците како алтер ега Конески ги препознаваше Колумбо и Дон Кихот на Сервантес. Колумбо ја демонстрира како алтер его на поетот во истоимената песна креативната авантура на духот, страста за откривање на непознатото, основната цел на поетот, неговата фасцинација како што мислеше и Бодлер. Тоа. Но за нас сега и во контекст на темата на нашата колумна, драг читателу, е многу поважен како алтер его на нашиот поет архетипот Дон Кихот. Тој е целосно усогласен со него како илузионист, утопист, проколнатик и трагична личност. Имено, Дон Кихот вљубен во неговата Дулчинеа Тобоска како anima mundi и јавнат на својот како него илузорен коњ Росинант со илузионистичко копје во рацете води битка со облаците за да ја тргне сенката од душата на човекот. Трубадур и револуционер утопист. Нешто слично, драг читателу, беше и Блаже Конески, само што тој сега е македонскиот изворен Дон Кихот во ликот на Болен Дојчин, кој излегува по долгата болест завиткан со девет лакти платно за да не му се распаднат коските на бојното поле во битка со црната Арапина, фигуративно чумата што дошла во Македонија и што ја заврши, за жал, работата во Преспа 2018. Тоа, но она што е важно со Дон Кихот, тоа е неговата трагична како иронија, како врховен сарказам судбина во истоимената песна на Конески. Имено, тој, илузионистот и утопист дека може да стори нешто убаво во светот макар и во неговата битка со облаците за тоа, на крајот загинува изгазен од свински копитца. Всушност, драг читателу, како што му се случи тоа и на нашиот гениј џин од Небрегово од некои накази во облик на џуџести типови, и не по физички туку по духовен закржлавен раст.
При крај сме, драг читателу. Ти, пак, веќе сфати дека врз македонското дете Голомеше или дете Дукатинче (да се послужиме со архетиповите на децата јунаци од народната поезија) кога се раѓало во Небрегово Господ истурил една вреќа дијамант и бисер. Да. Арно ама и Христос во Евангелието по Матеј вели, како и нашиот Цепенков, дека бисерот не е за пред свињи, тие кои во некој миг ќе те начекаат како еленот самак и ќе те изгазат како Дон Кихот и Блаже со свински копитца. Тука сега ставаме точка, и пак ќе го цитираме Христос: „Кој има очи ќе види, кој има уши ќе чуе.“ До следната наша средба, драг читателу, голем поздрав.
































