Македонија во 1812 година се спомнува и се воспева од славниот англиски поет, лорд Џорџ Гордон Бајрон, кој пишува „Македонија го испраќа својот непобедлив род“, со што прави дистинкција помеѓу Македонците и другите народи и племиња на Балканот. Ова е уште една потврда за иденитетската разлика на Македонците од другите балкански народи на почетокот на 19 век. Во дел од поемата „Странствувањето на Чајлд Харолд“ од 1811-1812 година се пее за Македонија. Занимливо е тоа што воспевањето на Македонија е во делот на поемата што е исфрлен во поновите изданија на поемата, но во првите изданија го има. Скратениот дел од поемата каде што се зборува за Македонија го пренесува професорката и писателка Весна Здравковска Трајковска, која се осврнува на причините за исфрлањето на тој дел од поемата.
– Зошто е скратен овој дел од поемата,,Странствувањето на Чајлд Харолд“ и зошто толку долго е „невидлив“? Во повеќето европски изданија, во и по 19 век, делот со боевата песна на Али-пашините борци се крати од политички причини. Дел од редакторите намерно, под изговор дека пеанието е „предолго“ (а токму тој дел?!), го исфрлаат од поемата! Други, под изговор дека вметнувањето на балканските народи не е од суштинско значење за наративот и дека ориентациските (балкански, османлиски) пеанија ја „загадуваат“ романтичарската структура, исто така го кратат!
Така, токму стихот што е најважен за Македонија излетува во скратените изданија. Некој до,,ситница“ се погрижил да нѐ нема, дури и во уметноста, се наведува во анализата на професорката. Но, во првите автентични изданија од 1812–1813, тој дел стои. И има голема тежина. „Childe Harold’s Pilgrimage“ е создадена во периодот 1811–1812, веднаш по Бајроновото двегодишно патување низ Португалија, Шпанија, Албанија, Епир, Тесалија, Атина и делови на Османлиската Империја. Второто пеание е објавено во 1812 година – токму тој дел каде што Македонија се споменува најјасно.
Ова е оригиналниот стих за Македонија кај Бајрон: Во Кантото II, строфа LXXII, Бајрон ги набројува воините што служат под Али-паша. Меѓу Сулиотите, Химариотите, Илирците и Пиратите од Прага, тој ги спомнува и борците од Македонија:
„Macedonia sends forth her invincible race;
The red-shawl’d warriors quit their cavern’d home,
For fields more glorious, where the war-trump’s tone
Wakens the brave, and bids the falchion glow,
Till the fierce sabre sinks in crimsoned flow.”
Во превод: „Македонија го испраќа својот непобедлив род“
„Македонија го испраќа својот непобедлив род;
Воините во црвени шалови го напуштаат својот пештерски дом,
За пославни полиња, каде трубата на војната ги буди храбрите.
И ја пали светлината на мечот,
Додека жестокиот сабјен оган не потоне во крвавата река
на бојот.“
Ова е единствениот познат британски романтичарски стих од тој период што ја споменува Македонија без двоумење, без преименување, без втора мисла. Во романтичарската поетика на Бајрон, зборот „race“ означува – народ, род, воена заедница, регионален етос со препознатлив карактер. Не е раса во биолошка смисла, туку народна група со јасен, препознатлив идентитет. Со други зборови, Бајрон прави разлика меѓу: Албанци (Albanians), Грци (Hellenes), Бугари, Сулиоти, Химариоти, Илири и Македонци (Macedonians). Ова е важно, затоа што тој не ги изедначуваа.
Во 1812 година отоманска Македонија опфаќа големи делови од денешна Егејска, Вардарска и Пиринска Македонија. Воините што служеле под Али-паша биле регрутирани од планинските зони северно од Епир, т.е. Костур, Лерин, Воден, битолскиот регион и околните места. Бајрон, кој три месеци поминал дома кај Али-паша, имал директен увид во составот на неговата војска. Затоа ги издвојува Македонците како посебен род — непобедлив, планински, честито ловечки, со силен воинствен углед. Значи не ги спомнува Македонците под друго име. Тој ги спомнува точно како „Macedonia“ и „her invincible race“. Не ги меша ниту со Грци, ниту со Албанци, ниту со Илирци, ниту со Бугари или „склави“ – термин што ги користат и други патописци од тоа време. Ова го прави стихот уште повреден. Овој стих има историско значење и е доказ дека Македонија била географски и културно самостоен регион во очите на европската интелигенција. Македонците биле посебен народен корпус, не „етнички додаток“.
Бајрон им оддава признание токму таму каде што требало да стои — во воинската песна.
Ова не е националност во модерна смисла на зборот (тоа доаѓа подоцна со асимилаторските политики), но е јасен показател за континуитет на регионален и народен идентитет. Бајрон ја спомнува Македонија јасно, недвосмислено и со восхит.
И тоа во време кога Европа имала навика да ги замаглува балканските идентитети.
Стихот „Македонците се непобедлива раса“ е мал бисер од романтичарската епоха и белег дека Македонија имала име, глас и чест пред очите на Европа, како и во стиховите на еден од најголемите поети во тоа време.
За жал, во средните училишта се чита скратената верзија, која некој некогаш намерно ја скратил, но во неа Македонија не се споменува. Некој детално и систематски, со векови го отстранува името Македонија и Македонци дури и од литературните дела. Но, ние постарите генерации на професори ова добро го знаеме. Затоа сметам дека културната дипломатија е многу посилно оружје од суровата политика, зашто нуди безброј докази за постоењето на Македонецот од искона, за разлика од учебниците по историја, каде што секој си ја пишува историјата како што сака.
Инспирирано од мојот час по македонски јазик и од прашањето на учениците: Зошто токму тој дел го нема во поемата, професорке? „Затоа што Бајрон бил поет, а не политичар. И го напишал тоа што го видел, така како што било, така како што е“.
Авторката е професорка и писателка
Весна Здравковска Трајковска

































