Луѓето отсекогаш мечтаеле за среќно општество и за амбиент исполнет со животни радости. Исто така, посакувале да не им се случуваат трагични и тажни мигови. Но тешко е да се најде заедничка појдовна основа за обликувањето на едно такво општествено уредување. Пред сѐ поради тоа што луѓето по природа се различни. Таа различност во дадени моменти може да биде позитивна, но едновремено и злобно способна да ги оддалечи од сите нивни цели, намери, очекувања и соништа. Како и да е, една совршена општествена структура со посебни карактеристики, која е замислена како идеална заедница, е позната под името утопија (Томас Мор и неговата книга „Утопија“). Со ова, не е кажано ништо ново или непознато, но во суштина е еден обид да се потсетиме и да се навратиме на концептот со кој голем број земји живееја половина век и повеќе (ги има и денес – Куба, Кина, Венецуела…) во обидот да направат среќно општество за сите. Експеримент изграден врз лабава основа, кој покажа дека нема да може да се носи со наметнатите обврски и одговорности, со спротивности што не можеа да ја изртат и да ја изградат посакуваната цел.
Според Сарџент, природата на утопијата е противречна сама по себе бидејќи општествата не се хомогени, желбите на нивните членови претежно се спротивставени и конфликтни и невозможно е да се задоволат истовремено сите. Утопизмот во суштина е замисла за унапредување на животната состојба на луѓето. Но доколку тој се користи на погрешен начин со сите експериментални фази за уредување на општеството што е вообичаено за човечката природа, тогаш може да претставува и закана. Сепак, љубопитноста и потребите на луѓето да експериментираат со сѐ, па и со уредувањето на својата заедница, им нема крај.
Експериментот Октомвриска револуција, која потоа беше изучуван, применуван и извезуван низ светот, освен благодат во многу сегменти, донесе и големи проблеми бидејќи не беше поткрепен со научните сознанија на релевантни мислители ниту созреан до мера што нуди надеж за нешто ново и подобро. Позната е анегдотата за воскреснувањето на Карл Маркс, германски филозоф и комунистички револуционер поврзана со теоријата за општествено уредување. Кога го откопале, ги отворил очите и прашал дали е реализирана неговата теорија за изградба на социјалистичко општествено уредување како преодна фаза на комунизмот. Добил потврден одговор, но кога слушнал кои држави се зафатиле со неговата примена, веднаш побарал повторно да го вратат назад во гробот.
Целта на темата е да анимира историско потсетување за систем што одамна згасна и кој зад себе остави голем број трауми, невини жртви и држави што останаа како риби на суво, односно земји што влетаа во тој експеримент како бумбар во измет. Но настрана од сѐ, експериментот облагороди некои вредности, кои денес многу ѝ недостигаат на демократијата. За изненадување и неверување, таа како да зачекори на истата патека. Навистина чудно, но се чини дека и понатаму се случуваат големи експерименти, кои како да го следат во чекор сето она што се случуваше во дваесеттиот век. Значи, грешките се повторуваат во други облици и не се минато, нели?
Историјата познава „добри и лоши“ датуми и случувања. Сите тие се производ на човечката мисла, намера и цел. И сето тоа е непосредно поврзано со белези и убедувања со идеалистички концепт. Од идеологија и идеали до реализација, која би се потпирала врз темел од вистински вредности е тешка ако не и невозможна мисија. Претпоставка е дека за успешна реализација на една замисла треба да бидат исполнети определени услови, кои би содејствувале со мигот на времето и востановените општествени односи.
Името Џон Рид е анонимно за новите генерации и тоа е сосема разбирливо. Но ред е да се каже која е личноста погребана заедно со Ленин и другите комунистички великани под ѕидиштата на Кремљ. Некаде стои дека тоа е американскиот Че Гевара задоен со комунистички идеи и со мисли за праведност и правдина, човек што талкал низ светот за да учествува во повеќето обиди на тогашниот пролетаријат за да ја исправи неправдата што му била нанесена од страна на владејачките гарнитури. Пред сѐ, тој е новинар што известувал за социјалистичкото списание „Д масис“ и еден од ретките луѓе од Западот што лично ја почувствувал бурата на Октомвриската револуција. Во својата книга „Десет дена кои го потресоа светот“, од прва рака ги опишува крвавите случувања на улиците, драматичните преговори помеѓу болшевиците и меншевиците во Кремљ, срчените говори на Ленин и Троцки, водачите на револуцијата, борбите за правда и новото општествено уредување во кое работниците и селаните за навек ќе се ослободат од суровата експлоатација на капиталистите и благородништвото. Октомвриската револуција се случила пред век и нешто повеќе (25 октомври по стариот календар 6 и 7 година ноември по новиот во 1917 година). Ова е вистинска можност да го извадиме од заборав американскиот Робин Худ. Опишувајќи ги страдањата од земјите каде што престојувал (Мексико, Русија, Грција, Србија, Бугарија, Франција, Италија и Полска) со цел на американската демократска јавност да ѝ ги пренесе страдањата од военополитичките жаришта, Рид бил задоен од идеалите на револуционерните промени што тогаш се нуделе на политичката сцена. Одреден период дури и бил вработен во советскиот комесаријат (министерство) за надворешни работи. Неговото дело било исклучително популарно, особено во западните општества, а Ленин во воведот од книгата во 1922 година пишува за исклучително вредна книга што треба да биде објавена во милиони примероци. Овој човек, идеалист по професија, починал во Москва од тифус во 1920 година и таму лежи до ден-денес.
Кон револуционерите и содржината на нивните животни патеки јавноста се однесува со пиетет, но најчесто се третирани како заборав. Истото тоа се случува и со револуциите и нивните резултати во кои тие учествувале. Друго прашање е дали тие биле на вистинската страна во крвопролевањата бидејќи настаните по нивната смрт како да ги демантираа нивните постапки и цели.
Идеалите се мечта и надеж во промени и тие се водилки низ револуционерните процеси. Но добрите познавачи на тие околности предупредувале на појава од екстремизам што заслепува и најчесто отстапува од основните постулати на револуцијата. Тоа доведува до создавање фракции внатре во револуционерните структури. Потоа и до неминовен судир помеѓу истите тие. Вообичаено, едни се за демократизирање на процесот, другите се претвораат во диктатури со цел да не бидат изневерени зацртаните цели.
Ова беше можност да се потсетиме на Џон Рид, олицетворен и во филмот „Црвените“ на актерот и режисер Ворен Бити. Веројатно дека режисерот и актер и неговиот филм можеби ќе беа ставени на „црната листа“ на Холивуд кога во ловот на комунистички вештерки во САД од страна на тимот на сенаторот Мекартни настрадаа голем дел филмски уметници. Меѓу „црвените фашисти“, како што ги нарекувале, биле сценаристот Далтон Трамбо, режисерот Елија Казан, Жо Дасин, Џозеф Лози…
Идеалите и верувањата во нив не би требало никој да ги забрани. Најмалку едно демократско општество. Но, ете, се случува. Насекаде има промени. Демократски е да се соочат аргументите на тие убедувања за да се постигне повисоко ниво на правила на однесување во едно општество. Рид и другите револуционери можеби верувале дека ќе се изборат за промени на подобро. Да живееја подолго, веројатно ќе се разочараа. Дури и од самите себе. Впрочем, човекот како да сака повеќе да се разочарува отколку со насмевка и разум да се стреми кон идеалното.
Љубомир Јованоски