Љубомир Јованоски
Деновиве музиката како да ги украде сите ударни вести од политичко-воената сцена. Како и вообичаено, таа го прави тоа на суптилен, одмерен но и на притаено агресивен начин. Така како што треба да постапува вистинска опозиција. И не само политичката туку и онаа вистинската, која има истенчен сенс за вистина и правда. Секако, мислам на младоста, музиката и уметноста. Станува збор за постапка што ќе има ударен ефект преку изнесени факти со длабоко познавање на општествените состојби, порака упатена до консументите, а не само голо читање партиски теми од страна на личности демек „предодредени“ за театрални перформанси за пред окото на камерите. Муабетите за „преку“ тараби да им ги оставиме на мерак муабетчиите.
Најпрвин своето видување за воено-политичкиот галиматијас, за кој густа запршка приготвуваме и сите ние што сакаме да коментираме, да бидеме мудри и умни и секогаш во центарот на збиднувањата што се далеку од нас, јавно го искажа Роџер Вотерс. Далеку од реата на крвта и смрденото мени на онаа „другата“ човечка природа иницирана од страна на Натемаго, потврда за сопственото убедување даде овој голем музички уметник на легендарните „Пинк Флојд“. Потоа се случи и смртта на Бора Ѓорѓевиќ – „Рибља чорба“, која нѐ потсети на едно поинакво музичко разбирање за естаблишментот и неговото владеење, за човечките глупости, безидејноста и консумеризмот како двигател на сите гнасотилаци во општеството. Никој не е безгрешен, па ниту тие двајца, но барем беа искрени во нивниот складен стиховен вез накитен со многу вистина за човечките страдања и маки.
Џорџ Роџер Вотерс е англиски музичар и кантавтор. И со тоа сѐ е кажано, ама и не е, бидејќи неговиот хуманистички ангажман во ова време на општо лудило, кога човештвото опасно застранува кон понорот на безнадежноста, е од исклучително значење. Неговата порака на уметник со широк хоризонт на спознанија е упатена до екумената, која сама е виновна за погрешниот избор на своите претставници во власта. Откако некои полски „апаратчици“ (та нели во демократијата капиталистичка нема забрани – Лех Валенса и генералот Војчех Јарузелски?) ги откажаа концертите на Вотерс во Краков по неговото обраќање со писма до западните, украинските и руските фактори за смирување на ситуацијата во Украина, Вотерс изврши „уметничко самоубиство“. Особено откако се дополни со изјавата дека санкциите што Западот ѝ ги наметна на Русија, всушност, го фрлија во сѐ поголема беда европскиот граѓанин. Човекот веднаш беше анатемисан од страна на истите оние што се оградија и оттргнаа од Советскиот Сојуз за сега да демонстрираат некоја сопствена диктатура. Болно е и епидемиолошки трагично доколку ова им се случува на сите оние што со своите пораки се обидуваат по дипломатски пат или со апели да ја запрат војната во Украина или на која и да е невралгична точка на планетата.
Од нашите балкански простори, Чорба е уметник, поет и музичар со политички пораки до власта што имаат универзални назнаки. Во далечната 1985 година, Бора Чорба ја создава песната „Погледај дом свој, анѓеле“ во моменти кога југословенското општество ги покажува своите први знаци на распаѓање. За оваа негова музичка творба, насловот го презема од познатиот автобиографски роман на американскиот писател Томас Вулф, кој се занимава со проблемите во американското општество за време на големата криза во триесеттите години од минатиот век. Инспириран од величествениот наслов, Бора Чорба ја пишува во време кога со југословенското општество започнува да господари дисонанцијата на класна поделеност. Се разбира, ова не е единствен пример. Дисонантните тонови во општествата и нивното заострување во функционирањето предизвикуваат бунтовност кај младите бидејќи тие најдобро ги чувствуваат неправдите наметнати од страна на оние што се избрани да ја водат државата и да ги штитат нивните интереси. Да не ги заборавиме „Битлси“, „бубачките“ од Ливерпул и нивните ставови, облеката и особено социјалната свесност што влијаеше на социјалните и културни револуции во шеесеттите години од минатиот век. Во една пригода, Џон Ленон го враќа Орденот добиен од Британската Империја протестирајќи поради вмешаноста на неговата татковина во војната во Нигерија и на САД во Виетнам. Не сакам да верувам дека сето тоа е вентил за испуштање на енергијата од нараснатиот антагонизам.
Значи, Бора Чорба им се обраќа на ангелите како што сега Вотерс го направи тоа со некои од факторите што можат силно да повлијаат крвопролевањето да запре, иако повеќето од нив и не личат на суштества од непосредното опкружување на божјото царство. Слепилото и пајаковата мрежа во и на очите на луѓето оневозможуваат вистината да излезе на видело. Овде станува збор за акутна слабост притисната и притаена некаде во пештерите на човечката душа. Потребата да се опстане е посилна од чувството за праведност и бунтување. Сеедно дали спротивностите биле во југословенското општество, дали се во Украина, во Газа и Израел, во Судан, Русија или на Запад, дисонанцијата треба да исчезне, а на нејзиното место да дојде консонанцијата, односно складот и слогата. Време е за тоа бидејќи на оваа планета опасно ѝ се заканува суштеството со копита, зашилен завршеток на опашот и огништа во очите, поддржано од смртта со темната наметка и косата во рацете. Апокалипсата нема да биде пријатна за никого.
Изјавата на еден познат американски професор дека проблемите во општествата се резултат на сѐ поголемата дисонанција помеѓу елитите и обичниот народ, кој не е обичен само за време на изборните процеси, е потврда за дисфункционалноста на системот на владеење. Тоа доведува до кршење на правилата на вистинската демократија. А таа пак, за жал, е подложна на ниски удари и е на чекор до хаосот и анархијата.
Во суштина, сѐ е некако поинаку кога состојбите и натрупаните проблеми ќе се погледнат со термините на музичката опсервација, која се чини единствена одговорна да придвижи некои значајни промени во општеството без поголеми ломови и жртви. Едноставно музиката и уметноста имаат во себе некоја таинствена моќ и мудрост да укажат на неправдите што се случуваат и притоа да поттикнат тивки реакции или агресивни побуни. Воената индустрија, за жал, не знае за милост и разбирање. Едноставно, резултат на нејзиното дејствување е само сувопарното броење на жртвите. За неа жртвите немаат ниту име ниту презиме бидејќи се само лични трагедии изразени во бројки (им значат само на блиските). Нам како на набљудувачи што сме далеку од дневно-ноќните кошмари на учесниците во далечните воени конфликти ни преостанува да „навиваме“ за една од страните учеснички и притоа да се надеваме дека катастрофата ќе нѐ одмине. Сепак, никогаш не смееме да заборавиме на онаа нашата „што кај комшијата набргу и кај нас“.
Дисонанцијата и консонанцијата се поврзани една со друга. За среќа или за жал, станува збор за складност. Неслогата и слогата се рака под рака. Музички изрази со многу подлабоки пораки. Разумот вели дека едната треба да се повлече, но која? Можеби затоа се појавуваат личности како Роџер Вотерс, Бора Чорба, Томас Вулф, „Битлсите“ и многуте ангели на планетата што ќе ја продолжат вечната борба за намалување на разликите помеѓу луѓето преку нотни пораки. Тие пораки од кои чувствителните се ежат, а храбрите се полнат со енергија, служат за откривање на аномалиите во општествата, за сплотеноста, заедништвото и чувствата. Светот не треба да биде рамнодушен кон солзите на мачениците, а младите треба да се бунат и кога не се во право. Парафразирав зборови на Бора Чорба, а и тој можеби парафразирал во неговите песни. Можеби некој ќе го смета тоа за утопија, ама ниту една борба за вредности нема да биде залудна, бидејќи еден ден ангелите ќе нѐ натераат и ние да прогледаме и да фрлиме еден поглед на нашиот заеднички дом – планетата Земја.