Телевизијата како производител и умножувач на световите е вистински модел на една нова состојба на онтолошка плуралност, што и нашата, со перформанси и содржини, скромна реалност, ја преобликува виртуелно, ја дигитализира и трансмитира глобално, според универзалните принципи на информатичката ера. Оваа „нова состојба“ во нашиот (македонски) случај иако сè уште е во фаза на програмско-технолошка транзиција и еманципација доживеа бурен либерален развој со сите последици што настануваат притоа и дополнително секојдневно е разбранувана со најавите за проширување на етерот со нови и нови концесии.
Со утрински вести во 10 часот и 30 минути, почеток на програмата од собраниското ТВ-студио. На 25.1.2024 оваа година, Собранискиот канал официјално започна со продукција на нови програмски содржини. Покрај директните преноси на пленарните седници и снимки од седниците на работните тела ќе има можност да се следат и програмски содржини со кои ќе се постигне нов стандард во парламентарната транспарентност, со што собраниските активности најнепосредно се доближуваат до граѓаните
Директниот телевизиски пренос од парламентарните сесии беше и е важна и повеќезначна придобивка на нашата демократска нова реалност. Таа, освен што го воведе парламентот како тема и содржина во нашите дневни соби, промовира во извесна смисла и еден релативно нов (за нас) телевизиски жанр – политичко шоу, како поджанр на политичката естрада. Без оглед на статичниот мизанкадар и визури, овие содржини пуштени во етерот и понудени на гледалиштето пленат со силата на латентниот сугестивен драмски и когнитивен потенцијал.
Медиумски писмена и свесна, за условите, принципите и технолошко-информацискиот карактер на стварноста, современата политика е незамислива без медиуми.
Со дигитализацијата и автоматизација на одредени дејствија, реставрацијата на ентериерот и директниот пренос од седниците од највисокиот законодавен и уставотворен дом во нашата држава, од неброените брифинзи, конференции за печат и сл., изминативе триесетина години се врши интензивна виртуализација на политиката и нејзино статусно редефинирање. Драматуршката основа на овој сѐ поконјуктурен поджанр е т.н. реалистична вистиноликост на ТВ ток-шоу програми во кои учествуваат политичари, журналисти, машински конституирани стрип-херои и други. Тоа резултира со еден вид – медиумски произведен општествено-политички надреализам што сѐ повеќе станува суплемент-терапија – замена за реалната онтолошка политичка опција.
Протагонистите на овој конјуктурен жанр (народните избраници), а се разбира и амбициозни ТВ-киборг политжурналисти и аналитичари брзо го „капираат“ потенцијалот и /мело/драмскиот потенцијал на медиумската промоција. Сето заедно резултира со наплив на програми од овој вид, кои доживуваат голема гледаност и популарност, незабележана дури ниту во уметничките и популарните естрадни програми.
Атмосферата во парламентот (онаа што се чувствува во директниот пренос) е најчесто салонска, лежерна, зачинето со благ дискретен набој на парламентарна летаргија, како израз на новите демократски трендови.
Во тој своевиден продолжен простор низ кој и ние, гледалиштето, се движиме според нашите сопствени временски ритми, што во некоја рака е демократска придобивка и стварност што по својот карактер иако претежно електронска, во нашите стеснети економски услови овозможува учество и вид психолошки баланс.
Оваа на изглед цинична мистификација, во суштина е добар показател за правците на општествено-политичкиот ангажман за развивање и демократизирање на овие суптилни сфери на нашата реалност на кои ќе мора во иднина да им се приоѓа со должна почит и полна сериозност.
…Емисијата од информативен карактер за дневните собраниски активности „Вести“ ќе се емитува трипати дневно во текот на работната недела, и тоа во 10.30 часот, 14.30 ч. и во 18.30 ч.
Во емисијата „Законодавен брифинг“, според соопштението, ќе бидат презентирани предложени и донесени закони, со цел јавноста да биде целосно и изворно информирана за целите на предложените и донесените закони. Емисијата „Собраниска ризница“ ќе ги претстави просторните содржини во Собранието, нивниот историјат и значење…
„Интервју“ ќе опфати интервјуа со раководството во Собранието и државата; со поранешни претседатели на Собранието; со претставници на организации што учествуваат во законодавниот процес и слично.
Ќе се емитуваат и настани поврзани со нашата држава што се одржуваат во Европскиот парламент, Организацијата на Обединетите Нации и други меѓународни организации, како и содржини произлезени од соработка со други парламентарни канали.
За време на претседателските и парламентарните избори 2024 година, на Собранискиот канал ќе имаме можност да го проследиме бесплатното политичко претставување на кандидатите за време на кампањата.
Емисијата „Вашиот пратеник“ ќе се емитува по завршувањето на парламентарните избори и со неа ќе биде претставен секој пратеник, во емисијата „Економски парламентарен брифинг“ ќе има дебати за економските закони итн… Дополнение на програмските појаси, како и досега, ќе бидат емисии, документарни филмови, портрети, патописни репортажи и други содржини од трезорот на МРТВ.
Почетниот период на работа на Собранискиот канал со презентираните содржини ќе трае шест месеци, по кој програмските содржини ќе се збогатат.
Па така, политиката се вгнездува и се шири во зоната на глобалниот сајбер-простор со уште еден предизвик, при што престанува да биде само прагматична функција на објективниот прејудициј. Нејзиното значење се проширува и во сферата на т.н. култура на симулакруми – чувар на метафизиката во неметафизичката вселена. Нејзината детерминираност и целисходност, во духот на новите комуникациски технологии, таа /политиката/ слободно може да се третира како постмодернистичка метафора за „преставување на самата себе“, отелотворение на „политичкото несвесно“ лишена од чувството за место и историја.
Аљоша Симјановски