Денеска е 23 септември и ве поздравувам од Ченгду, Кина. Ова е моја прва посета на оваа волшебна земја, и тоа по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мирот (21 септември). Ете, судбината сакала токму оваа година овој значаен ден (и во време кога се одржува редовната сесија на Генералното собрание на ООН) јас да се најдам во една вистински глобална средина, со колеги мировници од разни меридијани. Ние зборуваме за мир, за глобалните стратегии за развој, екологија, цивилизации и култура, но и безбедност заснована на идејата на позитивен мир. Во исто време, оние што се легитимирани и платени да работат за мирот и безбедноста во светот зборуваат во единствената универзална меѓународна организација чија повелба токму требаше да воспостави мирољубив поредок на коегзистенција на различните држави и народи.
Зборуваат, но никој никого не слуша, бидејќи оваа „втора студена војна“ веќе сериозно се доближува до жешка, вистинска војна. Критично време, полошо од кубанската криза во 60-тите години на минатиот век, ќе предупредат сите луѓе со здрав разум.
Но живееме во опасни времиња, така што и овој прекрасен центар за развој и изучување на пандите носи среќа, ама само во миг на заборав на стварноста. Всушност, оваа земја во која се наоѓам е спој на древното, духовното и иднината и технолошкиот развој. Но повеќе за Кина ќе напишам кога ќе се вратам и кога ќе ми се средат сите впечатоци. Сега сакав да се осврнам на оние што едно зборуваат, а друго прават. Полни усти мир, а профит вадат од продавање скапо (и неретко непотребно) оружје на посиромашните од себе. Франција е сигурно една од тие земји, а со неа е поврзан и примерот што го објаснувам овде. Всушност, пред неколку недели контактираше со мене еден новинар од Тирана, кого многу го почитувам (повозрасен господин, со искуство на дипломатски известувач и уредник на надворешнополитичка рубрика). Повеќепати сме правеле интервјуа или сум давала изјави. Овој пат, прашањето се однесуваше на дисбалансот во военото вооружување до кој дојде со склучувањето на договорот меѓу францускиот претседател Макрон и неговиот домаќин, српскиот претседател Вучиќ, околу набавка на воени авиони од марката „рафал“. (Од незнаење или со иронија, овие авиони беа нарекувани и „рафаело“ кога Хрватска ги набави, па имаше смеење дали името се однесува на познатите слатки, на уште попознатиот сликар или на нинџа-желката.) Како и да е, скапа работа, особено за сиромашни земји. Мојот албански пријател повеќе акцент стави на безбедносната димензија и стравот од воена доминација на Србија во однос на Косово, па и Албанија.
Му одговорив кусо (бидејќи имаше и други соговорници), но го предупредив дека можеби мојот одговор нема да му се допадне. Еве го овде парафразиран… Можеби изгледа како задоцнет осврт на една веќе склучена зделка, но поентата е во нешто сосема друго. Моето гледање на нештата не е врзано за регионалниот баланс на воената моќ, бидејќи сите овие држави едвај за леб и путер имаат, ама настојуваат да ги модернизираат своите вооружени сили, додека на око (и нишан) ги држат соседите.
Во време на американско предизборие (во кое дури и не знаеме дали едниот кандидат ќе преживее до денот на изборите) неретко се шпекулира со ставовите на Доналд Трамп во врска со НАТО. И во својот мандат, пред Бајденовата администрација да влезе во Белата куќа, тој час се закануваше дека САД ќе излезат од НАТО (бидејќи е прескапо и служи за заштита на европските сојузници, а не на американската национална безбедност), час овој ист аргумент го користеше за да ги принуди Европејците да издвојуваат повеќе за воена одбрана (забелешките беа насочени најмногу кон Ангела Меркел). Со други зборови, тој му го упропасти 70-годишниот јубилеј на НАТО рекетирајќи ги отворено сојузниците од Алијансата. Нештата оттогаш се сменија – на полошо. Европските земји веќе направија огромна прераспределба на буџетските средства, а военоиндустрискиот комплекс трие раце од огромните профити, сето тоа поради војната во Украина. Тука сме некаде и ние, како нова членка на Алијансата веќе сме во групата на 18 држави што издвојуваат повеќе од 2 отсто од бруто-националниот доход, туку и она што го имаат го вложуваат во прокси-војната на НАТО и Русија. Во исто време, Блискиот Исток е пред имплозија. Побарувачката на оружје никогаш не била поголема. Но на тој пазар има и конкуренција и геополитика. Така, Макрон доби „корпа“ од најголемиот договор дотогаш со Обединетите Арапски Емирати (за 80 „рафали“) како реакција на апсењето на сопственикот на социјалниот канал Телеграм, Павел Дуров. Така, продажбата на само 12 борбени авиони на Србија дојде како мала утешна награда.
Сепак, поентата е во нешто друго: Трамп или Макрон, исто му се фаќа кога шефови на божем демократски републики продаваат најсофистицирано оружје таму каде што ќе најдат пазар. Некои реакции одат во насока на тоа дека Србија не била демократска држава, а Франција нема проблем со купопродажбата. Небаре Израел е многу демократска држава кога САД, НАТО и ЕУ отворено воено поддржуваат воени операции што се третираат како геноцид од страна на Меѓународниот суд на правдата. Да си кажеме просто: државници од таков ков понекогаш се дилери со оружје, изнудувачи или уценувачи. Нивните „национални интереси“ се оперирани од морал, правда или потрага по светски мир (она за што блебетат среде Њујорк). Тоа е поттикнување на трката во вооружување, дури и во мали региони како балканскиот, за сметка на мирољубивата соработка и инвестирање во социоекономскиот развој.
Но купувањето оружје знае да биде и своевиден тип (гео)политичка корупција. Можеби ќе се сетите дека во времето пред Преспанскиот договор, во моменти кога Нимиц ќе излезеше со некој предлог за кој Грција ќе почувствуваше дека е притегната во тесно, државниот врв веднаш посегнуваше по барање политичко спонзорство купено со набавка на оружје. На еден таков миг од 2004 година, кога САД (божем) нè признаа под уставното име, официјална Атина веднаш влезе во набавка на воена опрема. Таквата реакција, односно набавката на подморници или авиони, веднаш предизвикуваше слична реакција кај Турција, која тој чин не нужно го поврзуваше со Македонија, ами со тензиите со својот сосед. Ова е најпластичен пример за разбирање на она што во теоријата на меѓународните односи го нарекуваме безбедносна дилема.
Просто кажано, акција – реакција, а крајниот резултат е трка во вооружување, зголемена небезбедност и сомнежи кон потенцијалните непријателски држави.
Пред околу две недели, познатиот писател Миљенко Јерговиќ објави есеј под интересен наслов „Емануел Макрон и хрватската слика за шверцерот што наоколу продава ајфон 15 без апликации“. На нему својствен и духовит начин, тој ја опишува атмосферата на хрватско-српските односи предизвикани токму од купорподажбата на француските „рафали“: членката на НАТО среде пандемија, на полушверцерски и нетранспарентен начин го прими Макрон во еден загрепски ресторан и набави половни „рафали“, додека сега Србите со сите протоколи го примија дилерот од кој (за големи пари) добија 12 сосема нови авиони. Нема да одам понатаму во оваа приказна, бидејќи јасна ви е поентата: Макрон нема проблем ни да ги користи историските врски со српскиот народ, ниту да шета по подруми со хрватскиот премиер – сè додека зделката е склучена. Во она време, во хрватската јавност експерти зборуваа за тоа дека со дадените пари можела целосно да се модернизира копнената хрватска војска, дека воените авиони се сосема несоодветни за таа територија и скапи за одржување, но и дека Пленковиќ на тој начин се приближи до европскиот врв од кого евентуално можеше да му зависи висока позиција во структурите на ЕУ. Денес, Косово и Албанија имаат инаква визура на набавката на „рафалите“, иако Србите ги купија гледајќи на север. Освен тоа, и на Вучиќ му треба да си купи пријателство од традиционалниот пријател за да демонстрира лојалност кон Западот (бидејќи му ги забележуваат односите со Русија и Кина), како и да обезбеди политичка поддршка во однос на преговорите со Приштина (без да има на ум воена надмоќност). Токму тоа е ефектот од трговијата со оружје: тоа создава повеќе страв и поголема побарувачка кај соседите.
Без оглед за кои земји станува збор, трговијата со оружје значи повеќе пари за воено-индустрискиот комплекс, повеќе небезбедност, политички поткуп и корупција, а сето тоа на сметка на базичните човечки потреби на населението. За регионалните заплети и расплети и да не зборуваме…
Е па, нека ни е среќен Меѓународниот ден на мирот во орвелијански свет во кој мирот е војна, а војната е мир. Ние ќе се гледаме преку нишан, тие ќе се дебелат и ќе уживаат. До денот на апокалипсата…