Дигитална мотика или работна акција?

Вчерашниот изумрен свет

Секоја есен ни се заканува опасност од поплави, поради неисчистени канали, особено во руралните средини. И секоја есен читаме, кога ќе се случи таква поплава, дека службите задолжени за тоа не си ја завршиле работата. Во нашата држава службите често „заспиваат“. Но зошто, кога веќе знаеме дека службите не функционираат, никој не се сети да организира нешто што во вчерашниот изумрен свет се викаше (како и сè во тој свет именувано со кратенки) МРА, или младинска работна акција? Зошто граѓаните, кога веќе знаат дека „службите“ не функционираат, не се самоорганизираат, за да ја завршат работата? Се сеќавам дека во детството, кога ќе навееше добар снег, родителите се самоорганизираа, а нè вклучуваа и нас децата, па со лопати чистевме нешто што беше задача на службите – тротоарите и улиците, а еднаш дури пробивме и „тунел“, за да можеме да одиме на училиште. Дали затоа што бев мал или навистина имаше многу снег, но се сеќавам дека нашиот „тунел“ со високи ѕидови изгледаше како наша огромна победа (победа на нашите раце, а рацете го очовечиле човекот) над немерливите сили и стихии на природата. Бевме горди на тунелот, чувство што денес го нема.
Каде е денес во нашите животи физичкиот труд? Порано и интелектуалците се занимаваа со физички труд: се сеќавам дека татко ми одеше со еден професор на неговото лозје, кое иако симболично (и непрофитно), бараше да биде обработено. Еднаш и јас отидов со нив, а селанецот од другото лозје, кој ме набљудуваше како се мачам со копањето, дојде и ми покажа како се копа. И за тоа имало техника: „Ти, дете, трошиш двојна сила – еднаш за да ја кренеш мотиката, а потоа за да замавнеш, без потреба, зашто таа сама паѓа, од својата тежина. Еве гледај, само крени и пушти ја“. Од таа реплика потоа излезе виц (го смислија професорот и татко ми) дека тоа е полуавтоматска мотика: ти ќе кренеш, а таа сама паѓа. Но, научив и да копам и да кројам и да врзувам лозје. Денес, освен „професионалци“ земјоделци, никој не фаќа мотика в рака. Новите, дигитални генерации очигледно очекуваат „службите“ и „професионалците“ да им ја завршат секоја физичка работа, што значи – живеат во свет на дигитални мотики – некој друг, на твој повик (притискање копчиња на телефонот) ќе дојде и ќе ти го исчисти дворот, ќе ти ги искрои ружите, ќе ти го ископа дворчето за да ти насади англиска трева, ќе ти го исчисти снегот пред носот.
Умре мотиката. Ама умре и дружењето меѓу луѓето што фаќаат мотика.
Младинските работни акции, иако беа прогласувани за ГРАДЕЊЕ НА ДРЖАВАТА (особено кога се градеа пруги од 240 километри како Шамац-Сараево, или автопати како Братство-единство), сепак не беа тоа. Тие повеќе беа духовна одошто физичка победа, односно целта беше на младите да им се всади идејата дека СО СВОИ РАЦЕ можат да направат нешто колосално. И, што е најважно, дека тоа грандиозно дело за државата е постигнато СО ЗДРУЖЕНИ СИЛИ, во колектив, со помош на младинци од другите републики и покраини. Се разбира, главни на работните акции беа сепак стручњаците – инженери, минери, како и механизацијата. Но, самото чувство дека и ти учествуваш во тој подвиг – беше одлично чувство за стекнување самодоверба.
Првпат отидов на младинска работна акција кога бев шесто одделение – „Нова Македонија“ оформи пионерски одред со име „Колибри“, и ние, малолетни, се најдовме меѓу полнолетните бригадири од сите краишта на Југославија на работната акција „Мариово 77“. И што работевме? Се градеше пат низ Мариово, механизацијата (булдожери, валјаци за асфалтирање) го завршуваше главниот дел, младинците со лопати го собираа она што не можеше багерот, а ние со метлите го чистевме најситното. Важно беше да бидеме дел од ГОЛЕМИОТ ПОДВИГ, а не она што реално го придонесувавме. Попладне свиревме на гитари, учевме песни од други народи и од други рок-култури, се дружевме, палевме логорски оган, пробувавме црногорска пршута, македонски ајвар, српски „чварки“, хрватски слатки… Некои и се вљубуваа, па подоцна завршуваа пред олтар.  Можеби денес изгледа смешно, но одевме на акции и затоа што добивавме убави бригадирски панталони, маици и јакни, во тиркизна боја – потоа ги носевме со гордост и како „цивили“, за да се види каде сме биле. А најважно беше што добивавме и патики „пума“, кои родителите не можеа да ни ги купат – беа прескапи. На крајот беа прогласувани најдобри, „ударнички“ бригади и беа доделувани поединечни ударнички значки (ордени). Тие млади херои на трудот за идол го имаа Алија Сиротановиќ (1914-1990), рударот што беше светски шампион во копање јаглен, а чиј лик, со шлем на главата, беше печатен на тогашната банкнота од 1.000 динари, и подоцна, во времето на инфлацијата, на банкнотата од 20.000 динари. Тој наш човек го собори светскиот рекорд на Алексеј Стаханов, советски рудар, кој во 1935 година ископал 102 тони јаглен за 5 часа и 45 минути. Сиротановиќ, во 1949 година, за осум часа, ископал 152 тони. Тој беше идолот на ударниците од вчерашниот свет.
Денес моите деца се забавуваат со надминување бизарни светски рекорди: не знам колку часа непрекинато играње некоја видеоигричка, или колку долго човек може да издржи без воздух (опасни игри од Тикток). Идол им е Илон Маск, според нулите на профитот, а не според тоните ископан јаглен. Тоа е целосно дигитално сфаќање на мотиката и целосно отцепување на новите генерации од физичкиот труд. Единствено нешто што кај нив личи на физички труд, тоа е – вежбањето атлетска гимнастика по популарните „теретани“ (си остана тој србизам), но и таму се користат „недозволени средства“ за да се постигне некој рекорд. Хемикалиите, кои беа незамисливи во времето кога Петар Челик го основаше бодибилдингот во Југославија, денес се редовна појава. Петар Челик беше шампион, а првите тегови ги правеше сам: полнеше со бетон лимени канти од моторно масло, а шипките ги купуваше на отпад, како старо железо. Едно е да успееш кога немаш услови, а друго кога имаш сè на подавалник. Со еден ист тег тогаш се вежбаа и грбот (популарното „веслање“ во получучнат став) и рамото (зад и пред главата) и градите (денешен бенч) и бицепс и трицепс и квадрицепси. Денес за сè има специјална „справа“, што е еден вид дигитализација на спортот.
Луѓето порано сами градеа и куќи и сами лееја бетонски плочи. Денес си има фирми и служби за сè. Добро е тоа, ама ние стануваме сè „поомекнати“. Гледав неодамна некои фотографии од плажа, од генерациите на татко ми: нема ДЕБЕЛ човек во онаа смисла во која сме дебели (пивтиести) ние, на нашите фотографии од плажи. Девојките ниту се дебели ниту се „суви“, туку изгледаат навистина здраво. Нема силикони кај жените, нема хемија кај машките мускули. И исхраната била друга, сигурно: на мажите им се бројат ребрата, градните кошеви (и да не се развиени) се со дефинирана мускулатура (можеш анатомија да учиш од нив), а ‘рбетниот столб прав: страв ми е кога ќе видам како некои наши деца изгледаат уште отсега, со прашалници наместо ‘рбетни столбови, од неправилно и долготрајно седење пред дигиталните уреди и компјутерите.
Знам дека никој не ја враќа мотиката назад. Мотика и книга, и да оставиш на сред улица, никој не зема, камоли да украде. Ама жалам што сè повеќе млади луѓе се собираат околу идејата за нефизички, одошто околу идејата за физички труд. Можеби грешам, но мислам дека и пријателствата се поцврсти кога се случуваат околу вистинска, а послаби околу дигитална и политичка мотика.