Дигитализацијата на верата, љубовта и надежта

Виртуелната црква е убава можност за нивелирање на последиците од многубројните шизми, кои се причина за големите омрази и делби, вгнездени во менталната структура на верниците како духовни хипотеки што се потенцијален извор на голем број недоразбирања и конфликти

Аљоша Симјановски

Во 11 век црквата била најсилна институција во Европа, која ветувала спасение преку молитва и добро поведение на верниците.

Лебот и виното се елементи за неделивата природа на Исус, кој е и човек и Бог. При литургијата со низа симболи типични за православието старо 1.500 години, со пеење се слави неговото царство, каде што иконите се длабоко почитувани…

Вистини има многу – често се предрасуди на времето, искуствата, лични и колективни, дискурс на погледи детерминирани од воспитувањето, историските констелации, касметот (кармата)…. Вистинската – човечка мера за вистината (една од неколкуте) е да се учи од грешките, христијански да се простува и да се љуби… Зашто бог е љубов. Да се живее без бог – можеби и може, но без љубов сигурно не.

Во времето кога се раѓа една нова култура и едно ново поимање на митологијата и нејзино распоредување во сајбер-просторот во кој нема граници ни власт и во кој врховниот мит, поимот „бог“, веќе е вгнезден (според Гугл) во над 50 милиони страници и практично нашите души и нашите информациски тела општат со „оностраноста“. Дали, можеби несвесно, без своја волја, се трансформираме во облик на чиста апстрактна егзистенција, која во најголем дел е во функција на комуникациските медиуми? Интернетот и глобалните медиумски алатки, во голема мера ги артикулираат и ги раздвижуваат општествените норми, и го насочуваат и го формираат нашето поведение како објективен корелатив на технолошко-информацискиот подем, епоха што по либерализмот на духот што преовладува во него слободно може да се окарактеризира како галактичко постмодерна.

Темпото и динамиката на настаните и содржините од нашето секојдневие, кое е исполнето со шокантна непредвидливост, од нас бара да се сообразиме со ритамот на промените и својата перцепција, капацитет и концентрација да ги насочиме кон неограничените можности на виртуелните трансформации.

За мене Бог е компјутерот, и вселената и секое сегашно минато и идно совршенство ќе го вградам во него, ќе изјави во едно од ретките интервјуа, гуруто на информатичките метаморфози Бил Гејтс, со што всушност ја антиципира и можноста за виртуализација на верата и претворање на надежта во бројки. Црква на интернет е еден од многубројните изуми на технолошко-информациските преобразби. Бог претворен во бројки, и со кого ќе можете да комуницирате без прелиминарни ритуали и посредници.

Освен практичните аспекти на овој најнов изум на постинформациската епоха, битно е да се напомене за демократскиот потенцијал што оваа брилијантна идеја ја претвора во моќно орудие со кое верниците ќе можат да се навикнуваат на различностите, да вежбаат толеранција и да негуваат почит кон другите. Виртуелната црква е убава можност за нивелирање на последиците од многубројните шизми, кои се причина за големите омрази и делби, вгнездени во менталната структура на верниците како духовни хипотеки што се потенцијален извор на голем број недоразбирања и конфликти.

Во тој хипотетички амбиент, Македонската православна (виртуелна) црква, продолжувач на Охридската архиепископија, Јустинијана прва… претворена во бројки и со помош на глобалната медиумска инфраструктура, или некој од многубројните информациски погодности, сателити и слично, ќе се доближи до верниците во Канада, Америка, Австралија, Нов Зеланд и со едноставни математички операции ќе ги избегне стапиците што ѝ ги поставуваат Бугарската, Грчката и Српската црква како Вселенска патријаршија и без посредство на руската арбитража ќе повика на галактичка виртуелна екумена.