ДФРМ: Македонскиот филм е доведен до колапс!

Отворено писмо до јавноста

Бараме од органите во Агенцијата за филм, од техничкиот и идниот министер за култура и од техничката и од новата македонска влада, како и од останатите релевантни државни институции, итно разгледување на состојбите во Агенцијата за филм и итно запирање на лажната слика што се креира за состојбите во филмската дејност, кога во суштина филмските работници, автори и продуценти ги живеат најлошите денови во историјата на македонската кинематографија, се вели во отвореното писмо потпишано од Игор Иванов, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија, Лабина Митевска, претседател на секцијата продукција при ДФРМ, и од Даријан Пејовски, претседател на секцијата режија при ДФРМ.
„Наспроти ваквиот однос на институциите, македонскиот филм години наназад е амбасадор на македонската култура во светот и успесите што нашите филмови ги имаат во последните пет години гордо го веат македонското знаме на најголемите светски филмски фестивали во Кан, Венеција, Берлин, Парк Сити, Карлови Вари, а македонската јавност беше особено горда кога успеавме да имаме и две номинации за оскар.
Загрозувањето на остварените соработки, кои се грижливо градени низ годините, со многу труд и залагање на многумина од нас, филмските професионалци, претставува не само тажен чекор назад за македонската кинематографија, туку и голем срам и оцрнување на севкупниот имиџ на нашата култура и држава, на патот кон толку посакуваната европска иднина.
И покрај нашите многубројни предупредувања во 2023 година, македонскиот филм доби буџет за 2024 што не е доволен за елементарно да се покријат потребите на нашата кинематографија и кој ја води во нејзино забрзано системско распаѓање.
Во моментов во јавноста успешно се креира сликата од типот ‘барем се снима’ само затоа што во периодов е завршена или во тек е реализација на четири долгометражни играни филмови, а во текот на летото се очекува да започнат со снимање уште најмалку четири филма.

Она што е катастрофално и погубно за нас филмаџиите, а особено за филмските продуценти, во оваа ‘барем се снима’ слика, е фактот што дел од овие филмови средствата ги имаат добиено во 2023 година, а оние што добиваат средства оваа година мора да се согласат на половични исплати, кои не се во корелација со досегашните стандардни исплати и договорно утврден процент што продуцентите го добиваат за снимање, од одобрените средства од Агенцијата за филм.
Ваквата ситуација во пракса значи дека секое отпочнување на филм носи несигурност и страв затоа што долгот од речиси 4.000.000 евра, кој Агенцијата за филм го има кон филмските продуценти, за проекти што се одобрени на конкурс и се стартувани до овој момент, се зголемува, без притоа да се има јасен план како и кога продуцентите ќе можат да ги очекуваат средствата што и самите ги должат кон филмските работници, авторите, актерите и останати соработници, и тоа за филмовите што се веќе снимени и за добра и услуги што се одамна веќе реализирани.
Несигурност и страв дополнително внесува и нефункционалноста на процедурата за прегледувањето на извештаи за наменско трошење на средства во Агенцијата за филм, проблем што трае од нејзиното основање до денес. Во Агенцијата постојат извештаи што се предадени и пред една, две години, а кои до ден-денес не се прегледани.
Поради немање соодветна служба и поради неможноста за ангажирање надворешни лица, во изминативе четири месеци во Агенцијата за филм дополнително се таложат поднесени, а непрегледани извештаи, со што сакајќи или не сакајќи, сеедно, дополнително се пролонгира исплаќањето на нови средства спрема продуцентите за веќе реализирани фази од одобрените проекти на конкурс.
Како денес, така и години наназад пролонгирањето на исплаќање на средства за одобрени проекти на конкурс се случува и преку непотпишување на нови договори, односно пролонгирање на потпишувањето на договорите, дури и во случаи кога продуцентите до Агенцијата за филм ја имаат доставено целосната документација во согласност со законот и имаат обезбедено банкарски гаранции.

За јавноста да има комплетна слика, и ова писмо да не се извади од контекст со прикажување на некаква поинаква состојба, сакаме да напоменеме дека во последните петнаесетина години речиси сите македонски долгометражни играни филмови се реализираат како копродукции помеѓу неколку земји. Ова значи дека македонските продуценти не снимаат филмови со средства што се 100 отсто државни и од буџетот на земјава и на Агенцијата, туку станува збор за покомплексен систем за финансирање во кој одолговлекувањето на потпишување на договори, исплати или прегледување на извештаи го загрозува или забавува финансирањето на нашите филмови и во останатите земји, а во некои случаи доаѓа и до раскинување на овие соработки поради пробивање на роковите.
Дополнително, за да се одржи сликата ‘барем се снима’, Агенцијата за филм сериозно почнува да ги загрозува меѓународните договори што самата таа ги има склучено со останати агенции и филмски центри од регионот и пошироко, да излегува од договорени повеќегодишни соработки, кои бараат минимална финансиска партиципација, да го проблематизира плаќањето на котизации за одредени програми во кои Агенцијата е вклучена со цел промовирање на македонскиот филм, автори, актери, продуценти.
Проблематизирањето на веќе донесени одлуки и менувањето на веќе постигнати договори, поради менувањето на раководството во државните институции е нешто со кое сите постојано се соочуваме во изминативе 30 години. Секако, оваа пракса не ја заобиколува ниту Агенцијата за филм, па така, со секоја промена на раководство, ние филмаџиите губиме драгоцени месеци во објаснување и запознавање на новите челници со функционирањето и спецификите на нашата дејност.
Секоја промена за нас значи прилагодување на нови правила и ‘револуционерни’ идеи, кои никако не одат во прилог на принципите на еднаквост и транспарентност. За жал, сме биле, но и денес сме сведоци на нови толкувања на Законот за филмска дејност и на негово заобиколување кога тоа некому му е потребно.
Токму поради сѐ што е наведено во ова писмо бараме од органите во Агенцијата за филм, од техничкиот и идниот министер за култура и од техничката и идната македонска влада, како и од останатите релевантни државни институции, итно разгледување на состојбите во Агенцијата за филм и итно запирање на лажната слика што се креира за состојбите во филмската дејност, кога во суштина филмските работници, автори и продуценти ги живеат најлошите денови во историјата на македонската кинематографија.
Со цел доловување на целосната слика, сакаме да информираме дека во согласност со податоците што неофицијално ги имаме добиено од Агенцијата за филм, во периодот од 2020 до 2024 година, преку кратење на основното барање на средства за следната година, кое Агенцијата за филм го упатува до Министерството за култура, а преку нив и до Министерството за финансии, и преку ребаланс на буџет во текот на годината, од македонскиот филм се одземени околу 8.500.000 евра, но во исто време бројот на поддржани проекти воопшто не е намален.

Како што напоменавме, со ваквото континуирано и паушално кратење на буџетот за филм во изминатите пет години, македонските филмски продуценти тонат во долгови поради ненавремените исплаќања на средства од страна на Агенцијата за филм за одобрени проекти што се завршени, чија реализација е во тек или кои допрва треба да стартуваат. Наедно, се доведува во прашање егзистенцијата на филмските автори, продуценти, филмски работници и сите останати учесници во процесите на реализација на филмските проекти.
Наспроти ваквиот однос на институциите, македонскиот филм години наназад е амбасадор на македонската култура во светот и успесите што нашите филмови ги имаат во последните пет години гордо го веат македонското знаме на најголемите светски филмски фестивали во Кан, Венеција, Берлин, Парк Сити, Карлови Вари, а македонската јавност беше особено горда кога успеавме да имаме и две номинации за оскар.
Постигнувањето на ваков успех, верувајте, не е лесно. Уште помалку е лесно повек?егодишно континуирано одржување на успехот на овој нов филмски бран, кога институциите што треба да се грижат за македонскиот филм, да го штитат, стимулираат и поттикнуваат, остануваат незаинтересирани и глуви.
Тоа што дополнително загрижува е фактот што преку ваквиот однос кон домашниот филм се прави огромна штета и врз угледот на државата пред нашите долгогодишни поддржувачи и меѓународни партнери.
Актуелната состојба, нередовното и задоцнето исплаќање на средства, паушалното и ‘сурово’ кратење на буџетот за филм, ја прави Македонија несериозен и недоверлив партнер, а македонските продуценти секојдневно се соочуваат со притисоци и закани за меѓународни тужби и откажување на соработки.
Загрозувањето на остварените соработки, кои се грижливо градени низ годините, со многу труд и залагање на многумина од нас, филмските професионалци, претставува не само тажен чекор назад за македонската кинематографија, туку и голем срам и оцрнување на севкупниот имиџ на нашата култура и држава, на патот кон толку посакуваната европска иднина.
Филмот е нашиот живот, нашата сегашност и иднина. Ние резервни професии и животи немаме! Македонскиот филм е доведен до колапс!“

Игор Иванов, претседател на ДФРМ
Лабина Митевска, претседател на секцијата продукција при ДФРМ
Даријан Пејовски, претседател на секцијата режија при ДФРМ