Деветти мај, Денот на Европа или темниот нагон на европскиот фашизам (1)

Еве, задутре е 9 мај, драг читателу, едно време Ден на победата над фашизмот, а потоа преименуван во Ден на Европа. Но дали тоа не е само маска? Дали Западната колонијалистичка Европа се откажала од нејзината прастара уметност фашизмот, оти како што рече Томас Ман: „Хитлер е победен, но не и фашизмот“? Дали постојат и денес, или не, јасни знаци на фашизам во неа, ќе се обидеме да одговориме во нашата дводелна колумна. Зборот фашизам има генеза во Римската Империја (и му личи) од fascis, врзоп прачки како знак на монолитност на Империјата, и секира што стрчи од врзопот како симбол на војната, што ја асоцира по аналогија камената секира на палеолитската орда. Модерниот европски фашизам им се натоварува на Италијанците и нивниот фашиводач Бенито Мусолини, а не на Хитлер и германските фашисти, „мајсторите на смртта“ како што ги дефинира нив во една своја песна Пол Целан. Ама дали е така? Македонскиот романсиер од ранг Методија Фотев врз основа на своите сеќавања од детството ги опишува италијанските „фашисти“ во неговата родна Преспа. Тоа кај него, а треба да му се верува, се медитерански боемски типови, љубовџии и естетски гурмани, кои повеќе, многу повеќе му се посветувале на својот вроден хедонизам отколку на за нив глупавата војна. Па и Германците според мислењето на еден лик, генералот Камингс, од култниот роман „Голи и мртви“ на американскиот писател Норман Мајлер (сум пишувал за тоа) се килави за фашизам. Според него, способни за таа уметност се само Американците. А додуша тие, драг читателу, и го демонстрираа новиот фашизам со Хирошима и Нагасаки.
Така. Но било како било модерниот фашизам како пронајдок на Западот во некои енциклопедии како империјализам, кој ги ликвидира граѓанските слободи на индивидуата, а зад тоа се крие одбрана на капиталот и капитализмот. Како модел за тоа се наведува германскиот нацифашизам со неговите концлогори на смртта, кои потоа Западот ги бара за чистење на својата валкана совест во Сибир кај Сталин и Советите. А всушност тие се измислица на суровите Англосаксонци во Австралија, Цејлон, Индија и Нов Зеланд. Ако го гледаме ТВ-каналот Хистори, што е англиски, ќе видиме дека на него нема ништо за тоа, а доминира единствено германскиот фашизам на Хитлер, покрај другото и со цел, како што забележува луцидно мојот Филип, да се скрие англискиот постар и можеби и поусовршен од германскиот фашизам.
Да, (хипо)тезата за појавата на фашизмот, мотивиран да ги одбрани капиталот и капитализмот е во ред. Само што капиталот и капитализмот во разни протејски облици се прастар модел на владеење, експлоатација не само на единката туку и на цели племиња и народи послаби и посиромашни од нивните лакоми завојувачи. Таквиот суров и империјален систем на владеење, драг читателу, ѝ е познат уште на антиката. Модерниот европски фашизам на западните колонијалистички нации само го усвојува и се приспособува камелеонски кон него. Се приспособува на антрополошката уметност на фашизмот со древни, па ако сакаме и со праисториски корени. Тој е залегнат во психологијата на ордата, за да се уништи за свој бенефит послабата орда, уште во праисторискиот палеолит. А тоа, пак, значи дека модерниот фашизам има палеолитско, праисториско лице. Тоа се вклопува во она што Фројд го дефинира со дијагностичката синтагма во таа смисла „архаични остатоци“.

Фашизмот е ликвидација на другиот за сопствена среќа, за среќа на сопственото племе, со што пак и пак доаѓаме на психопатологијата на палеолитската орда. Нема разлика. Моделот е ист. Тоа е моделот на егоизмот, кој во европскиот Запад е доведен до совршенство, а е мотивиран од лакомоста за грабеж на туѓи материјални богатства, при што тука во модерната европска епоха се вклучени и пљачкањата на домородните култури. Така, бродовите на Наполеон патуваа кон париски „Лувр“ со тешкиот товар на културолошки грабеж од Египет. А зад него не заостануваа и бродовите на другите европски колонијалистички нации, посебно меѓу нив англосаксонските, кои го наполнија Британскиот музеј со опљачкани уметнички артефакти од Африка до Индија и потаму. А пред нив тоа беа шпанските и португалските конквистадори, кои ги опљачкаа и уништија трите сјајни јужноамерикански цивилизации Маите, Инките и Ацтеките до последен грам злато. Малкумина знаат дека потоа така почна западниот католички барок постулиран на него. Оти Шпанците се познати како најревносни католици, за што сведочи и шпанската инквизиција, најсуровата во тој папски систем на пресметка со верската слобода на мислење. А всушност инквизицијата е уште еден многу речовит облик на западниот европски фашизам, кој го видовме потоа кај Франко и по него кај Хитлер. Потоа во перверзно софистицирана политичка форма го видовме и кај бриселска ЕУ. Но за тоа потоа ќе говориме. Доволно е сега само да ги исповрземе деликатно испреплетените линии на мрежата на западниот европски фашизам.
Од сѐ понапред реченото, јасен факт е дека фашизмот како континуална линија на егзистенцијален модел е западен изум и антрополошка уметност на колонијалистичка Европа, до денес присутна во ЕУ, за што е сведок македонското искуство со вавилонската ороспија. Но рековме, тоа го оставаме за вториот диптихонски дел на нашата колумна, драг читателу, ако се согласуваш. Мотивациската основа на тој фашизам се, рековме, егоизмот и материјалната лакомост што е маркирана како грев и во Библијата. Оти западниот европски човек на неговите колонијалистички нации никогаш не бил задоволен од радоста на елементарниот божествен живот на кој привикнале и му се радуваат сиромашните народи, кои се христолики и никогаш не ја размениле душата со Мефистофел (ѓаволот) како што го направи тоа западниот Фауст за свои егоистични цели. Тоа е елементарната слика на радосната егзистенција за која говори во една своја поема Алфред Валас, творец паралелно и независно од Дарвин на теоријата на еволуцијата, без разлика што Дарвин ја однесе славата за тоа. Неговата поема е инспирирана од животот на едно индијанско село во Амазонија во кое престојувал како антрополог.

Тој пишува во екстаза фасциниран од непосредниот божествен живот на неговите жители еве: „Индијанско село, секаде наоколу се простира мрачната/вечна бескрајна шума и нејзиното разнолико лисје. // Тука престојував некое време, единствен белец меѓу двесте живи души. // Секој ден ги повикува нова работа. // Жените со макотрпен труд копаат и од корењата на билки прават леб. / Секое утро и вечер се капат во блиската река: / како елегантни сирени чекорат во блескавата вода. // Малите деца скокаат наоколу голи, додека момчињата и мажите носат мало парче платно. // Ќе станам еден од нив, ќе живеам за да ловам и рибарам / да се лизгам низводно со својот чамец и да ги гледам моите деца / како растат како млад и див пород со спокоен ум и здраво тело // Ќе бидам богат без богатство / и среќен без злато“.
Прекрасно. Елементарен архаичен предел на среќно постоење, типичен за старите домородни цивилизации надвор од западната европска технолошка цивилизација. Во таквиот свој божествен пејзаж тие народи живееле според ритамот на природата сѐ додека не дошле кај нив европските конквистадори и секаков друг вид авантуристи што носат несреќа. Тие настапуваат на нивните бродови полни со смрт како освојувачи. Тоа е почетокот на европската колонизација на светот што почнува со Колумбо по неговото за домородците несреќно откривање на Америка, а според тоа како изгледа тоа освојување има многу сличности со европскиот модел на фашизам. Тоа е чисто дивјаштво на една ариевска култура, која себеси уште од Римската Империја наваму се смета за врвна. Така, на пример, Англосаксонците, кои и пред Хитлер го заведуваат модерниот европски фашизам, ликвидираат на најсуров начин 15 милиони Индијанци. Ги убивале и според моделот на црниот саркастичен англиски хумор, „хуманитарно“ со ќебиња полни со бактерии на тифус и други смртоносни болести. Не тукутака и Марија Захарова портпаролка на руската Дума во 2018 г. рече дека Англичаните се светски рекордери во геноцид. Тие вршат брутален геноцид и над Абориџините во Австралија, ликвидирајќи ги до 95 отсто. Тие се и првите изумители пред Хитлер и Сталин на концлогорите во Австралија, Нов Зеланд, Цејлон, Индија…
Тоа е тоа. Сега ти е јасно, драг читателу, зошто толку екстатично ја фали како откровение Валас елементарната божествена среќа на Индијанците во Амазонија при посетата на едно нивно село. Но таквата слика на домородните архаични цивилизации на планетата целосно ја уриваат западните колонизатори што доаѓаат во бранови од Европа: Англичани, Шпанци, Португалци, Холанѓани, а подоцна по нив и Германците и Белгијците. Нивните освојувачки походи се безмилосни, и покрај другото ги откриваат и ѕверот и ѕверството во човечката психа. Во случајот ѕверството на белиот западен човек, заслепен од својот ариевизам и патолошки нарцизам на надмоќна и од Господ дадена раса да владее со другите пониски и, според неа, нецивилизирани народи, од кои западните колонизатори, како што велеше перверзно Черчил, треба да направат цивилизирани „стабилни системи“.

Европското колонизаторство во светот од Јужна и Северна Америка до Африка и азискиот Пацифик се одвива во застрашувачки блицкриг-стил за кој не случајно знаел и Хитлер, па го примени во Втората светска војна. Почнувајќи од Колумбовото откривање на Америка во 1492 новите европски темплари и крстоносци за само неколку, три-четири децении успеаја сурово да ликвидираат цели цивилизации со многу висок степен на култура и знаења од математиката, астрономијата, астрологијата, медицината и уметноста, како што се Маите, Инките и Ацтеките во Јужна Америка. Во тој погром учествуваат шпанските и португалските конквистадори. Потоа доаѓа на ред ништењето на Индијанците со исто така богата домородна култура. Да не зборуваме, при крај сме, за исто така суровото европско колонизирање на прекрасната црна Африка. Црнците тука беа ловени од „цивилизираните“ Европејци со мрежи како животни, а потоа беа користени како робови. Па и големата неопфатна Индија исто така беше плен на европските колонизатори. Со неа владееја како цивилизациски супрематисти Англичаните цели три столетија, а тука со нив паралелно беа и Португалците. И тоа се Черчиловите „стабилни системи“ што ги креира европскиот колонијализам за свое садистичко задоволство и материјално пљачкање.
Неопфатна е нашата тема во оваа колумна, драг читателу. Тука сега ќе ставиме точка, а ќе продолжиме следната среда. Во епицентар ќе биде модерниот западен, сега и евроамерикански фашизам. Оти Американците ги подзаборавивме, но тие исто така имаат значаен влог во модерниот западен фашизам на 20 век, кој како што ќе видиме продолжува, има видливи знаци, и во овој 21 век. И пак благодарение на ариевскиот Запад на никој друг, кој сега за својот фашинагон ги прозива, Кина и од Русија според психолошкиот метод проекција, кога, како што би рекол Јунг, сенката на сопствената душа се проектира на друг. Сенката како симбол на темната страна на психата не само на единката туку и на цели колективи или народи, а според она за кое ние расправаме во овој наш есеј, драг читателу, дури и на една цела цивилизација, Западната, за што како што видовме постои реална основа да се изведе таков заклучок. Европа во ликот на нејзините колонизаторски нации (ние не сме во нив, ни Русите, Чесите, Словаците, Унгарците, Србите…), која направила толку многу злосторства низ светот што, како што рече во Катар Џани Инфантино во говорот на отворањето на Светското фудбалско првенство пред три години, треба да им се извинуваме на угнетуваните во светот ни помалку ни повеќе туку цели три илјади години. А нам Македонците за сите зла што ни ги направила и што сѐ уште ни ги прави ќе треба и повеќе од тоа да ни се извинува.

(продолжува)