Во многу од моите написи (стручни или популарни) сум зборувала за емоциите. Постојано нагласувам и тврдам дека емоциите се најбитните човечки психолошки функции и токму тие нè разликуваат од роботите (вештачката интелигенција). Ниту еден робот, колку совршено и да е конструиран, нема емоции и токму тука е стравот од немање контрола над него.
Да потсетам, емоциите се наоѓаат на најгорното скалило на човечката хомеостаза (внатрешна рамнотежа). Ако сакаме илустративно да го прикажеме тоа како дрво, во неговата основа се базичните рефлекси, имуни одговори и метаболна регулација, потоа следуваат однесувања поврзани со болка и задоволство, па драјвови и мотивација, за највисоко да се вреднуваат емоциите (примарни, социјални).
Факт е дека науката во модерното време стана примарна сила за човечкиот и планетарен напредок. Со тоа, научните и технолошки иновации имаат голем удел во материјалниот прогрес. Сепак, науката ги нема сите одговори, па затоа многупати луѓето се потпираат на духовноста. Колку повеќе луѓето се потпираат на материјалните бенефиции, игнорирајќи ги содржините што доаѓаат од нивниот внатрешен свет и растеж, толку етичките вредности исчезнуваат од нашите општества. Токму тоа е причината зошто се чувствуваме несреќни, со недостиг од правда и чесност меѓу луѓето, беспомошни, апатични. Токму затоа, неопходна е соработка на науката и духовноста за тие да нѐ потсетуваат на хуманоста, која од своја страна е неопходна за развој на човештвото.
Еден многу плоден дијалог помеѓу науката (претставена од познатиот психолог Даниел Големан) и духовноста (претставена со будистичкиот свештеник далај-лама), а преточен во извонредна книга, ни дава некои одговори за ваквите проблеми на современото живеење и ни открива за деструктивните емоции што сè повеќе се присутни во современиот свет.
Како деструктивни емоции, кои просто го трујат човештвото, се сметаат: омразата, претераната желба и делузиите (лажни мислења или верувања).
Зарем не е видливо колку омразата е вистинска причина за убиства, насилства и војни? Се работи за индивидуална омраза кон некого, или омраза кон цели групи и народи, што е особено изразено во војните. Зарем омразата не е присутна токму денес помеѓу Израелците и Палестинците или, пак, помеѓу Русите и Украинците? Таа ужасна омраза ги тера луѓето на страшни убиства, мачења, истребување цели групи… Лично мислам дека најсилна омраза се јавува спрема различните религиозни сфаќања или етничката припадност. Апелирам да не дозволиме омразата да завладее во нашава малечка и сиромашна држава!
А токму оваа омраза е резултат на специфични промени што настануваат во мозочната функција, кои со денешните технологии можат да се откријат. Во тој контекст, научно е докажано дека гама-активност во левиот среден фронтален гирус на мозокот се јавува кога се доживуваат позитивни емоции како среќа, ентузијазам, радост, силна енергија или вигилност (спремност за акција). Од друга страна, голема мозочна активност во десниот префронтален дел се јавува кога луѓето се потресени (тажни, загрижени, анксиозни). Со други зборови, ваквите состојби на нерамнотежа во мозочното функционирање на лево/десна активност во префронталните делови на мозокот се како некаков барометар за нашето расположение што ние го чувствуваме секојдневно. Во таа насока, кога луѓето имаат сочувство (емпатија) спрема нешто или некого, во мозочната активност доминира левострана активност и обратно.
Кога велиме претерана желба, мислиме на силна човечка активност да се постине некаква цел за што всушност се нема капацитет. Некој сака да стане личност што ќе биде препознатлива, славна, добро платена, а нема капацитет за тоа, па затоа презема активности спротивни на етиката и моралните вредности. Зарем не препознаваме многумина од нашето окружување со вакви карактеристики?
Најпосле и делузиите се означуваат како деструктивни емоции. Тоа се наши мислења, ставови, верувања или перцепции, кои не се одраз на реалниот свет и случувањата, туку фантазми за тоа што личноста им ги припишува како карактеристики. Убаво е да се има фантазија за нешто или околу нешто, ама тоа да биде во насока на креативност, а не интерпретација на нереални состојби или случувања. Токму таквите делузии можат да се деструктивни.
Можеби деструктивните емоции имале место во еволуциониот развој како начин на преживување? Меѓутоа токму модерната невронаука покажа кои мозочни кругови (циркуити) се инволвирани во деструктивните емоции, почнувајќи од претераните желби присутни при зависностите до оние што го интензивираат стравот кај разните фобии или неконтролираната злоба кај масовните убијци.
Токму затоа еден дијалог помеѓу науката и духовноста е најбитен во овие „растроени“ времиња. Неопходно е да се раздвижат позитивни антидоти (антиотрови) против деструктивните емоции, а преку интелектуално активирање.
Во таа насока како основна лекција во животот треба да биде целосно внимание и самосвесност со самоконтролирана одговорност, заедно со емпатија и сочувствување, вештини што им дозволуваат на луѓето да ги надминат сопствените деструктивни емоции.
И духовноста и науката нѐ учат како да ги контролираме дишењето, мозочните бранови, телесната температура, срцевиот ритам, кожната спроводливост. Духовноста тоа го постигнува преку медитација или тренирање на умот и вежби на mindfulness (состојба на активна и отворена сконцентрираност на сегашноста). Од друга страна, науката овозможува преку хемиски супстанции (лекови, дроги) да се надминат токсичните емоции и да се обезбедат подобри расположенија. Дополнително, науката пронајде многубројни алатки за тренирање на умот и надминување на негативните емоции, како што е на пример неуврофидбек-методот.
Во медитацијата се учат три основни медијативни состојби: визуализација, концентрација и поттикнување на сочувството. Како најосновен метод сепак се смета учење на целосна концентрација на еден единствен предмет, при што се постигнува надминување на илјадници мисли или желби што го преплавиле нашиот мозок. Значи, концентрацијата е најосновната форма на мозочен тренинг. Именувана *отворена состојба*, оваа состојба подразбира свесна ситуација на умот, состојба без страв, широка и свесна, без некоја намерна ментална активност. Значи, мозокот не е насочен на ништо, но сепак е во тотално присутен начин, многу отворен и нерастроен (мирен). Со други зборови, медитацијата овозможува состојба на умот без никаков страв, длабока доверба дека ништо не може да нѐ измести, да останеме резистентни на каква било аверзија спрема некого/нешто. Вие влегувате во оваа состојба на умот во која чувствувате дека што било да се случува околу „немаме ниту да изгубиме ниту да добиеме“. Медитацијата исто така отвора врата да се биде сочувствителен, да се ставиме во чевлите на другиот, кој страда, да му овозможиме радост.
Конечно, визуализацијата нѐ учи како преку очите на умот да добиеме слика на постојните детали и да создадеме целосна слика, од дното до врвот. Во науката постојат разлики во когнитивната активност, како што се визуализација и концентрација.
Постојат многу научни методи што помагаат вежбање на овие две состојби и повторно да го споменам неврофидбекот, кој јас лично го користев во мојата многугодишна практика. Преку оваа техника се учи како да се релаксираме, да го контролираме стресот, правилно да дишеме, да ја смалиме кожната отпорност, да влијаеме на срцевиот ритам, да ја зголемиме температурата на периферија на телото (рацете на пример), како да се сконцентрираме…
Сето ова се овозможува преку способноста на нашиот мозок за пластицитет. Токму пластицитетот на мозокот значи способност некои оштетени делови на мозокот и функции да се заменат со други и да се надминат ограничувањата.
И ако на крајот на овие размисли се запрашаме за смислата на животот, тогаш тоа би биле љубовта (спрема некого, или нешто) и креативноста (како најширок поим, почнувајќи од уметноста, поезијата, сликарството или ракотворењето). И повторно, сето тоа е поврзано со емоциите како најбитни психолошки функции на хуманиот род, кои треба да се негуваат и да се учиме како да ги прикажеме уште од најмалата возраст. Секој има потреба од љубов, особено најмалите, а како велат старите – никој не умрел од преголема љубов! Значи, да сакаме и да бидеме креативни, така ќе ги надминеме деструктивните емоции, кои ги загрозуваат хуманиот род и напредок.